Европа
Русија го отфрли предлогот на Украина за мировници на ОН
Русија во четвртокот го одби предлогот на Киев на истокот од Украина да бидат распоредени мировни сили со мандат на Обединетите нации, појаснувајќи дека темел за решавање на судирот со рускојазичните бунтовници на одметнатиот исток треба да биде мировниот договор од 12-ти февруари постигнат во белоруската престолнина Минск, на кој гаранти се јавуваат челниците на Украина, Русија, Франција и Германија.
Портпаролот на руското министерство за надворешни работи , Александр Лукашевич, исто така, додаде дека одговорноста за спроведувањето на Минскиот мировен договор, во прв ред, паѓа врз Киев.
Украинскиот претседател Петро Порошенко повика на разместување полициски сили на Европската унија со мандат на ОН поради надзор на спроведувањето на примирјето во источна Украина, што веднаш беше одбиено од страна на бунтовниците повикувајќи се на одредбата од договорот во Минск со којашто самопрогласените ткн „народни републики“ во Донецк и Луганск кои ќе добијат специјален статус, односно поширока автономија, треба да формираат свои сили (милиции) коишто ќе се грижат за зачувување на редот во тие области.
Украинскиот Национален совет за безбедност и одбрана на итната седница во средата доцна вечерта му даде поддршка на предлогот на претседателот Порошенко, истакнувајќи дека Киев е загрижен за развојот на ситуацијата особено откако со заземањето на стратешки важниот град Дебалцево од страна на бунтовниците, украинските сили се отфрлени далеку од територијата што ја контролираат проруските сили.
„Полициските сили на ЕУ го сметаме за најдоброто решение (…) кое ќе гарантира безбедност, во ситуација која примирјето не го почитува ниту Русија, ниту оние кои таа ги поддржува“, рече Порошенко.
Притоа Порошенко, кој ја обвинува Москва дека на бунтовниците им испраќа вооружување и војници, смета дека Русија не може да учествува во мировната мисија, бидејќи била „агресорска земја“.
Одговарајќи ми во четвртокот Лукашевич истакна дека единствен пат да се постигне напредок е минатонеделниот мировен договор. „Основа за постигнување на конечното решение на украинската криза би требало да биде договорот од Минск од 12-ти февруари“, порача рускиот дипломат.
Заменикот на генералниот секретар на дипломатската служба на ЕУ, Мациеј Поповски изјави во Брисел дека треба да се појасни мандатот за кој потоа би расправале земјите членки.
„Нашиот приоритет во моментов е спроведувањето на договорот од Минск. Во Украина се присутни цивилни советници на ЕУ, советничка мисија на Унијата, но таа работи на градење на институциите и реформите во министерството за внатрешни работи и во полицијата“, рече Поповски./крај/мф/сн
Извор: Reuters/РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.