Европа
Ренци и Путин за Украина и санкциите
Русија му е потребна на светот поради заедничкото решавање на проблемите, и покрај тоа што украинското прашање и натаму претставува проблем околу кој се јавуваат несогласувања, изјави во средата италијанскиот премиер Матео Ренци, кој во средата во Милано разговараше со рускиот претседател Владимир Путин.
Една од главните теми на разговорите меѓу двата челника очекувано беше украинската криза. Притоа италијанскиот премиер Матео Ренци истакна дека двете земји го споделуваат „фундаменталниот принцип“, а тоа е неопходноста од договорот кој западните челници го нарекуваат „Минск-2“.
Двајцата челници се согласиле во текот на билатералните разговори одржани на маргините на миланскиот Експо дека почитувањето на договореното од 12-ти февруари во белоруската престолнина Минск, меѓу челниците на Украина, Русија, Франција и Германија, е „ѕвезда водилка, компас, појдовна точка“ за решението на ситуацијата во Украина, изјави италијанскиот премиер Матео Ренци за прес-конференцијата.
Целта на договорот од Минск е да се надмине украинската криза, но судрените страни постојано меѓусебно се обвинуваат дека не го почитуваат. Укинувањето на санкциите воведени од Западот против Русија во врска со нејзината наводна улога во кризата во соседната земја, директно е поврзано со почитувањето на договореното, истакна италијанскиот премиер.
Според рускиот претседател Владимир Путин, пак, Москва и Рим тргнуваат од фактот дека не постои алтернатива за мирното решавање на украинската криза, и покрај тоа што договорот од Минск ги содржи сите елементи за решавање на ситуацијата во источна Украина, што според него за жал не се исполнуваат.
„Од наша страна нагласуваме дека во договорот од белоруската престолнина се вклучени сите главни аспекти за решавањето: политичките, воените, социјално-економските, хуманитарните. И тие, за жал, не се остваруваат целосно, туку селективно“, рече Путин.
Додаде дека од извонредно значење е до решението на украинската криза да се дојде по мирен пат, но остана истраен на негативните последици што санкциите ги оставаат на односите меѓу Русија и Италија, иако напомена дека тие во разговорот со италијанскиот домаќин биле само напомнати, и не во смисла на нивно укинување.
Кога станува збор за групата индустриски најразвиени земји Г7, од чиј формат Г8 Русија беше фактички исклучена од почетокот на украинската криза, којашто на неодамнешниот самит во Германија се закани дека санкциите против Русија ќе ги заостри, Москва со неа повеќе нема никакви односи, бидејќи нејзините членки одлучија „дека не им е потребен алтернативен став“, потсети Путин.
Рускиот претседател смета дека Г7 „не е организација, туку клуб кој споделува заеднички интереси“. Меѓутоа, Русија активно соработува со групите како што е Г20 и со Шангајската организација за соработка, којашто ја сочинуваат Кина, Русија и земјите од централна Азија, посети Путин.
Ренци притоа истакна дека сака целосно почитување на договорот од Минск што ќе овозможи „од дневниот ред да биде тргнат еден елемент на недоразбирањата“./крај/мф/сн
Извор: AFP/ТАСС
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Дали ЕУ експресно добива нова членка? Политико: Референдум уште на лето
Исланд ја разгледува можноста за одржување гласање за рестартирање на преговорите за членство во ЕУ уште во август, според два извори запознаени со подготовките за пристапување на земјата.
Оваа вест доаѓа во време кога проширувањето на ЕУ се чини дека повторно добива на интензитет, додека Брисел работи на план што би можел да ѝ донесе на Украина делумно членство уште следната година, а Црна Гора, како водечки кандидат, минатиот месец затвори уште едно преговарачко поглавје, пишува Политико.
Владејачката коалиција во Рејкјавик вети дека ќе одржи референдум за продолжување на преговорите за пристапување, кои претходната влада ги замрзна во 2013 година, до 2027 година.
Сепак, временската рамка се чини дека се забрзува поради геополитичките превирања, одлуката на Вашингтон да воведе царини за Исланд и заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира Гренланд.
Се очекува исландскиот парламент да го објави датумот на гласањето во следните неколку недели, според изворите, кои зборуваа под услов на анонимност. Овој потег следеше по серија посети на европски политичари на Исланд и исландски претставници на Брисел.
Доколку Исланѓаните гласаат „за“, тие би можеле да се приклучат кон ЕУ пред која било друга земја-кандидатка, рече еден од испитаниците.
„Дебатата за проширувањето се менува“, изјави за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, која се сретна со исландската министерка за надворешни работи, Торгердур Катрин Гунарсдотир, минатиот месец во Брисел.
„Сè повеќе станува збор за безбедност, припадност и зачувување на нашата способност да дејствуваме во свет каде што се натпреваруваат различни сфери на влијание. Тоа е прашање за сите Европејци.“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се сретна со исландската премиерка, Криструн Фростадотир, во Брисел минатиот месец и рече дека нивното партнерство „нуди стабилност и предвидливост во нестабилен свет“.
Фон дер Лајен, која го посети Исланд минатиот јули, ја пофали земјата за зајакнување на соработката со ЕУ за време на состанокот на Нордискиот совет во Стокхолм минатата есен и планира нова посета на арктичкиот регион во март.
Европа
(Видео) Вилијам и Кејт го игнорираа прашањето што им беше поставено на БАФТА наградите
Принцот Вилијам и Кејт, принцезата од Велс, пристигнаа на доделувањето на наградите БАФТА во лондонската Кралска фестивалска сала во неделата вечерта, но нивното пристигнување имаше свои подеми и падови. Тие пристигнаа на црвениот тепих само три дена откако се појави веста дека Ендру Маунтбатен Виндзор е уапсен во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден.
За таа пригода, 43-годишниот Вилијам избра бордо кадифено сако, додека 44-годишната Кејт носеше долг, лелеав розов фустан. Организаторите го затворија црвениот тепих за да ѝ дозволат на двојката да влезе без други луѓе, но еден извик сепак одекна.
Prince William, BAFTA President since 2010, and Catherine, Princess of Wales arrive at the 2026 #BAFTAs. See all the red carpet looks: https://t.co/eLm0bmsH9f pic.twitter.com/0y1ymR9AT5
— VANITY FAIR (@VanityFair) February 22, 2026
Во еден момент, некој од публиката директно ги праша: „Дали монархијата е во опасност?“ Вилијам и Кејт не реагираа, само продолжија според протоколот.
Ова беше нивното прво заедничко појавување на БАФТА наградите по три години. Последен пат се појавија на црвениот тепих заедно во 2023 година. Вилијам дојде сам во 2024 година, а потоа рече дека неговата сопруга не може да му се придружи бидејќи се опоравува од лекување од рак. Минатата година, тие го пропуштија доделувањето на наградата, па нивното појавување во неделата го привлече вниманието на многумина.
Европа
Се состануваат европските министри: главна тема: Виктор Орбан
Во Брисел денеска се одржува состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија, во сенка на блокирањето од страна на Унгарија на заем од 90 милијарди евра за Украина. Клучниот состанок и неговите импликации се главна тема на денешното политичко известување од срцето на ЕУ, објавува „Еуроњуз“.
Виктор Орбан вчера изјави дека Унгарија нема да ги продолжи испораките на дизел од Унгарија во Украина сè додека, како што изјави, Унгарија не добие пратки нафта преку Украина и дека ќе ја блокира европската помош за Украина во вредност од 90 милиони евра.
Друга важна тема на Советот е одлуката на Врховниот суд на САД за укинување на царините што ги воведе Доналд Трамп и како Европската Унија ќе одговори на нив. ЕУ веќе ги осуди новите американски царини и ги повика САД да го почитуваат веќе воспоставениот трговски договор.

