Европа
Орбан смета дека мигрантската криза е левичарски заговор
Бранот имигранти коишто од Блискиот исток и Африка во реки се упатуваат кон Европа, можеби е дел од заговорот на левичарите кои континентот сакаат да го населат со свои симпатизери, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан во разговор за швајцарскиот неделник Die Weltwoche објавен во четвртокот.
Антидоселеничката реторика на унгарскиот премиер Виктор Орбан и оградите со коишто унгарските власти сакаат да го насочат бранот имигранти кој ја преплави нивната земја кон другите соседни земји, му ја зацврстија позицијата во Унгарија којашто го слави како победник во имиргантската криза којашто сé повеќе предизвикува раздор во Европската унија, забележува весникот.
„Не сум доволно храбар за тоа со сигурност јавно да зборувам, но невозможно е да се оттргнам од впечатокот дека зад тоа (невидениот наплив од бегалци и имигранти – з.р.) стои некој вид на мастер план“, вели Орбан во интервјуто за Die Weltwoche.
Притоа ги цитира експериментите на „европските левичари и радикалните американски демократи“ кои ја замислуваат европската супердржава на штета на традиционалните држави–нации.
„Миграцијата ја гледаат како можност…. Сите показатели и сето искуство говорат дека големо мнозинство од тие емигранти, кога ќе ги стекнат граѓанските права, гласаат за левицата, така што идните избирачи на левицата ги увезуваат во Европа“, истакнува Орбан.
На прашањето поради што конзервативци, како на пример германската канцеларка Ангела Меркел ширум ги отвораат вратите за доселениците, Орбан одговара: „Многумина од нас си ја растураат глава со тоа прашање. Германија е клучна. А кога Германците еден ден велат ‘Полни сме, доста е’, тогаш приливот веднаш ќе престане“, смета унгарскиот премиер. Орбан, исто така, смета дека на канцеларката Меркел „ѝ се врзани рацете“ поради коалицијата со социјалдемократите (левиот центар).
Европа е длабоко поделена во начинот како да се справи со бегалскиот бран, а Орбан се истакна со ставот дека зголемениот број муслимански доселеници претставува закана за европските христијански вредности и оти ќе влијае врз демографското изменување на континентот./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз, откако маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.
Европа
Продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација од 14 мај до 11 август.
Зеленски на 6 мај достави до парламентот предлог за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација за уште 90 дена, објави „Киев индепендент“.
Украинскиот парламент гласаше да го одобри продолжувањето два дена подоцна.
Тој претходно ја продолжи вонредната состојба и мобилизацијата од 14 февруари до 14 мај.
Зеленски првпат прогласи вонредна состојба и општа мобилизација на 24 февруари 2022 година, кога Русија започна напад врз Украина.
Оттогаш, мерката беше продолжена неколку пати.
Оваа мерка значи дека Украинците на возраст меѓу 18 и 60 години, со некои исклучоци, не можат да ја напуштат земјата бидејќи може да бидат повикани на воена служба.
Во април, парламентот усвои закон за ажурирање на правилата за мобилизација додека земјата се обидува да ги надополни редовите на своите вооружени сили.