Европа
Одбележување 150 години од првата Женевска конвенција
Пред 150 години на овој ден беше усвоена првата Женевска конвенција за подобрување на условите на повредените и болните во воени судири на копно, втемелувајќи ја на тој начин во меѓународното право идејата дека, дури и во време на војна, мора да биде загарантиран одреден минимален степен на хуманост. Швајцарија и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), кои во тоа време заеднички помогнаа да се обезбеди прифаќање на меѓународното хуманитарно право во светски рамки, сега повикуваат на подоследно придржување кон овој принцип, во недостиг на ефективни механизми за негова примена низ светот.
Денешните војни немаат многу заеднички работи со битките од 19 век. Од јасно дефинирани бојни полиња борбите постепено се префрлија на населени простори. Традиционалната војна помеѓу армииите на завојуваните држави стана исклучок, додека немеѓународните конфликти станаа правило. Денес цивилите се главните жртви од вооружените конфликти.
Меѓународното хуманитарно право се прилагоди кон оваа промена. Потресени од разорноста и страдањата од Втората светска војна, државите во четирите Женевски конвенции од 1949 година договорија опсежна заштита за оние лица кои не учествуваат или повеќе не учествуваат во непријателствата – повредени и болни војници, воени затвореници и цивили. Оваа основа на меѓународното хуманитарно право во 1977 и 2005 година беше проширена со три дополнителни протоколи. Употребата на одреден вид оружје, како биолошко или хемиско оружје, касетни бомби и противпешадиски мини е нашироко забранета. Законот постави ограничувања за да ги заштити најранливите лица од бруталноста на војната. Неговата имплементација исто така доживеа одреден напредок, на пример, при обуката на војници или при гонењето на најголемите воени злосторства, а особено благодарение на основањето на Меѓународниот кривичен суд (МКС).
И покрај тоа, секојдневно добиваме ужасни известувања и слики од светот кои сведочат за невидени страдања во вооружените конфликти. Премногу често овие страдања се резултат на сериозни кршења на меѓународното хуманитарно право, во чија основа лежи нашиот колективен неуспех. Во Членот 1 кој им е заеднички на сите четири Женевски конвенции од 1949 година државите се договорија „во секакви услови да ги почитуваат и да го загарантираат почитувањето“ на овие Конвенции. Сепак досега не успеаја себеси да си ги обезбедат ресурсите потребни за одржување на нивните ветувања. Меѓународното хуманитарно право од неговите зачетоци има недостаток на механизми за осигурување на ефективно придржување кон него. Често овој недостаток значи смрт и пустош за лицата погодени од војна.
Принципите на меѓународното хуманитарно право имаат универзална важност. Сепак, нивното опстојување не е засекогаш загарантирано и бара постојан напор. Правото кое постојано се крши, без тоа да предизвика јасна реакција, ризикува да ја изгуби својата важност со текот на времето. Последиците за жртвите на вооружените конфликти кои би настанале не можат ниту да се замислат.
Затоа Швајцарија и МКЦК од 2012 година водат разговори со сите земји за да се изнајде најдобриот начин да се подобри почитувањето на меѓународното право. Нивната работа се базира на мандатот доделен од страна на 31-та Меѓународна конференција за Црвениот крст и Црвената полумесечина. Тие се убедени дека на државите им е потребен форум кадешто заеднички ќе можат да одлучуваат за мерките потребни за да се постигне поголемо почитување на меѓународното хуманитарно право. Тие треба да имаат редовни и систематски дискусии за тоа како ги исполнуваат своите обврски. Форумот би им помогнал на државите постепено да добијат општа слика за тоа како се исполнуваат овие обврски и како се пристапува кон предизвиците што произлегуваат. Врз оваа основа конечно државите ќе можат да преземат чекори за зајакнување на примената на законот, на пример, помагајќи си меѓусебно за развивање на вештините и капацитетите потребни за исполнување на нивните обврски. Тие исто така би можелемеѓусебно да се информираат за новостите и да разменуваат мислења за најефективните мерки за справување со оваа често комплексна задача.
Форумот на држави исто така би создал услови потребни да се гарантира дека новите форми на војување (како, на пример, новата технологија на оружје) ќе бидат диктирани од законот, а не обратно. За тоа е потребен редовен дијалог за актуелните прашања од областа на меѓународното хуманитарно право. Исто така е важно државите да располагаат со соодветен инструмент за одговор на сериозни кршења на меѓународното хуманитарно право, за превенција на такви кривични дела во иднина и за заштита на цивилното население од понатамошно страдање. Особено би бил соодветен механизам за истражување на причините на овие прекршувања.
Во согласност со нивниот мандат Швајцарија и МКЦК ќе достават конкретни препораки за основање на таков форум на 32-та Меѓународна конференција на Црвениот крст и Црвената полумесечина којашто ќе се одржи во Женева кон крајот на 2015 година. Во таа прилика државите ќе одлучат какви чекори ќе бидат преземени.
Од усвојувањето на првата Женевска конвенција пред 150 години меѓународното хуманитарно право стана централен столб на меѓународното право. Конечно, неговите одредби служат за зачувување на нашата суштинска карактеристика како човечки суштества: нашата хуманост. Тоа е неотповикливо право. Се заснова на вербата изградена низ вековите и во сите наши култури, според која е неопходно да се утврдат правила, ако сакаме да спречиме војните да се претворат во варварство. Нашата генерација треба да ги консолидира овие достигнувања и да создаде институционална рамка за да се осигура почитување на овие правила. Ако треба да биде целосно ефективен, на законот му се потребни соодветни иунструменти. Никогаш во историјата на човештвото не сме биле поблиску до решение како денеска. Нам ни останува да ја искористиме приликата.
Автори:
Дидие Буркхалтер – Претседател на Швајцарската Конфедерација
Петер Маурер – Претседател на Меѓународниот комитет на Црвениот Крст (МКЦК)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.