Европа
Не стивнува одушевувањето во Прага од идејата Ивана Трамп да биде амбасадор на САД

Претседателот Милош Земан и другите чешки политички челници одушевено реагираа на идејата на Ивана Трамп, поранешната сопруга од чешко потекло на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, да стане амбасадорка на САД во Прага.
„Тоа би бил извонреден избор. Вашингтон не може да испрати во Прага подобра амбасадорка“, истакна во соопштението од средата чешкиот претседател Милош Земан, кој веќе срдечно го поздрави изборот на Доналд Трамп и за кого велат дека и самиот сака да биде „чешкиот Доналд Трамп“.
„Доколку госпоѓа Трамп тоа го сака, и доколку така одлучи претседателот Трамп, врските меѓу САД и Чешка ќе бидат дополнително зацврстени“, изјави премиерот Бохуслав Соботка за државното радио CRo.
Ивана Трамп, родена 1949 година, како Ивана Зеленицкова во Готвалд, денес Злин, на истокот од сегашна Чешка, неодамна за весникот New York Post, се довери дека сака да стане амбасадорка во Прага.
„Предлагам да ме именуваат за амбасадорка во Чешка“, изјави во петокот за овој дневен весник. Таа смета дека „нејзиното познавање на чешкиот јазик и славата во татковината би можеле да претставуваат големи предности“ во текот на евентуалната дипломатска мисија.
Поранешната скијашка тркачка и манекенка која стана деловна жена, Ивана Зеленицкова, во 1977 година се венча со Доналд Трамп со кој има три деца, Доналд Џуниор, Иванка и Ерик, и од милијардерот се разведе во 1992 година.
Нејзиното именување на местото амбасадорка во Прага би бил „интересен избор“, изјави Томаш Пруза, чешкиот државен секретар за надворешни работи. Тој потсетува дека меѓу американските амбасадори во минатото имало многу малку професионални дипломати.
Поранешната холивудска ѕвезда „Ширли Темпл Блек беше извонредна амбасадорка на својата земја во Прага во времето на ’Кадифената револуција’во1989година“, потсетува Пруза./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
„Политико“: Орбан посеа паника во ЕУ

Една недела пред состанокот на Европскиот совет на кој ќе се разговара за иднината на Украина, ЕУ е во паника поради односот на Виктор Орбан.
Унгарскиот премиер се противи на одлуката за приклучување на Украина во ЕУ и обезбедување финансиска помош од 50 милијарди евра. Во две писма до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Орбан јасно стави до знаење дека наместо тоа, сака да одржи стратешка дебата за поддршка на Киев.
Иако ова не е првпат Орбан да се заканува дека ќе го искористи правото на вето, тројца високи дипломати признаа дека овој пат е поинаков, пишува „Политико“.
Сега влогот е поголем, роковите се пократки, а на Унгарија и требаат повеќе пари од општиот буџет, кој не и е достапен поради непочитување на владеењето на правото, анализира медиумот. Унгарскиот државен секретар за јавна дипломатија и односи Золтан Ковач неделава ги демантираше овие шпекулации и посочи дека ставот на неговата влада за потребата од ревидирање на долгорочниот буџет на ЕУ не е поврзан со блокираните средства.
Мислењата на дипломатите за Унгарија се поделени: едни сметаат дека Орбан е решен да ја повлече европската помош од Украина, други веруваат дека тој едноставно се обидува да го уценува Брисел.
Меѓу нив е и францускиот претседател Емануел Макрон, кој за време на вечерата ќе се обиде да најде компромис со унгарскиот лидер. Дипломати од други земји најмногу ја поддржаа ваквата иницијатива, но некои критичари потсетија дека претходните преговори на Макрон со Трамп и Путин биле неуспешни.
Според написите, и Шарл Мишел веќе се обиде да постигне договор со Обран во Будимпешта и поради тоа ќе го прекине патувањето во Пекинг за да ги продолжи преговорите.
Медиумот пренесува дека песимистичките чувства се повеќе се шират во ЕУ. Белгискиот претставник Вилем ван де Ворд изјави дека исходот од самитот е непредвидлив. Друг дипломат смета дека без разлика дали на Орбан му требаат пари или тоа го прави од принцип, „факт е дека и помага на Русија“, а Европа не треба да го фаворизира туку да му се спротивстави.
Во коридорите на моќта се разговара за алтернативни планови, како што е испраќање помош за Киев заобиколувајќи го унгарското вето. Дополнително, се предлага да се организира уште еден самит во јануари и да се обиде повторно да го покрене ова прашање, пишува „Политико“.
Европа
Тис: Доколку избие војна во Европа, ќе се браниме со камења

Очајот во европските метрополи кога станува збор за воено индустриското производство само расте, анализираат медиумите во регионот.
Според написите, европските резерви на оружје во голема мера се на рекордно ниско ниво, а брзото започнување на воената индустрија која би почнала да произведува доволно количество оружје и опрема за краток временски период не е возможно по толку многу децении запоставување.
Потврда за тоа колку е мрачна ситуацијата во овој поглед доаѓа од Белгија. Имено, на белгиската армија и недостигаат оружје и пари, поради што војниците „би требало да фрлаат камења“ набргу по почетокот на каков било конфликт, изјавил поранешен висок припадник на белгиската армија, генерал Марк Тис, пренесува „Политико“.
Тис, кој неодамна се пензионираше со чин генерал-полковник, во вторникот на јавниот сервис „ВРТ“ вели дека обезбедувањето на залиха оружје за одбрана од напад кој би траел до два месеци ќе бара инвестиција од 5 до 7 милијарди евра, што е многу повеќе отколку што моментално издвојува локалната власт.
„Доколку избие војна овде, ќе мораме да фрламе камења по само неколку часа поради недостаток на оружје“, рече Тис.
„Политико“ оценува дека недостигот на оружје ја остава Белгија со војска од каменото доба.
Откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари минатата година, западните влади го снабдуваат Киев со оружје за да му помогнат да ги одврати нападите на Москва и да ја зајакне нејзината одбрана.
Сепак, производителите на оружје во европскиот блок се борат да го зголемат капацитетот за да го обноват производството и да ги задржат залихите кои се исцрпуваат бидејќи оружјето се испорачува на исток, особено кога станува збор за муниција од 155 милиметри. Ова значи дека Европската унија речиси сигурно ќе пропадне кога станува збор за исполнување на целта што си ја наметна во однос на испораките за Украина, се забележува во написите.
Иако нападот врз Белгија е малку веројатен, недостигот на оружје ја става во фокус одржливоста да се продолжи со снабдување со оружје за Украина доколку залихите на земјата се исцрпат до максимум.
Во ноември, кратко по пензионирањето на Тис, белгиската влада потпиша дводецениски договор со локалниот производител на оружје „FN Herstal“, вклучувајќи и муниција, но испораката на договорените количини ќе потрае.
Европа
Претседателски избори во Русија на 17 март, за прв пат ќе гласаат и жителите на Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон

Горниот дом на рускиот парламент изгласа претседателските избори во Русија да бидат на 17 март 2024 година. Одлуката беше донесена едногласно со 162 гласа во Советот на Федерацијата.
„Со оваа одлука всушност ја започнуваме изборната кампања“, изјави Валентина Матвиенко, претседател на Советот на Федерацијата.
Таа додаде дека за прв пат на изборите ќе гласаат жителите на делови од украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои беа припоени од Русија.
„Со заеднички избор на претседател на земјата, целосно ја споделуваме одговорноста и судбината на нашата татковина“, рече Матвиенко.
Претседателот Владимир Путин се уште официјално не ја објавил својата намера да се кандидира за нов шестгодишен претседателски мандат.
Право на глас во Русија имаат околу 110 милиони луѓе, но обично 70-80 милиони излегуваат на гласање.