Европа
Шпанската Народна партија победи на изборите, но ќе мора да формира коалиција
Конзервативната Народна партија на досегашниот шпански премиер Маријано Рахој е победник со освоени околу 28 отсто од гласовите на досега најнеизвесните парламентарни избори во воспоставувањето на демократијата во земјата, покажуваат резултатите по пребројувањето на 89,72 отсто од изборниот материјал.
Со овие резултати завршува периодот од 1978 година во Шпанија на чија политичка сцена од падот на диктатурата на Франко во 1975 година наизменично се менуваа Народната партија, од десниот центар, и социјалистичката партија PSOE и, како што забележуваат локалните коментатори, започнува неизвесниот период на политички компромиси и коалиции.Првпат, имено, ниедна партија не успеа да освои 176 од 350-те места во парламентот, што ќе ѝ овозможеше непречено да владее и да го избере премиерот. Според прелиминарните резултати, Народната партија добива 122 мандати во парламентот, а Шпанската социјалистичка работничка партија (PSOE) 91 пратеник. Левичарската групација Подемос (Можеме) која се противи на острите мерки за штедење, освојува 69 мандати и така првпат влегува во парламентот, како и либералната партија Граѓани, која би имала 40 пратеници во парламентот.Ваквите изборни резултати внесуваат целосна неизвесност околу формирањето на владата и изборот на премиерот. Засега воопшто нема навестувања кој со кого и под кои услови би можел да коалицира, а пред изборите имаше само нагаѓања во медиумите. Од избувнувањето на економската криза во 2008 година која придонесе за губењето на илјадници работни места, а корупциските скандали ја продлабочија недовербата во двете етаблирани партии, порасна незадоволството коишто во 2014 година доведе до создавање на двете нови партии Подемос и Граѓани. Така, сега четирите главни партии ќе бидат принудени на тешки преговори, што во Шпанија досега се нема случено на национално ниво, а тоа може да доведе до парализа на процесот на формирање на власта.Така се потврдија предвидувањата за комплицирана ситуација со можните коалиции коишто ќе бидат формирани во парламентот, имајќи предвид дека ниедна од партиите во страв од губењето гласови до последниот ден од кампањата јасно не посочи со кого од конкурентите има намера да преговара.Теоретски постојат неколку опции за формирање влада. Првата е меѓу Народната партија и Граѓаните, и таа се чини најлогична, бидејќи програмата на десноцентристите воопшто е блиска на конзервативците. Но проблемот е во тоа што мнозинството од оние коишто ќе гласаат за Граѓаните всушност гласаат против Рахој како премиер. Односно за да формира ваква влада, Народната партија ќе треба да го жртвува Маријано Рахој, предложувајќи ја како негова алтернатива вицепремиерката Сораја Сајнц де Сантамарија, којашто патем на предизборните дебати меѓу четворицата челници учествуваше наместо Рахој. Или, пак, да прифати владата да ја води челникот на Граѓаните, Алберт Ривера. Меѓутоа, оваа опција е несигурна, бидејќи 36-годишниот Ривера нема доволно политичко искуство.Самиот Ривера неколку дена пред изборите индиректно навести дека тој можеби ќе ја поддржи Народната партија, негирајќи ја можноста неговата партија да се присоедини на ткн „коалиција на малцинството“. Заменикот генерален секретар на Граѓаните, Хозе Мануел Виљегас, изјави дека партијата може да се воздржи од гласањето за избор на владата, за да не се меша во формирањето на влада од страна на победникот на изборите, без разлика дали тоа ќе биде Народната партија или PSOE.Втората опција, за којашто многу беше зборувано во предизборието но никој официјално не ја потврди, е варијантата да биде формирана „голема коалиција“ на конзервативците и социјалистите. Кога станува збор за можноста од формирање ваква коалиција, таа е логична само во поглед на настојувањата да се одржи политички стабилна ситуација во земјата, но е во спротивност со политичката традиција. Рахој изјави дека „никогаш не предлагал таква коалиција“, како и дека сите преговори околу можните коалицирања може да започнат по понеделник. Покај тоа, имајќи го предвид навредливиот и крајно неприфатлив тон на кој лидерот на социјалистите Педро Санчез се обраќаше во дуелите со Рахој „еден на еден“, малку е веројатно да се очекува дека е можна таквата коалиција, па дури и да се водат преговори за неа.Некои коментатори очекуваат формирање ткн „лева коалиција“ која би ги обединела социјалистите, Подемос и помалите партии од Обединетата левица, во која влегуваат крајно левите партии и комунистите кои на изборите одат како коалиција Народно единство – Обединета левица. Кон неа би можела да се приклучи и Баскиската националистичка партија (PNV), левата националистичка баскиска партија Amaiur и Демократската конвергенција на Каталонија на главниот поборник на каталонската независност Артур Мас.Рахој изјави дека многу стравува од повторувањето во Шпанија на ткн „португалско сценарио“, кога десницата која победи на изборите, беше принудена да им ја предаде власта на левите сили, кои успеаја да договорат коалиција. „Тоа би било многу лошо за нашата земја, бидејќи ќе биде во спротивност со мнението на граѓаните“, изјави неодамна Рахој./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.
Европа
Литванскиот претседател: Дијалогот со Путин е илузија, Кремљ не сака мир
Литванскиот претседател Гитанас Науседа изјави дека Европа мора да биде подготвена за долгорочната закана од Русија и дека Москва нема намера да застане дури ни по војната во Украина. Во интервју за „Киев пост“, тој рече дека „империјалните амбиции“ на Русија се трајни и дека Европа мора да изгради „ѕид на одвраќање“.
„Ситуацијата е сложена и полна со предизвици“, рече Науседа, додавајќи дека клучната разлика од минатото е што Литванија сега е дел од НАТО и ЕУ. „Членството во Европската унија е „за подобар живот“, а членството во НАТО е „за цел живот“, рече тој. Тој нагласи дека заканата од Русија нема да се повлече со крајот на војната во Украина.
„Империјалните амбиции на Русија нема да исчезнат откако ќе заврши војната во Украина. Заканата ќе остане“, рече тој. „Можеби следниот пат целта нема да биде Украина, туку источниот дел на ЕУ или ЕУ како целина. Мора да бидеме подготвени. Мора да изградиме ѕид на одвраќање“, рече тој.
Зборувајќи за војната во Украина, Науседа рече дека не е оптимист за брзо решение. „САД се клучниот актер тука и само тие можат да ја турнат Русија во ќош и на преговарачката маса“, рече тој. Тој нагласи дека Русија, според него, нема намера да ја заврши војната. „Гледам дека Русија апсолутно нема намера да ја заврши оваа војна.
Тие си играат за време за да заземат повеќе украинска територија“, рече тој. Додаде дека Русија напаѓа цивили и инфраструктура и ја „оружува“ зимата, што го опиша како „длабоко циничен“ пристап. Тој рече дека нема големи очекувања за трилатералните разговори. „Од руска страна, гледам само имитација на преговорите и обиди за купување време“, рече тој.
Науседа рече дека некои во Европа ги повторуваат старите грешки кога верувале дека разговорите со Путин ќе дадат резултати. „Се сеќаваме на бројни средби и повици со Путин, а резултатот беше нула“, рече тој. Додаде дека Путин не ја гледа Европа како воена сила. „Тој не се плаши од Европа. Тој не се однесува кон Европа како кон партнер кого мора сериозно да го сфати. Тој се плаши само од Соединетите Американски Држави, а тоа е значајна лост“, рече тој.
Тој рече дека Европа треба да ги зајакне односите со Соединетите Американски Држави и да ја зајакне преговарачката позиција на Украина, наместо да се обидува директно да преговара со Москва. „Подобар пристап е да се координира со Соединетите Американски Држави и да се зајакне преговарачката позиција на Украина“, рече тој.
Науседа рече дека Литванија силно го поддржува проширувањето на ЕУ и пристапувањето на Украина. „Литванија е меѓу најсилните застапници за што е можно поскоро пристапување на Украина“, рече тој. Додаде дека Литванија предлага перспектива за членство за Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија до 2030 година, нагласувајќи дека датумот не е обврзувачки, туку политичка цел.
Зборувајќи за партиите и политичарите кои тврдат дека „ова не е наша војна“ и се залагаат за ресетирање на односите со Русија, Науседа рече дека е „штета“ што не научиле ништо. „Тие се однесуваат како деца и никогаш не растат“, рече тој, додавајќи дека војната не ја засега само Украина, туку претставува предизвик што Русија го фрла врз европскиот модел на управување, владеењето на правото и демократијата.

