Европа
Словачка предупредува на опасност од тероризам поради мигрантите, во Македонија ќе испрати 30 полицајци
Словачкиот премиер Роберт Фицо, чијашто земја претседава со Советот на Европската унија во ова полугодие, изјави дека постои голем ризик од новите терористички напади поврзани со мигрантската криза во Европа, а тамошното министерство за внатрешни работи најавува дека ќе испрати уште 30 словачки полицајци во Македонија и уште 25 во Унгарија, за помош на овдешните колеги во заштитата на границите од илегалните имигранти.
„Очигледно е дека потенцијалните терористи би можеле да ја искористат неконтролираната имиграција за да префрлаат оружје и експлозиви“, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо во петокот за новинарите.
„Можноста од нови терористички напади е многу многу висока“, рече додавајќи дека според словачките разузнавачки служби „би можела да постои врска меѓу имиграцијата и тероризмот“.
Интернет изданието на братиславскиот дневен весник SME, повикувајќи се на министерството за внатрешни работи на Словачка, објави дека земјата ќе испрати 30 свои припадници во Македонија и 25 во Унгарија.
„Во случајот станува збор за нова манифестација на солидарност од страна на Словачка со земјите, коишто во значителна мера ги почувствуваа последиците од миграциската криза“, изјавил претставникот на министерството за весникот.
Словачките полицајци од крајот на минатата и почетокот на годинава веќе учествуваат во заедничките гранични патроли со колегите од Македонија, Унгарија и Словенија.
Новата поддршка на пограничните полиции ја побара на неодамнешниот самит на земјите од Вишеградската група (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија – V4) во Варшава, унгарскиот премиер Виктор Орбан. Владите на Чешка и на Полска, исто така, позитивно одговорија на овој апел.
Засега не е познато дали триесетте словачки полицајци ќе бидат борјно засилување на веќе постојните ротации на припадници на полицијата на Словачка во Македонија за спроведување на заедничките патролни активности со македонските колеги на државната граница со Грција. Ротацијата на припадниците на словачката полиција е врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу министерствата за внатрешни работи на Република Словачка и Република Македонија.
Словачките полицајци спроведуваат заеднички патролни активности со македонските колеги на границата со Грција, со цел превенција во областа на јавната безбедност и неовластеното преминување на државната граница. Словачка полициска единица е распределена во областа на Дојранското Езеро. Словачките полицајци се опремени со теренски моторни возила, термални камери и уреди за ноќно набљудување. Мандатот на словачката полициска досега беше 30 дена со можност за продолжување.
Република Словачка досега испрати во Македонија вкупно 75 полициски службеници што е најголем придонес по глава на жител од странски држави кои учествуваат во заедничките операции во земјава. Помошта е израз на солидарност во решавањето на мигрантската криза и во контекстот на словачкото претседателство во Советот на ЕУ, каде еден од приоритетите ќе биде „одржлива мигрантска и азилантска политика”, соопшти претходно словачката дипломатија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.