Европа
Повеќето Германци и баварскиот премиер ја одбиваат политиката на Меркел кон имигрантите
Само осум отсто Германци сé уште веруваат во ветувањето на канцеларката Ангела Меркел „Ние тоа го можеме“, мотото коешто постојано го повторува последната година за да ги увери своите сограѓани дека земјата може да се справи со бегалската криза, покажуваат резултатите од анкетата спроведена од YouGov објавени во саботата, а истовремено баварскиот премиер и челник на сестринската Христијанско-социјална унија (CSU), Хорст Зехофер, и натаму се залага за ограничување на доселувањето повторно спротиставувајќи се на политиката на отворени врати за имигрантите и бегалците за која се залага Меркел.
Германската канцеларка Ангела Меркел својот мотивациски слоган го лансираше во август 2015 година, кога кулминираше мигрантската криза, кога во Германија секојдневно се слеваа по повеќе илјадници луѓе.
Како што покажува анкетата спроведена на 1.107 лица, на прашањето за тоа како ја оценуваат повторената изјава на Меркел за тоа дека Германија може да ги прифати бегалците, како и можноста земјата тоа и навистина да го оствари, околу 48 отсто одговориле дека „воопшто не се согласуваат“ со нејзиното мото, а 18 проценти дека „донекаде се согласуваат“, така што вкупниот број оние кои не ја поддржуваат нејзината политика кон бегалците се искачи на 66 отсто.
Од испитаниците само 18 отсто „незначително се согласуваат“, а само 8 проценти се „согласуваат“ со политиката на германската канцеларка во однос на мигрантската криза, така што процентот на оние коишто се согласуваат со Меркел се задржува на 26 отсто.
Тоа значи дека поддршката на политиката на Меркел кон беглаците и нејзиниот оптимизам во справувањето со тој проблем е на најниското ниво од 15-ти август 2015 година. Минатиот септември поддршката беше значително поголема, па тогаш 43 отсто од Германците се согласуваа со својата канцеларка по ова прашање, а 51 проценти не се согласуваа.
Премиерот на федералната земја Баварија и лидер на CSU која таму е неприкосновена, Хорст Зехофер во саботата повторно ѝ се спротистави на политиката на Меркел.
„И покрај најдобрата волја, не можам да го прифатам мотото ‘Ние тоа го можеме’“, изјави Зехофер на крајот од отворената за јавноста седница на баварската влада во Сент Кверин, јужно од Минхен.
Со тоа повторно остро се спротистави на политиката на челничката на сестринската Христијанско-демократска унија (CDU) и германска канцеларка Ангеле Меркел, којашто на својата редовна летна конференција за медиумите во четвртокот повторно ја бранеше својата политика кон бегалците.
Осврнувајќи се на низата напади кои се случија во Баварија изминатите денови и коишто беа главната тема на седмицата на баварската влада, Зехофер заклучи дека ограничувањето на доселувањето и намалувањето на бројот на бегалците мора да биде една од приоритетните задачи на политиката.
„Ограниченото доселување е еден од предусловите за безбедност во земјата“, рече Зехофер.
Од четирите напади кои се одиграа последните денови на територијата на Баварија, во три случаи сторители се бегалци, два напада беа со исламистичка заднина, а и сторителот на масакрот од минатиот петок во Минхен е 18-годишен германски државјанин со странско потекло.
„Проблемите со коишто се соочуваме се преголеми и досегашните решенија се незадоволувачки“, додаде Зехофер.
Зехофер и Баварија од почетокот се противат на отворената политика на Меркел, а тој судир во одредени моменти се закануваше со раскол во демохристијанската Унија CDU/CSU, во којашто CDU дејствува на сојузно, а CSU на ниво на Баварија, најголемата и економски најстабилна германска сојузна покраина.
Зехофер, меѓутоа, истакна дека со својот став за беглаците, кој се разликува од оној на CDU, „не сака да предизвикува нова кавга“ во рамките на коалицијата.
И баварскиот министер за финансии, и можен наследник на Зехофер на чело на CSU, Маркус Зоедер, претходно ја критикуваше Меркел нарекувајќи го нејзиниот пристап кон бегалската криза „наивен“. „’Ние тоа го можеме’ е едноставно целосно погрешен сигнал“’, рече за медиумите Зоедер на маргините од седницата на баварската влада./крај/мф/сн
Извор: DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Европа
„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали
Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски интернет терминали на Starlink. Извори од Генералштабот на вооружените сили на Украина потврдија дека бројот на руски напади во некои области е намален, додека во други сектори тие целосно престанале, пишува Украинска правда.
Според извештајот на Генералштабот објавен вчера во 16 часот, украинските сили регистрирале 56 борбени ангажмани по должината на фронтовската линија од почетокот на денот. Намалувањето на руската активност следува по мерките преземени за ограничување на неовластената употреба на технологијата Starlink.
Експертот за воена радиотехнологија Серхиј „Флеш“ Бескрестнов објави дека руските сили вчера се соочиле со масовен прекин на терминалите на Starlink.
Според него, Русите се жалат дека не можат повторно да ја воспостават врската, што ќе влијае на координацијата на нивните дејства по целиот фронт.
Проблемот стана јавен на 25 јануари, кога Бескрестнов, кој оттогаш стана советник за технологија на министерот за одбрана Михаил Федоров, изјави дека руските сили веројатно го користат Starlink на беспилотните летала Шахид.
Американскиот претприемач Илон Маск одговори на барањето на Федоров за помош во решавањето на проблемот, по што SpaceX презеде контрамерки. Маск на 1 февруари објави дека мерките се чини дека дале резултати.
Федоров потоа извести за постепеното воведување на систем што ќе им овозможи само на овластени терминали на Starlink да работат на украинска територија.
Украинската влада донесе декрет за воведување на таканаречена „бела листа“, што значи дека само потврдени и регистрирани терминали наскоро ќе можат да работат во Украина, додека сите други ќе бидат исклучени.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.

