Европа
Оставки на Милибанд, Клег и Фараж по поразот на британските избори
Челникот на британските лабуристи Ед Милибанд, вицепремиер и шефот на Либералните демократи Ник Клег, како и претседателот на Партијата на независност на Обединетото Кралство (UKIP), Најџел Фараж, си поднесоа во петокот оставки по тешкиот изборен пораз на нивните партии.
Лабуристите на Ед Милибанд, коишто на општите избори во четвртокот влегоа очекувајќи дека ќе ја освојат власта, наместо тоа убедливо се поразени од Конзервативната партија на досегашниот премиер Дејвид Камерон, којашто самостојно ќе владее благодарејќи на стабилното парламентарно мнозинство.
„На Британија ѝ е потребна силната Лабуристичка партија. На Британија ѝ е потребна Лабуристичката партија којашто може да се опорави по овој пораз и да формира влада којашто повторно ќе ги штити правата на работниците. Дојде времето некој друг да го презема водството на оваа партија и јас поднесувам оставка“, изјави Милибанд на партискиот собир и најави дека партијата до изборот на новото раководство ќе ја води неговата заменичка Хариет Харман.
Челникот на либералните демократи, Клег кој по изборите во 2010 година влезе во коалиција со конзервативците на Камерон, го задржа местото во парламентот, во што не успеаја голем број од неговите партиски колеги. По пребројувањето на речиси сите гласачки ливчиња, либералните демократи освоија само 8 во однос на 57 пратенички мандати освоени на изборите во 2010-та.
„Јасно е дека резултатите се многу полоши и понепријатни од најлошиот кошмар. Морам да ја преземам одговорноста и оттаму објавувам дека ќе се повлечам од местото претседател на Либералните демократи. Изборите за новото раководство ќе се одржат во согласност со партискиот статут“, изјави на прес-конференцијата Ник Клег, за кого медиумите пренесуваат дека изгледал многу исцрпено.
Фараж, кој на изборите не освои парламентарен мандат, исто така, на прес-конференција изјави дека не ја исклучува можноста од повторно кандидирање за челник на UKIP., „Новите партиски избори ќе се одржат во септември и преку летото ќе размислам дали повторно ќе се натпреварувам за таа должност“, истакна Најџел Фараж. Тој и пред изборите најави дека ќе отстапи доколку не освои мандат, а во петокот тоа и го потврди велејќи дека е „човек од збор“.
Агенцијата Reuters во меѓувреме објави дека конзервативците го осигуриле потребното мнозинство во парламентот. Така, во моментот кога не беа познати уште само десет од 650-те мандати, Конзервативната партија има обезбедени 325 пратеници. Главните ривали, лабуристите, пак, обезбедиле 228 пратеници во парламентот.
Тоа значи практични дека конзервативците обезбедиле доволно мнозинство, бидејќи четворицата пратеници од северноирскиот Шин Фејн нема да ја прифатат должноста во Вестминстер, а се претпоставува дека резултатите ќе бидат уште подобри за конзервативците кога ќе се обработат сите изборни материјали.
Шкотската национална партија (SNP), исто така, може да се смета за уверлив победник на изборите за локалниот парламент на општите избори, освојувајќи 56 од 59-те мандати, што се оценува како преседан. Од 1955 година, конзервативците беа најголемата партија во Шкотска, но тие на изборите во четвртокот добија само еден мандат. Уште пое ден пратеник ќе имаат и лабуристите и либерал демократите.
За изборите за составот на британскиот парламент, SNP, пак, најверојатно ќе има 56 мандати, што е за дури 50 повеќе отколку во претходниот парламентарен состав./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Дали ЕУ експресно добива нова членка? Политико: Референдум уште на лето
Исланд ја разгледува можноста за одржување гласање за рестартирање на преговорите за членство во ЕУ уште во август, според два извори запознаени со подготовките за пристапување на земјата.
Оваа вест доаѓа во време кога проширувањето на ЕУ се чини дека повторно добива на интензитет, додека Брисел работи на план што би можел да ѝ донесе на Украина делумно членство уште следната година, а Црна Гора, како водечки кандидат, минатиот месец затвори уште едно преговарачко поглавје, пишува Политико.
Владејачката коалиција во Рејкјавик вети дека ќе одржи референдум за продолжување на преговорите за пристапување, кои претходната влада ги замрзна во 2013 година, до 2027 година.
Сепак, временската рамка се чини дека се забрзува поради геополитичките превирања, одлуката на Вашингтон да воведе царини за Исланд и заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира Гренланд.
Се очекува исландскиот парламент да го објави датумот на гласањето во следните неколку недели, според изворите, кои зборуваа под услов на анонимност. Овој потег следеше по серија посети на европски политичари на Исланд и исландски претставници на Брисел.
Доколку Исланѓаните гласаат „за“, тие би можеле да се приклучат кон ЕУ пред која било друга земја-кандидатка, рече еден од испитаниците.
„Дебатата за проширувањето се менува“, изјави за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, која се сретна со исландската министерка за надворешни работи, Торгердур Катрин Гунарсдотир, минатиот месец во Брисел.
„Сè повеќе станува збор за безбедност, припадност и зачувување на нашата способност да дејствуваме во свет каде што се натпреваруваат различни сфери на влијание. Тоа е прашање за сите Европејци.“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се сретна со исландската премиерка, Криструн Фростадотир, во Брисел минатиот месец и рече дека нивното партнерство „нуди стабилност и предвидливост во нестабилен свет“.
Фон дер Лајен, која го посети Исланд минатиот јули, ја пофали земјата за зајакнување на соработката со ЕУ за време на состанокот на Нордискиот совет во Стокхолм минатата есен и планира нова посета на арктичкиот регион во март.
Европа
(Видео) Вилијам и Кејт го игнорираа прашањето што им беше поставено на БАФТА наградите
Принцот Вилијам и Кејт, принцезата од Велс, пристигнаа на доделувањето на наградите БАФТА во лондонската Кралска фестивалска сала во неделата вечерта, но нивното пристигнување имаше свои подеми и падови. Тие пристигнаа на црвениот тепих само три дена откако се појави веста дека Ендру Маунтбатен Виндзор е уапсен во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден.
За таа пригода, 43-годишниот Вилијам избра бордо кадифено сако, додека 44-годишната Кејт носеше долг, лелеав розов фустан. Организаторите го затворија црвениот тепих за да ѝ дозволат на двојката да влезе без други луѓе, но еден извик сепак одекна.
Prince William, BAFTA President since 2010, and Catherine, Princess of Wales arrive at the 2026 #BAFTAs. See all the red carpet looks: https://t.co/eLm0bmsH9f pic.twitter.com/0y1ymR9AT5
— VANITY FAIR (@VanityFair) February 22, 2026
Во еден момент, некој од публиката директно ги праша: „Дали монархијата е во опасност?“ Вилијам и Кејт не реагираа, само продолжија според протоколот.
Ова беше нивното прво заедничко појавување на БАФТА наградите по три години. Последен пат се појавија на црвениот тепих заедно во 2023 година. Вилијам дојде сам во 2024 година, а потоа рече дека неговата сопруга не може да му се придружи бидејќи се опоравува од лекување од рак. Минатата година, тие го пропуштија доделувањето на наградата, па нивното појавување во неделата го привлече вниманието на многумина.
Европа
Се состануваат европските министри: главна тема: Виктор Орбан
Во Брисел денеска се одржува состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија, во сенка на блокирањето од страна на Унгарија на заем од 90 милијарди евра за Украина. Клучниот состанок и неговите импликации се главна тема на денешното политичко известување од срцето на ЕУ, објавува „Еуроњуз“.
Виктор Орбан вчера изјави дека Унгарија нема да ги продолжи испораките на дизел од Унгарија во Украина сè додека, како што изјави, Унгарија не добие пратки нафта преку Украина и дека ќе ја блокира европската помош за Украина во вредност од 90 милиони евра.
Друга важна тема на Советот е одлуката на Врховниот суд на САД за укинување на царините што ги воведе Доналд Трамп и како Европската Унија ќе одговори на нив. ЕУ веќе ги осуди новите американски царини и ги повика САД да го почитуваат веќе воспоставениот трговски договор.

