Европа
Опсадна состојба во германски град поради можен терористички напад
Германската полиција објави дека евакуира една зграда во источниот град Хемниц во саботата поради сомневања дека се планира бомбашки напади и ги повика жителите од населбата да не излегуваат од своите домови, а антитерористичката операција трае веќе неколку часови, пренесуваат медиумите повикувајќи се на полицијата во Дрезден.
При претресот на еден стан се слушнала експлозија, но според полицијата нема приведени осомничени.
Експлозијата која се слушна беше полициска мерка со цел да се влезе. Бараното лице не пронајдено“, објави на Twitter полицијата.
Официјално полицијата не дава детали и ги замоли очевидците да не поставаат фотографии и видеа на социјалните мрежи, за да не ја попречуваат работата на органите за спроведување на редот. За граѓаните кои се на работните места е отворена директна линија за контакти и информации.
„Замолуваме, оние кои се наоѓаат во областа која е обезбедена, да не ги напуштаат становите, следат инструкции на полицијата овде (на Twitter) и на интернет страницата “, се наведува во објавата на полицијата на сојузната покраина Саксонија.
Според локалните медиуми, полицијата уште претходниот ден добила информација за можни подготовки за терористички напад со експлозивни направи. Бројот на осомничените не е познат. Правосудните органи не исклучуваат дека може станува збор за група напаѓачи./крај/мф/сн
Извор: DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Големо повлекување на „кока-кола“ и на другите омилени пијалаци во Европа: се огласи компанијата
„Кока-Кола“ почна голема кампања за повлекување производи во Германија и други европски земји поради високите нивоа на хлорат. Станува збор за серии производи од „кока-кола“, „спрајт“, „фанта“ и други брендови, велат од европската фабрика за пакување на овој пијалак во Белгија, објави „Гардијан“.
Причина за отповикувањето е откривањето на високо ниво на хлорат при инспекции.
Според белгиската новинска агенција „Белга“, лименките и стаклените шишиња биле дистрибуирани не само во Белгија и Луксембург туку и во Германија, Холандија, Обединетото Кралство и во Франција.
Засегнатите производи беа произведени во фабриката на „Кока-Кола“ во Гент помеѓу 23 ноември и 3 декември. „Кока-Кола“ објави детаљна листа на производи на интернет.
Засегнати се пијалаците со датуми на производство од 328 ГЕ до 338 ГЕ. Овие пијалаци не треба да се пијат. Клиентите се повикани да ги донесат во продавниците, каде што ќе им бидат вратени парите.
При рутински проверки во фабриката во Гент откриени се високи концентрации на хлорат, соопшти компанијата и им се извини на потрошувачите.
Поголемиот дел од погодените производи, кои не беа продадени, веќе се отстранети од полиците на супермаркетите и продавниците, според компанијата.
Европа
Роман Абрамович затаил милиони евра данок, користел шема за измама со изнајмување јахти
Роман Абрамович, рускиот милијардер и поранешен сопственик на лондонскиот фудбалски клуб „Челси“, наводно избегнал да плати милиони даноци користејќи шема за измама со изнајмување луксузни јахти. Истрагите покажаа дека неговите суперјахти формално биле достапни за изнајмување преку мрежа на офшор-компании, а во реалноста биле користени исклучиво за лични потреби, јавува Би-би-си.
Шемата функционира така што јахтите беа регистрирани на правни лица во даночните оази, што му овозможи на Абрамович да избегне плаќање данок на луксуз. Според достапните информации, овој систем му овозможил да избегне плаќање даночни обврски од милиони евра, што го привлече вниманието на регулаторните тела и даночните власти во светот. Во моментот италијанските обвинители отворија постапка против Абрамович.
На пример, Eclipse, една од најголемите приватни јахти во светот, е регистрирана во земја со поволни даночни закони. Офшор-компаниите, кои формално управуваа со јахтите, ги претставија како комерцијални имоти достапни за изнајмување, што законски го оправда избегнувањето плаќање данок на луксузен имот.
Абрамович е под санкции поради неговите врски со Кремљ, а оттогаш неговите деловни аквизиции се намалуваат. Тој целосно се повлече од светот на фудбалот. Минатата година купи недвижен имот во Истанбул, па дури се зборуваше дека сака да вложи пари во екипа од Турција, но тоа на крајот не се случи. „Атлетик“ пишува дека Абрамович живее меѓу Сочи, Истанбул и Тел Авив и дека понекогаш патува во Дубаи, но повеќе не доаѓа во Англија.
Европа
Русија објави учебник во кој тврди дека била принудена да ја нападне Украина
Вчера, во Москва беше претставен нов школски учебник, кој ја споредува војната на Русија во Украина со советската борба против нацистите и тврди дека Русија била принудена да испрати војници во Украина.
Претседателот Владимир Путин ја прикажува војната, која Москва официјално ја нарекува специјална воена операција, како тежок, но неопходен конфликт против Украина поддржана од Запад и НАТО. Путин тврди дека ова е дел од пошироката егзистенцијална борба против декадентниот Запад, кој се обидува да ја ослаби и подели Русија, пишува „Ројтерс“.
Од друга страна, Украина и нејзините западни сојузници тврдат дека Русија води брутална и непредизвикана војна, чија цел е освојување територии.
Учебникот во три тома „Воена историја на Русија“, уреден од Владимир Медински, советник на Путин, кој ги водеше неуспешните мировни преговори со Украина во 2022 година, е претставен како главен учебник по историја на Русија. Третиот том, кој украинското раководство, најверојатно, ќе го отфрли како пропаганда, е наменет за ученици на возраст од 15 и повеќе години.
Тој дел објаснува зошто Кремљ верува дека војната почнала и како се води, истакнува примери за она што тие веруваат дека е херојство на бојното поле и опишува како модерната руска војска понекогаш применува техники што ги користела советската армија за време на Втората светска војна.
Во поглавјето со наслов „Професионализам, непоколебливост и храброст: руски трупи во специјална воена операција“ книгата им објаснува на учениците дека Русија била принудена да испрати свои војници во Украина во 2022 година.
Се тврди дека Западот со години ги игнорирал безбедносните грижи на Русија – наведувајќи го ширењето на НАТО кон исток – и го поддржал соборувањето на прорускиот украински претседател во 2014 година, што ја претвори Украина во агресивно антируско упориште.
НАТО и Украина ги негираат тврдењата дека некогаш претставувале закана за Русија. Говорејќи на прес-конференцијата на ТАСС за новата книга, Иван Басик, воен историчар поврзан со руската војска, рече дека западните и украинските акции ја прават војната неизбежна.
„Најважната задача беше да им се објасни на помладата генерација, на учениците, присилната природа на специјалната воена операција што ја спроведува Руската Федерација“, рече тој.