Европа
Путин: „Притаена исламизација“ и „шлаканица за украинскиот народ“
Односот на рускиот претседател Владимир Путин кон Турција, Украина и Сирија, најмногу ги интересираше новинарите во текот на големата традиционална годишна прес-конференција на која беа акредитирани околу 1.400 новинари, кои поставија околу 500 прашања.
Русија беше подготвена да соработува со Турција, но непријателските активности на Анкара ја принудија Москва на заладување на односите, рече рускиот претседател. „Сметаме дека дејствијата на турските власти во врска со нашиот авионот кој го соборија, претставуваат непријателски акт“, додаде Владимир Путин. Особено за вознемирувачки го смета фактот што турските власти не се извинија, туку „побегнаа во Брисел“, за да ја обвинат Русија.Според Путин, руската страна во оваа сложена ситуација ја навредило и тоа што Москва никогаш не одбивала да соработува со Анкара и секогаш ги поддржувала Турците, дури и за „многу чувствителни прашања“, кои „не се вклопуваат во контекстот на меѓународното право, во одлуките кои ги предлага турската страна“.Одговарајќи на прашањето дали зад инцидентот со соборениот руски авион можеби стои некоја „трета сила“, Путин одговори дека „тоа не го знае“., но дека можеби има „некој во турската власт кој се решил да им се ‘вовлече на едно место’ на Американците“, и оти „не може со сигурност да каже дека има такво нешто“. Путин не сакаше да изнесе претпоставка дали на Американците „им било потребно тоа или не“, во контекст на уривањето на рускиот авион и навлегувањето на турските сили во соседен Ирак, на што некој требало „да ги затвори очите“. „Сепак, можам да помислам дека на некое ниво постои некаков договор или некакви консултации околу соборувањето на авионот. Не знам што мислеа. Дека ќе побегнеме? Ние не сме таква земја“, порача.Говорејќи за соработката меѓу двете земји, Путин истакна дека „турскиот народ и другите туркојазични народи се наши партнери и пријатели, како што беа и претходно“. Притоа, „со сегашното турско раководство, како што покажа практиката, тешко е да се договориме или речиси е невозможно“, рече рускиот претседател. „Дури кога велиме дека сме согласни, тие нé удираат отстрана или в грб, и тоа од апсолутно непознати причини“, појасни рускиот челник.Во врска со темата за повторното воведување на визите меѓу двете земји, Путин одговори дека за тоа лавна причина е иритираноста од „притаената исламизација“ и потребата да се осигури националната безбедност. „Забележуваме дека во Турција има милитанти коишто, на пример, потекнуваат од Северен Кавказ. Многупати зборувавме со нашите партнер, и ние не го правиме тоа во однос на Турција. Но тие сé уште се присутни таму, ги лекуваат, ги заштитуваат. Потоа го користеа безвизниот режим за да патуваат со турски пасоши насекаде“, изјави рускиот претседател.Одговарајќи на прашањето за гасоводот „Турски тек“, чиј проект беше започнат откако Москва поради недоразбирањата со ЕУ се откажа од претходниот проект „Јужен тек“, Путин истакна дека тој може да биде реализиран доколку Турција добие гаранции од Европската комисија. „Ние не ги прекинуваме преговорите, потреби ни се писмени гаранции од ЕК дека сите рути, вклучително и правецот низ Турција, во Европа не само што ќе се реализираат, туку и ќе претставуваат приоритет, и ЕК ќе ги поддржи“, појасни Путин истакнувајќи дека судбината на овој проект не зависи од Русија.За време на неколкучасовната прес-конференција, неколкупати беше допрена темата за Сирија. Во одговорите за новинарите рускиот претседател ја изрази увереноста дека решението на сириската криза е можно да се постигне само по политички пат. Притоа Путин укажа дека рускиот план за тоа речиси се совпаѓа со американскиот: „тоа е заедничката работа на уставот, создавање инструменти на контрола на идните предвремени избори, самите избори и признавањето на резултатите од нив“.Путин призна дека станува збор за „сложена работа“, имајќи предвид дека има различни барања, некои групи сакаат а некои не сакаат да соработуваат со сириската влада, некои, пак, категорично одбиваат. Но „сите спротиставени страни треба да најдат во себе сила за да се приближат“, убеден е рускиот претседател.Запрашан во врска со потребата од создавање руски воени бази во Сирија, Путин изрази сомневање во оправданоста на тоа, бидејќи крстосувачките ракети на Русија ѝ овозможуваат да дејствува, доколку е потребно, од далечина. Притоа ги спомена типовите ракети „Калибр“ со дострел од 1.500 километри и „Х-101“ со дострел од 4.500 километри.Кога станува збор за борбата во Сирија против екстремната сунитска група Исламска држава, Путин истакна дека Москва се обидува да ги обедини напорите на сириската армија и на сириската вооружена опозиција. „Напорите на Сиријците во таа борба ги поддржуваат руските воздухопловни сили“, додаде.Коментирајќи ја исламската коалиција што ја формираше Саудиска Арабија против Исламската држава, Путин го изрази мислењето дека таа нема да има антируски карактер, дури и со учеството на Турција во неа. Со самата Саудиска Арабија, Русија има разлики во однос на начините за решавање на сириската криза, но има и допирни точки, рече рускиот претседател, потсетувајќи дека неодамна се сретна со саудискиот монарх, а контактите се одржуваат на различни нивоа, преку министерствата за надворешни работи и за одбрана.Истовремено Путин гледа во создавањето на одделната коалиција на исламските земји знаци на противречност меѓу Ријад и Вашингтон. Сепак, истакна дека за ефикасна борба со тероризмот неопходно е обединување „а не да се разлеваат можностите со кои располагаме“.Меѓу првите прашања поставени на прес-конференцијата беа поврзаните со Украина. Путин лично му даде збор на украински новинар кој беше облечен во боите на националното знаме, кој минатата година исто така ми поставуваше прашања на рускиот претседател облечен во џемпер со проукраинска парола. Украинските новинари најмногу ги интересираше кога ќе бидат исполнети одредите од мировниот договор од Минск. Во одговорите Путин истакна дека Москва сака и е подготвена да ги спроведе договорите. „Неопходно е тоа да го посакуваат и нашите партнери во Киев“, додаде нарекувајќи ги дејствијата на украинските власти во однос на спроведувањето на Минскиот договор манипулирање. „Доколку навистина сакаат да го решат проблемот, треба да престанат да се занимаваат со тоа, да се започне заедно да се работи на тоа“, рече Путин. Москва, истакна рускиот претседател, е подготвена да ги убеди луѓето на југоистокот од Украина со аргументи да се изнајде некаков компромис.Путин, исто така, потцрта дека Русија не е заинтересирана за влошување на конфликтот во Украина, но до неговото решение „не може да се стигне преку ликвидација на луѓето во југоисточниот дел на земјата“. На крајот од одговорите на сетот прашања во врска со Украина, Путин изрази „сочувство“ со украинскиот народ во врска со фактот што на функцијата гувернер на Одескиот регион, во кој живее исто така мнозинство рускојазично население, беше именуван поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, кој неславно го заврши мандатот во својата татковина. „Од 45 милиони не можат да најдат пет до десет чесни и ефикасни раководители?“, праша Путин, констатирајќи дека тоа претставува „шлаканица за украинскиот народ“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.
Европа
Литванскиот претседател: Дијалогот со Путин е илузија, Кремљ не сака мир
Литванскиот претседател Гитанас Науседа изјави дека Европа мора да биде подготвена за долгорочната закана од Русија и дека Москва нема намера да застане дури ни по војната во Украина. Во интервју за „Киев пост“, тој рече дека „империјалните амбиции“ на Русија се трајни и дека Европа мора да изгради „ѕид на одвраќање“.
„Ситуацијата е сложена и полна со предизвици“, рече Науседа, додавајќи дека клучната разлика од минатото е што Литванија сега е дел од НАТО и ЕУ. „Членството во Европската унија е „за подобар живот“, а членството во НАТО е „за цел живот“, рече тој. Тој нагласи дека заканата од Русија нема да се повлече со крајот на војната во Украина.
„Империјалните амбиции на Русија нема да исчезнат откако ќе заврши војната во Украина. Заканата ќе остане“, рече тој. „Можеби следниот пат целта нема да биде Украина, туку источниот дел на ЕУ или ЕУ како целина. Мора да бидеме подготвени. Мора да изградиме ѕид на одвраќање“, рече тој.
Зборувајќи за војната во Украина, Науседа рече дека не е оптимист за брзо решение. „САД се клучниот актер тука и само тие можат да ја турнат Русија во ќош и на преговарачката маса“, рече тој. Тој нагласи дека Русија, според него, нема намера да ја заврши војната. „Гледам дека Русија апсолутно нема намера да ја заврши оваа војна.
Тие си играат за време за да заземат повеќе украинска територија“, рече тој. Додаде дека Русија напаѓа цивили и инфраструктура и ја „оружува“ зимата, што го опиша како „длабоко циничен“ пристап. Тој рече дека нема големи очекувања за трилатералните разговори. „Од руска страна, гледам само имитација на преговорите и обиди за купување време“, рече тој.
Науседа рече дека некои во Европа ги повторуваат старите грешки кога верувале дека разговорите со Путин ќе дадат резултати. „Се сеќаваме на бројни средби и повици со Путин, а резултатот беше нула“, рече тој. Додаде дека Путин не ја гледа Европа како воена сила. „Тој не се плаши од Европа. Тој не се однесува кон Европа како кон партнер кого мора сериозно да го сфати. Тој се плаши само од Соединетите Американски Држави, а тоа е значајна лост“, рече тој.
Тој рече дека Европа треба да ги зајакне односите со Соединетите Американски Држави и да ја зајакне преговарачката позиција на Украина, наместо да се обидува директно да преговара со Москва. „Подобар пристап е да се координира со Соединетите Американски Држави и да се зајакне преговарачката позиција на Украина“, рече тој.
Науседа рече дека Литванија силно го поддржува проширувањето на ЕУ и пристапувањето на Украина. „Литванија е меѓу најсилните застапници за што е можно поскоро пристапување на Украина“, рече тој. Додаде дека Литванија предлага перспектива за членство за Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија до 2030 година, нагласувајќи дека датумот не е обврзувачки, туку политичка цел.
Зборувајќи за партиите и политичарите кои тврдат дека „ова не е наша војна“ и се залагаат за ресетирање на односите со Русија, Науседа рече дека е „штета“ што не научиле ништо. „Тие се однесуваат како деца и никогаш не растат“, рече тој, додавајќи дека војната не ја засега само Украина, туку претставува предизвик што Русија го фрла врз европскиот модел на управување, владеењето на правото и демократијата.

