Европа
Најмалку 45.000 луѓе на антивладини протести во Брисел
Речиси 45.000 луѓе се собраа во четвртокот на големиот национален протест против владата на белгискиот премиер Шарл Мишел, соопшти белгиската полиција, додека организаторите тврдат дека имало 70.000 учесници на протестот.
Ова беше четвртиот голем протест откако владата на десниот центар пред две години ја презема должност, воведувајќи иницијатива како што се реформа на пензискиот систем и контроверзната реформа на работната седмица од 38 часа.
Протестот го организираа трите главни синдиката во желбата да се слушне нивната порака дека „оваа не е среќна годишнина“. Синдикатите тврдат дека во четвртокот во протесната поворка во центарот на Брисел учествувале 70.000 луѓе, пренесува агенцијата Belga.
Протестите во белгиската престолнина се одвиваа под слоганите „Не ги фаќајте моите 38 часа“ и „Достоинството дава работа“.
„Оваа влада е најмногу антисоцијална во последните триесет години“, изјави потпретседателот на социјалистичкиот синдикат FGTB, Руди Де Леув. Генералниот секретар на овој синдикат, Марк Гоблет се закани, пак, се генерален штрајк, доколку владата не одговори на барањата на синдикатите.
Јавниот транспорт во Брисел поради протестите се одвиваше многу намалено, а погоден беше и сообраќајот на регионалните возови и автобусите. Националната железничка компанија соопшти дека сообраќајот се одвивал според планот.
Коалициската влада на премиерот Шарл Мишел ја вклучува неговата франкофона либерална партија – Реформаторското движење, Фламанската либерална партија, фламанската Христијанско-демократска партија и првпат во една влада влезе и националистичката партија N-VA. Оваа влада стапи на должноста во октомври 2014 година./крај/мф/сн
Извор: Belga
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.