Европа
Националната гарда на Украина загубила 64 припадника во борбите на истокот
Загубите на баталјоните на специјалните сили на министерството за внатрешни работи на Украина и на Националната гарда изнесуваат 64 припадници во текот на четиримесечните борби во југоисточните региони, соопшти во четвртокот советникот на министерот за внатрешни работи Антон Герашченко.
„Вкупно загинаа 32 борци на Националната гарда и 32 полицајци од баталјонот на полицијата за специјални намени од почетокот на специјалната операција (од април) во борбите со сепаратистите“, напиша Герашченко на својот профил на Facebook, пренесуваат украинските медиуми.
Претходно Герашченко објави дека само во борбите за Иловајск, град на 35 километри источно од Донецк, главниот центар на проруските бунтовнички сили, загинале 16 украински специјалци, што е 25 отсто од вкупниот број од 64 загинати припадници на специјалните единици на министерството за внатрешни работи и на Националната гарда од почетокот на борбите во источните региони на Украина.
Исто така, Герашченко прецизира дека во текот на антитерорстичката операција на истокот, како што официјален Киев ја именува операцијата во рускојазичните региони, доброволечкиот баталјон „Донбас“ загубил осум борци и има 12 ранети. Баталјонот „Азов“, пак, загубил пет припадници и има 11 ранети од почетокот на операцијата, а кај Иловајск загубил двајца борци и седум биле ранети, додека баталјонот „Днепр“ пријавил двајца загинати и седум ранети припадници од април.
Бунтовниците претходно во четвртокот соопштија дека за време на борбите во текот на изминатата ноќ загинале 30 украински борци и 50 биле ранети, но не соопштија за своите загуби.
Според бунтовниците, централните и западните населби на Иловајск биле нападнати од баталјонот „Шахтерск“ на Националната гарда со кои воделе борби преку ноќ. Националната гарда соопшти во средата дека градот е под контрола на баталјонот „Донбас“, меѓутоа во четвртокот проруските бунтовници тврдеа дека украинските сили се навлезени само во една населба од градот.
Борбите за Иловајск се водат веќе втора седмица, бидејќи контролата врз овој град на украинските сили ќе им овозможи да го стават во полуопкружување регионалниот центар Донецк и да избијат до источната граница на донецко-макаевската област./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се обидува да ја вовлече Унгарија во војната меѓу Украина и Русија.
„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работевте на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.
Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.
Open Letter to President Volodymyr Zelenskyy
Mr. President,
For four years, you have been unable to accept the position of the sovereign Hungarian government and the Hungarian people regarding the Russia–Ukraine war.
For four years, you have been working to force Hungary into…
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) February 26, 2026
Обвинувања за нафтоводот Дружба
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот пријателство“, или нафтоводот Дружба, за кој тврди дека е клучен за снабдувањето со енергија на Унгарија.
„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.
„Ве повикувам веднаш повторно да го отворите нафтоводот и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото со дата, Будимпешта, 26 февруари 2026 година.
Во писмото, тој не споменува дека војната ја започнала Русија, која започнала целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.

