Европа
Оланд не се откажува од реформите за законот за труд
Францускиот претседател Франсоа Оланд, изјави во вторникот дека „нема да попушти“ во врска со реформата на законот за работни односи, и покрај масовните улични протести ширум земјата и бунтот на солиден дел од неговата левица.
„Нема да дозволат, бидејќи премногу влади досега попуштаа“, порача претседателот Франсоа Оланд за француското радиото Europe 1 на почетокот од уште една седмица во која се најавени протести на повикот на најголемите француски синдикати кои законот го сметаат за лош кој ги фаворизира работодавачите за сметка на полесното отпуштање на вработените.
„Овој закон ќе мине, бидејќи за него се дискутираше, се договараше и бидејќи е исправен и дополнуван. Повеќе сакам да ме паметат како претседател кој спровел реформи, отколку како претседател кој ништо не сторил“, изјави Оланд, тврдејќи дека отсега ја има поддршката на синдикатите кои се заземаат за реформи на францускиот пазар на трудот и на повеќето социјалистички пратеници.
Одвај избегнувајќи го минатиот четврток бунтот на дисидентите во својата партија во средата, францускиот претседател Франсоа Оланд, чиј рејтинг на една година пред претседателските избори е на историско најниското ниво, е ставен во многу непријатна позиција.
Целта на реформите е да се ублажат прописите на работното законодавство за да се намали невработеност чија стапка е 10 отсто од населението. Меѓутоа, критичарите истакнуваат дека законот премногу им оди на рака на работодавачите и дека може да ја зголеми несигурноста на работниците, а според синдикатите ова реформа ќе им овозможи на компаниите да ги кројат платите и условите за работа според свои правила и потреби, без да ги почитуваат националните законски стандарди.
Противниците на реформите протестираат изминатите два месеца. Медиумите наведуваат дека бројот на демонстрантите можеби и се намалил, како што тврди полицијата која објавува процени за масовноста на протестите, но се радикализирале по избувнувањето на судирите во кои имаше стотици повредени и притворени, а причинети беа и големи материјални штети,
„Доста беше кршење“, предупреди претседателот Оланд во вторникот, велејќи дека издал „точни упатства“ за „репресијата“ да не го оневозможи правото на протест. „Протестирањето е право, а кршењето е кривично дело“, истакна.
Според Оланд, од почетокот на протесното движење, имало „повеќе од илјада уапсени, 60 судски пресуди и 350 повредени полицајци“./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.