Европа
Над 110 полицајци повредени во безредијата во Брисел

Белгиските власти објавија дека 112 полицајци се повредени за време на немирите кои избувнаа во четвртокот попладне за време на синдикалните протести против социјалните и фискалните политики на новата федерална влада на Белгија, пренесе во петокот навечер радиото RTL.
Протестите на коишто според различни извори учествувале меѓу 100 и 120 илјади луѓе завршија со безредија во близина на Јужната станица во белгиската и европската престолнина. Група неидентификувани агресивни млади луѓе со камења ги нападнаа полицајците, а потоа палеа контејнери за смет по улиците, уништуваа сообраќајни знаци, кршеа прозорци и излози на околните објекти и превртуваа паркирани автомобили. Бриселската полиција за растерување на групата беше принудена да употреби солзавец и водени топови.Според весникот Libre Belgique, белгиските антифашисти тврдат дека насилството го предизвикале припадници на неонацистичките организации. Од друга страна, градоначалникот на Брисел, Иван Мајиор ги повика властите на фламанскиот град Антверпен да влијаат врз пристанишните работници од овој град, кои наводно биле препознаени меѓу групата која демолираше по нивните специфични работни кобинезони.Од вкупно 112 повредени полицајци, неколкумина се хоспитализирани, а повеќе од 20 се на боледување, главно поради скршеници.Покрај тоа, во безредијата е предизвикана и значителна материјална штета. Процените на штетата само на општинскиот имот и на дуќаните во близина на местото на немирите се движат над 1,2 милиони евра. Целосно изгореле 11 автомобили, а 62 биле значително оштетени.Во четвртокот бриселската полиција приведе 13 лица. Во петокот е уапсен уште еден маж кој е осомничен дека повредил дури пет полицајци. Покрај тоа, полицијата се обидува да ги идентификува поттикнувачите на безредијата со помош на снимките од надзорните камери, како и од кадри и фотографии од медиумските извештаи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Ковчегот на папата Франциско затворен, погребот в сабота наутро

Од средата наутро, кога телото на покојниот папа Франциско беше пренесено во базиликата „Свети Петар“, низ неа поминаа 150.000 луѓе од целиот свет. Ковчегот на папата беше затворен вечерва, а погребот ќе се одржи в сабота наутро.
Пред церемонијата на запечатување, во ковчегот на папата беа поставени 12 монети, по една за секоја година од неговиот понтификат, како и краток запис и извештај за неговото папство. Церемонијата ја водеше кардиналот Кевин Фарел, камерлегно на Светата Римска црква.
Реки верници доаѓаат во Рим за да присуствуваат на утрешниот погреб на папата Франциско, а се очекува и пристигнување на бројни делегации од целиот свет.
Во Рим се воведени строги безбедносни мерки, со илјадници волонтери и полицајци, систем против дронови, снајперисти на покривите и борбени авиони подготвени за полетување.
Европа
Жена во Шпанија ја продала новородената ќерка за 2.000 евра на двојка која не можела да има деца

Шпанската полиција уапси 37-годишна жена која ја продала својата новородена ќерка на пар кој се лекува од неплодност, јавува АФП.
Полицијата соопшти дека жената била уапсена минатиот месец во Мостолес, јужно предградие на Мадрид. Брачен пар осомничен за купување дете и двајца нивни роднини беа уапсени во јужниот град Кордоба.
Според прелиминарната истрага, жената се согласила да им ја предаде својата новородена ќерка на двојката за 2.000 евра. Сепак, по породувањето, таа се предомислила и побарала да ѝ го вратат детето.
Двојката, според АФП, одбила да го врати бебето освен ако жената не им го врати платениот износ, плус дополнителни 1.000 евра за покривање на трошоците што тврделе дека ги направиле во текот на месецот што го поминале со неа во Кордоба пред да се роди детето.
Полицијата започна истрага откако една жена поднесе жалба тврдејќи дека семејство во Кордоба го „киднапирало“ нејзиното новородено бебе. Детето е предадено во центар за заштита на деца во Кордоба. Полицијата, исто така, објави дека властите ѝ одзеле уште шест деца на жената во 2022 година поради занемарување.
Европа
Зеленски: Подготвени сме да разговараме за територија, но само под еден услов

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денес дека Украина ќе биде подготвена да разговара за територијални прашања како дел од мировните преговори, но само откако Русија ќе се согласи на целосен и безусловен прекин на огнот.
„Целосно и безусловно примирје отвора можност да се разговара за сè“, изјави Зеленски пред новинарите во Киев.
Тој ја коментираше и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во интервју за „Тајм“ изјави дека „Крим ќе остане со Русија“.
„Она што го кажува претседателот Трамп е вистина. Се согласувам со него дека денес немаме доволно оружје за да ја вратиме контролата врз Кримскиот Полуостров“, рече Зеленски.
Да потсетиме дека украинските претставници претходно решително ја отфрлија можноста за какви било територијални отстапки во замена за мир со Русија.