Европа
Турција го отфрла притисокот од ЕУ за антитерористичкиот закон
Турција во четвртокот се спротистави на притисокот од Европската унија да ги промени своите антитерористички закони, истакнувајќи дека самоубиствените бомбашки напади во истанбулскиот аеродром, во кои во вторникот вечерта беа убиени 43 луѓе, дале дополнително оправдување на нивниот цврст став.
Турските функционери кои во Брисел се поради продолжување на преговорите за цела деценија долгиот процес на кандидатура за членство во ЕУ, сметаат дека Европската унија по излегувањето на Велика Британија повеќе од кога и да е има потреба од Турција поради нејзината економска и геополитичка моќ.
Од ЕУ повеќепати повторуваа дека Турција треба да ги измени своите антитерористички закони, сметајќи дека тие ја ограничуваат слободата на говорот и овозможуваат приведувања активисти за човековите права, но Анкара не покажува знаци дека ќе попушти по ова прашање.
„Турција денес се бори против тероризмот. Новите барање за Турија може да ги охрабрат терористите. Не можеме веќе да внесуваме промени во нашите терористички закони“, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на заедничката прес-конференција со европските челници, зборувајќи за нападот кој во вторникот вечерта во Истанбул го извршија тројца милитанти за кои се смета дека се припадници на џихадистичката Исламска држава.
ЕУ турското заострување на антитерористичките закони го врзува со желбата на Анкара да нејзините граѓани да им се овозможи патувања во земјите на Унијата без визи. Тој договор е дел од поширокиот договор со кој Турција се обврза да ги прими назад сириските бегалци и другите мигранти кои нелегално од нејзините брегови завршуваат во Грција и другите европски земји.
Првиот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс, кој во четвртокот се состана со Чавушоглу, изјави дека разговорите за визниот режим напредуваат и оти наскоро ќе продолжат.
„Во конструктивните разговори со Турција нашите погледи за тоа како да се спроведат преостанатите визни услови се приближија“, напиша Тимерманс на Twitter.
ЕК сака и да ја зголеми својата финансиска помош за мигрантите во Турција на две милијарди евра до крајот на јули, за медицински, образовни и сместувачки услуги.
Турција, членка на НАТО, стратешки сместена меѓу Европа и Блискиот исток, со силна економија и млада популација, ќе претставува голема предност за ЕУ, смета турскиот министер за европски интеграции, Омер Челик.
„Турција е голема европска сила. Европа има потреба од свеж почеток и визија, па ќе мора да ја вклучи Турција. Што и да се случи по Брекзит, турската позиција ќе биде посилна. Секоја иднина која не ја вклучува Турција ќе биде слаба“, порача Челик во Брисел, алудирајќи на британското излегување од ЕУ.
Иронично, главниот застапник на Турција во ЕУ беше токму Велика Британија, често спротивена на длабокиот скептицизам на Германија и на Франција. Меѓутоа, британските поборници за излегувањето од ЕУ знаеја да го искористат стравот од големите имиграции, вклучувајќи ја и онаа од муслиманска Турција. Премиерот Дејвид Камерон во обидот да ги увери граѓаните да гласаат за останувањето дури изјави дека Турција нема да влезе во ЕУ ниту до 3000 година што ја разгневи Анкара.
Во уште една замена на улогите, германската канцеларка Ангела Меркел неволно се согласи на забрзување на турската кандидатура за ЕУ,бидејќи помошта на Анкара во запирањето на бранот на мигрантите откако само минатата година во Германија влегоа повеќе од милион.
Функционерите на ЕУ овој месец Турција, освен за антитерористичкиот закон, ја критикуваа и за приведувањето на тројца активисти за слобода на медиумите, Ситуацијата во областа на човековите права под претседателот Реџеп Тајип Ердоган според нив станува понапната.
„Треба да дејствуваме во границите на владеењето на правото, и да и браниме нашите слободи на изразување. Тоа не е нешто што можеме да го решиме или да го отфрлиме“, изјави во четвртокот еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на прес-конференцијата.
Европската унија во четвртокот ги отвори преговорите за финансирање на буџетот на ЕУ, едно од 35-те поглавја во преговорите за пристапувањето на Турција, што за неа претставува мала победа.
Меѓутоа, Словачка, која во петок од Холандија го презема шестмесечното ротирачко претседавање со ЕУ, ги намалува турските надежи за забрзување на напредокот во преговорите започнати уште во 2005 година, но многу бавно напредуваат.
„Би сакал да видам отворање повеќе поглавја во текот на нашето претседавање, но искрено не гледам дека постои консензус“, изјави словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак за новинарите во Братислава./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

