Европа
Оланд, Меркел и Путин побараа од Пoрошенко продолжување на примирјето
Рускиот претседател Владимир Путин го повикал украинскиот колега Петро Порошенко да го продолжи прекинот на огнот кој истекува во понеделник навечер во новиот телефонски разговор во неделата попладне во кој учествувале и францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел, соопштија Елисејската палата и Кремљ.
„Повикот е упатен до Порошенко да го продолжи прекинот на огнот кој би требало подолго да потрае“, соопшти Кремљ по телефонскиот разговор на четворицата челници.„Претседателот на Републиката и канцеларката Меркле во првата половина на денот имаа телефонски разговор, во текот на кој повеќе од два часа ја разгледуваа ситуацијата во Украина заедно со претседателот Путин и претседателот Порошенко“, се вели во соопштението на кабинетот на францускиот претседател Оланд.Според Елисејската палата, челниците на Франција и Германија „ја истакнале неопходноста од преземање натамошни конкретни чекори со цел да се стабилизира ситуацијата во Украина од аспект на безбедноста, од продолжување на прекинот на огнот и остварување на мировниот план претставен од украинските власти“.Челниците, исто така, ги истакнале надежите искажани по состанокот на Советот на Европската унија од 27-ми јуни, и очекувањата на првите резултати до понеделник 30-ти јуни.„Франсоа Оланд и Ангела Меркел, ги повикаа претседателите Украина и Русија да работат на воспоставување на механизмот за набљудување на прекинот на огнот и ефикасна контрола на границата со мониторинг на ОБСЕ, почеток на реализацијата на мировниот план на претседателот Порошенко, како и натамошно ослободување на заложниците“, се вели во соопштението на администрацијата на францускиот претседател.Во соопштението на Кремљ се потврдува дека четворицата челници во текот на разговорот се договориле за можноста за испраќање на набљудувачи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на граничните премини на руско-украинската граница. Притоа било позитивно оценето ослободувањето на набљудувачите од мисијата на ОБСЕ и продолжување на преговорите.Украинскиот претседател Порошенко најави дека во понеделник повторно ќе разговара со Оланд, Меркел, и Путин, и истакна дека четиристраниот телефонски разговор ќе биде воден неколку часа пред истекот на примирјето во рускојазичниот регион Донбас во кој живеат повее од седум милиони луѓе. Во настојувањето да се прекинат повеќе од двомесечните судири, Порошенко и проруските бунтовници во саботата известија дека примирјето коешто требаше да заврши во петокот навечер е продолжено до 21 часот по средноевропско време во понеделник. Самопрогласениот премиер на самопрогласената Народна република Донецк, Александар Бородај во неделата соопшти дека следниот круг преговори со претставниците на власта во Киев би требало да се одржи во вторник 1-ви јули. Засега не е познато дали ќе биде договорено уште едно продолжување на примирјето. Примирјето е првиот чекор од мировниот план на претседателот Порошенко во 15 точки, кој предвидува и децентрализација на власта, како и делумно враќање на употребата на рускиот јазик во училиштата и претпријатијата, откако го загуби статусот на службен јазик кога кон крајот на февруари новите прозападни власти го укинаа законот за јазиците./крај/мф/сн
Извор: AFP/РИА Новости/Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

