Европа
Неизвесни парламентарни избори во Ирска
Избирачките места во Ирска беа отворени во петокот во 8 часот, а ќе се гласа до 23 часот, за парламентарните чиј исход е неизвесен, имајќи предвид дека од владејачката партија Фине Гел (Fine Gael) се очекува да ја задржи водечката позиција, но без доволно мнозинство за составување влада.
Се очекува дека ниедна партија нема да освои мнозинство на ирските парламентарни избори, што значи дека двете најголеми Фине Гел и Фијана Фол (Fianna Fail), ќе мора да се обидат да состават голема коалиција.
Околу две илјади избирачи коишто живеат на 12 изолирани острови на западот и северозападот од земјата гласа претходно во четвртокот за да може нивните гласачки ливчиња кои ги превезува хеликоптер да дојдат точно на време на пребројувањето кое е предвидено за сабота.
Изборниот систем во Ирска е пропорционален, заснован со уставот од 1973 година, со единствениот преносен глас (ткн PR-STV). Опфаќа две пребројувања на гласовите и ќе биде потребно најверојатно да се почека до недела за да се добијат конечните резултати, за коишто може да се чека и подолго.
Првите тенденции во гласањето ќе бидат познати дури во саботата утрото преку анкетите на излегувањето од избирачките места кои ќе ги објави националната телевизија RTE пред почетокот на пребројувањето на гласовите предвидено за сабота во 10 часот.
Анкетата на Irish Times покажа дека Фине Гел има поддршка од 28 отсто од избирачите, три процентни поени помалку отколку што имаше на почетокот од кампањата. Нивниот малцински коалиционен партнер лабуристите имаа 6 отсто, што исто така е пад од два процентни поена. Се прогнозира дека овие две партии, коишто се во коалиција од 2011 година, тешко ќе можат да остварат парламентарно мнозинство. За неа потребно 79 места во парламентот, а анкетите им прогнозираат 68 мандати.
На републиката партија Шин Фејн (Sinn Fein), исто така, ѝ е намалена поддршката, па во моментов има 15 отсто, а партијата Фијана Фол, со којашто сегашниот премиер Енда Кени однапред ја отфрла коалицијата, го зголеми својот рејтинг на 23 отсто.
Последните анкети даваат ветер во грб во независните кандидати и на помалите партии како Социјалистите и Зелени. Анкетите предвидуваат дека тие вкупно може да освојат 28 отсто од гласовите./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.