Европа
Русија го напушти ПССЕ до крајот на годината
Шефот на руската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Алексеј Пушков, објави во средата навечер дека Русија ќе се повлече од членството до крајот на годинава, откако претходно во средата ПССЕ на руската делегација ѝ го одзема правото на глас до април.
„Го напуштаме ПССЕ до крајот на оваа година“, изјави Алексеј Пушков, коментирајќи ја одлуката на Собранието да ги суспендира овластувањата на Русија за гласање и учество во раководните органи до април 2015 година, пренесува РИА Новости.
„Не им се заканувавме на нашите колеги во ПССЕ, како што сега некои тврдат. Едноставно ги информиравме дека како што тие имаат право на своја позиција, така и ние имаме право на свој став. Нашата позиција се состои во тоа што нема да молиме за нашите ингеренции, немаме намера да коленичиме за овластувањата. Сметаме дека доколку мнозинството во Парламентарното собрание донело одлука за суспендирање на ингеренциите, ние за возврат, како и што всушност предупредувавме, ќе ја суспендираме својата активноста во ПССЕ до крајот на 2015 година“, додаде Пушков.
Притоа тој ја нарече одлуката на ПССЕ „несоодветна“ и додаде дека тоа претставува „сериозен удар“ за паневропскиот меѓупарламентарен дијалог, „кој всушност го доведува Собранието на маргините од тој дијалог, бидејќи ја претвора дебатата во ПССЕ во секакви прашања во врска со Русија, во прилично празно вежбање“, Истовремено, Пушков додаде дека се зголемува улогата на други организации, во кои партиципира и Русија, кои не претпочитаат наметнување на институтот санкции.
„Имаме намера да се фокусираме на активностите на Парламентарното собрание на ОБСЕ, каде што дијалогот и соработката се остваруваат на многу порамноправно ниво“, порача Пушков.
Односите меѓу ПССЕ и Русија се усложнија уште во април 2014 година, откако Парламентарното собрание на Советот на Европа првпат донесе одлука да ѝ го одзеде правото на глас на руската делегација, правото да учествува на заседанијата на статутарните органи и можноста да учествува во следењето на активностите на Собранието откако црноморскиот полуостров Крим, со доминантно руско и рускојазично население, преку референдум изгласа присоединување на Руската Федерација што Западот го смета за нелегална руска анексија на украинска територија.
Парламентарното собрание на Советот на Европа е една од најстарите меѓупарламентарни институции во Европа кое функционира од 1949 година. Тоа е едно од двата главни статутарни органа на Советот на Европа, и ги претставува интересите на главните политички партии застапени во парламентите на државите членки. Собранието расправа по прашањата кои се однесуваат на проблемите во современото општество и различните аспекти на меѓународната политика. Во ПССЕ со право на глас има 47 делегации, меѓу кои и Република Македонија, додека Израел, Канада и Мексико имаат статус на набљудувачи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

