Европа
Турција ја предупредува ЕУ дека прекинот на врските ќе значи „поплава“ од имигранти

Турскиот премиер Бинали Јилдирим ја предупреди Европската унија во четвртокот вечерта дека без помошта од Анкара ќе биде „преплавена“ од бранот имигранти и додаде дека прекинувањето на пристапните преговори ќе ѝ донесе повеќе штети на Унијата отколку на Турција.
„Ние сме еден од факторите коишто ја штитат Европа, доколку бегалците минат, тие ќе ја преплават Европа и ќе ја преземат, а Турција тоа го спречува. Прифаќам дека прекинот на врските ќе нанесе штета на Турција, но тоа на Европа ќе ѝ наштети пет до шест пати повеќе“, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим за турската телевизија.
Пратениците во Европскиот парламент претходно во четвртокот изгласаа резолуција во којашто бараат привремено запирање на пристапните преговори со Турција поради „несразмерниот одговор“ на неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во средата предупреди дека таквата одлука на Европскиот парламент за прекин на пристапните преговори со Турција „нема да вреди ништо“ и повторно ја обвини Европската унија дека застанува на страната на терористичките организации. Ердоган ја обвинува ЕУ дека не ја разбира тежината на состојбата во Турција којашто со тероризмот се соочува на својата територија од Работничката партија на Курдистан (PKK) како и од Исламската држава од Сирија и од Ирак, поради што Анкара навести враќање на смртната казна, што, пак, Брисел жестоко го осуди.
Ердоган притоа најавува дека следната година може да организира референдум за продолжување на преговорите со Европската унија.
Во ЕУ стануваат сé покритични наспроти Турција која отпушти или суспендираше од позициите над 110.000 функционери и службеници, офицери, академици, дипломати, судии, новинари и курдски политичари, под обвинение дека го поддржувале неуспешниот пуч организиран од исламистичкиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД.
Австрија и Луксембург ги предводат повиците за запирање на преговорите со Турција, додека Германија, Франција и повеќето земји од ЕУ засега го поддржуваат нивното продолжување и се плашат дека во прашање ќе се доведе турската соработка во мигрантската криза. Сепак, меѓутоа, истакнуваат дека преговорите ќе бидат прекинати доколку Турција повторно ја воведе смртната казна.
ЕУ во март годинава вети забрзување на пристапните преговори со Турција и воведување безвизен режим во замена за нејзината помош во мигрантската криза, што придонесе за намалување на бројот на имигрантите кои се упатуваат кон западна и северна Европа.
Спогодбата за асоцијација меѓу тогашната Европска заедница и Турција беше потпишана во 1963 година. Апликацијата за членство во Европската унија, Анкара ја поднесе дури во 1987 година. Пристапните преговори за членство пак започнаа дури во 2005 година, а повеќепати беа усложнувани поради несогласувања што доведе до нивно прекинување. Во моментов отворени се 16 од 35-те поглавја од пристапните преговори
Во март 2016 година челниците на земјите членки на ЕУ се согласија да ги интензивираат преговорите со Турција, во замена со согласноста на Анкара да помогне во намалувањето на приливот на имигранти во европските земји преку турската територија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
ЕУ сака да формира специјален суд за руските злосторства

Првиот чекор во борбата против неказнивоста за злосторствата извршени во руската агресија врз Украина би можело да биде формирање на обвинителство кое ќе собира докази, изјави комесарот за правда на Европската комисија Дидие Рејндерс.
„Првиот чекор може да биде формирање на специјален суд кое ќе собира докази“, рече Рејндерс денеска пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за правда во Стокхолм, каде што една од главните теми е како да се осигура дека воените злосторства во Украина се да не остане неказнето.
Канцеларијата на специјалниот суд би била лоцирана во Хаг, во седиштето на Европравда, агенција на ЕУ за судска соработка во кривичните прашања. Рејндер вели дека може брзо да се воспостави.
Европската унија се залага за формирање на специјален суд за руските злосторства во Украина, а во очекување на собирање критична маса на поддршка во меѓународната заедница, сака да започне со собирање докази.
На крајот на ноември минатата година, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предложи формирање на специјализиран суд со поддршка на Обединетите нации, кој ќе суди за руските злосторства.
„Русија мора да плати за своите ужасни злосторства, вклучително и злосторствата за агресија врз суверена држава“, рече Фон дер Лајен.
На маса има две опции – едната е формирање на ад хок меѓународен суд, како Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, а другата е таканаречената хибридна опција, каде што национален суд, најверојатно украински, но со меѓународни судии, би суделе за злосторства од руска агресија,пренесе Индекс.хр.
Европа
Европската Унија ги продолжи економските санкции против Русија до 31 јули

Советот на ЕУ денеска одлучи да ги продолжи за шест месеци, до 31 јули 2023 година, санкциите насочени кон одредени сектори на руската економија.
„Тие во моментот се состојат од широк спектар на секторски мерки, вклучувајќи ограничувања на трговијата, финансиите, технологијата и стоките со двојна употреба, индустријата, транспортот и луксузните стоки. Тие исто така ја покриваат забраната за увоз или трансфер на морска сурова нафта и одредени нафтени деривати од Русија во ЕУ, де-SWIFT на неколку руски банки и суспензија на радиодифузни активности и лиценци за неколку места за дезинформации поддржани од Кремљ“, велат од ЕУ.
Овие санкции првпат беа воведени во 2014 година како одговор на руските акции во Украина, а потоа беа проширени во февруари 2022 година по руската воена агресија врз Украина.
Европа
Путин: Злосторствата на неонацистите во Украина покажуваат дека ги заборавиле лекциите од историјата

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека злосторствата извршени од неонацистите врз цивилите во Украина покажуваат дека тие ги заборавиле лекциите од историјата.
Путин посочи дека заборавањето на лекциите од историјата води до повторување ужасни трагедии и како доказ з тоаа ги наведе злосторствата против цивилите и етничкото чистење извршено од неонацистите во Украина.
„Против ова зло нашите војници сега се борат херојски, рамо до рамо“, рече Путин во телеграмата упатена до организаторите и учесниците на настаните посветени на одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот и 78-годишнината од ослободувањето на затворениците од концентрациониот логор Аушвиц од страна на Црвената армија.