Европа
Украински војник сведочи за можно учество на украински авион во падот на МН17
Нова важна информација за падот на малезискиот патнички авион во кој животите ги загубија летово 298 патници и членови на екипажот во источниот украински регион Донецк, за што меѓусебно се обвинуваат Киев и Москва, добија во вторникот навечер руските истражни органи, и доколку претходно меѓународните експерти оперираа со основни податоци добиени со помош на технички средства, сега се појавува сведок кој може да помогне истрагата за трагедијата сериозно да напредува, пишува РИА Новости.
Авионот од типот „Boeing 777“ на воздухопловната компанија „Malaysia Airlines“ се урна на 17-ти јули во близина на Донецк, на шеесетина километри од границата со Русија. По меѓусебните обвинувања дека тој е соборен со ракетен систем, „Бук“ кој го користеле украинските сили односно проруските бунтовници кои го одбиле од Русија, во прелиминарниот извештај беше истакнато дека авионот се распаднал во „лет поради структурни оштетувања предизвикани од надворешни влијанија на високенергетски објекти“, меѓутоа потеклото на тие објекти не беше наведено.
Властите во Киев за несреќата ги обвинија бунтовниците, кои, пак, тврдат дека не располагале со опрема којашто може да урне авион кој лета на височина на којашто летал малезискиот. Руското министерство за одбрана, од своја страна, следните денови излезе со тврдењето дека непосредно пред моментот на падот на „Boeing 777“, неговите радарски системи регистрирале присуство на украински борбен авион „Сухој Су-25“ на 3 до 4 километри од малезискиот авион.
Во вторникот вечерта се појави потврди дека е можно украински ловец да не бил случајно во зоната на летот на малезискиот авион. Руските истражни органи како сведок испрашале државјанин на Украина, кој претходно за весникот Комсомолска правда ги раскажал околностите на трагедијата.
„Руските истражители уште ноќта во вторникот го испрашаа украинскиот војник, кој потврди дека доброволно ја напуштил воената служба и минал на територијата на Руската Федерација“, изјавил портпаролот на рускиот Истражен комитет, Владимир Маркин, пренесува РИА Новости.
Од сослушувањето на Украинецот, наводно, може да се извлече заклучокот дека малезискиот патнички авион би можел да биде урнат од украински „Су-25“, кој бил пилотиран од капетан на украинското воено воздухопловство по презимето Волошин. Според изјавата на сведокот, борбениот лет бил изведен од аеродромот лоциран во областа на градот Днетропетровск.
Тој тврди дека лично видел кога пред полетувањето авионот на Волошин бил опремен со проектили „воздух – воздух“ од типот „Р-60“, со кои во вообичаени услови на борбени летови авионите од типот „Су-25“ не биле опремувани, туку со проектили „воздух – земја“. Сведокот забележал дека таквото вооружување на авионот било необично, затоа што проруските бунтовници во источна Украина не поседуваат летала против кои би биле употребени проектилите „воздух – воздух“. Тој веднаш забележал дека по враќањето на авионот на аеродромот ракетите ги немало на леталото и истовремено го слушнал пилотот кој на еден од своите колеги му рекол „Тој (авионот) беше во погрешно време и на погрешно место“.
Руските истражители сметат дека на ова сведоштво може да му се верува. „Тие факти и сведоштва, со коишто располагал и кои тој јасно, без да се збуни, ги раскажува сведокот, ги убедија истражителите дека неговото сведочење е точно и, патем, тоа го потврдило и тестирањето со полиграф“, истакнува Маркин.
Притоа портпаролот на Истражниот комитет, вели дека Русија е подготвена да ги сподели добиените информации со заинтересираните земји. „Истражниот комитет ќе продолжи да собира и да ги анализира сите податоци за падот (на авионот). Притоа доколку претставниците на меѓународната комисија којашто ја истражува авионската несреќа, всушност заинтересирани за утврдување на вистината и се обрат до нас, подготвени сме да им ги обезбедиме сите материјали“, додава.
Во средата реагираше и Холандија, чиишто државјани најмногу настрадаа во несреќата, искажувајќи подготвеност сите информации сериозно да ги разгледа. Советот за безбедност на Холандија, кој инаку ја води истрагата за падот на малезискиот„Boeing“, веќе изрази подготвеност да ја проучи информацијата којашто ја добила руската истрага.
„Добиваме многу информации од различни извори и сериозно ги разгледуваме“, изјави во средата за РИА Новости портпаролката на холандскиот Совет за безбедност, Сара Ферној, одговарајќи на прашањето дали Холандија е подготвена да ги преземе податоците на Русија. Истовремено, таа се оградува од секакви оцени или заклучоци во оваа фаза од истрагата. „Не можам тоа да го коментирам, додека сé уште се одвива истрагата“, истакнува Ферној.
На информациите за деталите од руската истрага во средата реагираше и Украина. Според претставниците на Киев, податоците што ги презентираше рускиот Истражен комитет, не соодветствуваат со реалноста.
„Нема да коментираме лажни информации“, изјавил претставник на Советот за безбедност и одбрана на Украина.
Додека, пак, портпаролот на воената операција на украинската армија во источна Украина, Андреј Лисенко, истакнал за РИА Новости дека, според него, предвремените заклучоци на руската страна.„Изразувам искрена вчудовиденост од таквата “ефикасност’, којашто се граничи со сензационалност, на руските ’истражители’, кои избрза со заклучоците за собораниот авион“, изјавил.
Киев и натаму инсистира дека патничкиот малезиски авион бил соборен од рускојазичните бунтовници со помош на анти-ракетен систем. Украинскиот Совет за безбедност тврди дека на телата од загинатите во несреќата биле откриени фрагменти, коишто можат да бидат елементи од проектили.
„Спроведена е идентификација на големо мнозинство од загинатите на несреќата. Во телата на одреден број од жртвите беа пронајдени метални делови, коишто не одговараат на материјалите од кои е изработен авионот и може да се елементи од ракета којашто го погодила авионот на летото МН17“, се вели во соопштението од средата на украинската Служба за безбедност./крај/фм/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Поранешни вработени го обвинија Хулио Иглесијас за сексуална злоупотреба, откриени детали
Шпанскиот пејач Хулио Иглесијас е обвинет за сексуален напад од страна на две поранешни вработени, кои тврдат дека биле подложени на „несоодветно допирање, навреди и понижување во атмосфера на контрола и постојано вознемирување“. Обвинувањата беа објавени по тригодишна истрага, објавува „Гардијан“.
Жените, куќна помошничка и физиотерапевт вработени во вилите на Иглесијас во Доминиканската Република и на Бахамите, тврдат дека наводните напади се случиле во 2021 година.
Тригодишна истрага
Обвинувањата произлегуваат од заедничка истрага на шпанскиот портал elDiario.es и телевизиската мрежа Univision Noticias, кои собраа сведоштва од 15 поранешни вработени кои работеле за 82-годишниот пејач помеѓу крајот на 1990-тите и 2023 година.
„Интервјуата ги опишуваат условите за изолација на жените, работните спорови, хиерархиската структура на персоналот и напнатата атмосфера создадена од избувливата природа на Иглесијас“, се вели во својот извештај на elDiario.es.
„Двете жени кои го пријавија сексуалниот напад беа интервјуирани повеќе пати во период од повеќе од една година и нивните искази останаа конзистентни. Нивните искази беа поткрепени со обемни документарни докази, како што се фотографии, дневници на повици, пораки на WhatsApp, визи, медицински извештаи и други документи.“
Детали за сведочењето
Една од жените, идентификувана под псевдонимот Ребека за да се заштити нејзиниот идентитет, изјави дека Иглесијас, тогаш 77-годишен, често ја канел во својата соба на крајот од работниот ден. Таа тврдеше дека потоа сексуално ја злоупотребил без нејзина согласност. „Ме користеше речиси секоја вечер“, изјави таа за elDiario.es и Univision Noticias. „Се чувствував како предмет, како роб“.
Според Ребека, нападите обично се случувале во присуство и со учество на друг вработен кај Иглесијас, кој бил нејзин претпоставен.
Друга жена, позната под псевдонимот Лаура, изјави дека Иглесијас ја бакнувал и ги допирал нејзините гради без нејзина дозвола. „Бевме на плажа и тој дојде до мене и ме допре“, рече таа, додавајќи дека сличен инцидент се случил покрај базенот во вилата на пејачот во Пунта Кана.
Двете жени рекоа дека работниците биле подложени на напната и контролирачка атмосфера и зборуваа за тоа како Иглесијас „ја нормализирал злоупотребата“. Ребека рече: „Таа куќа треба да се нарече куќа на ужаси затоа што е кошмар – нешто навистина ужасно“.
Поднесена жалба и реакции
ElDiario.es објави дека две жени поднеле формална жалба до обвинителите во највисокиот кривичен суд во Шпанија, обвинувајќи го Иглесијас за трговија со луѓе и сексуален напад.
Новинарите што го истражуваат случајот постојано се обидуваат да го контактираат Иглесијас и неговиот адвокат, но не добиле одговор. Сепак, жената што Ребека ја идентификуваше како нејзин претпоставен во вилата во Пунта Кана ги отфрли обвинувањата како бесмислени.
Таа рече дека чувствува само „благодарност, восхит и почит кон големиот уметник и човечко суштество каков што е тој“, опишувајќи го како „скромен, дарежлив, вистински господин и голем почитувач на сите жени“.
Шпанската министерка за труд Јоланда Дијаз го нарече сведочењето на жените „ужасно“, велејќи дека тие опишале „сексуален напад и ситуација на ропство“.
Од друга страна, Изабел Дијаз Ајусо, претседателка на мадридскиот регион, застана во одбрана на Иглесијас. Таа рече дека нејзината администрација нема да ги послуша повиците да му се одземат почестите на пејачот. „Мадридскиот регион никогаш нема да придонесе за дискредитирање на уметник, а уште помалку кога станува збор за најуниверзалниот од сите пејачи: Хулио Иглесијас“, напиша таа на социјалната мрежа Икс.
Европа
(Видео) Се огласија родителите на девојката која ги носеше прскалките во барот во Швајцарија: Се обидела да избега, вратата била заклучена, а потоа се онесвестила
Родителите на 24-годишната Сијан Панин, келнерка која загина во пожар на новогодишната ноќ во барот „Le Constellation“ во Кран-Монтана, Швајцарија, за прв пат јавно проговорија за последните моменти од животот на нивната ќерка и околностите на трагедијата во која загинаа 40 лица, а 116 беа повредени.
Сијан Панин била една од вработените во барот каде што избувна пожарот на новогодишната ноќ.
Според досега познатите информации, младата жена во еден момент носела шишиња шампањ со запалени прскалки, седејќи на рамената на маскирано лице.
Видеото од тој момент го обиколи светот. Истражителите се сомневаат дека прскалките ја запалиле звучната изолација на таванот, која била лесно запалива, а пожарот се проширил низ целиот простор за само неколку минути.
Иако јавно се тврдеше дека Сијан ненамерно го предизвикала пожарот, нејзиното семејство и адвокат нагласуваат дека ова се прерани заклучоци и дека одговорите можат да се дадат дури откако ќе заврши истрагата.
Адвокатката на семејството, Софи Хени, истакнува дека Сиан не била задолжена за послужување на масите таа вечер, туку, поради големиот број нарачки, сопственикот на ресторанот ѝ наредил да се спушти во подрумот и да им помогне на колегите.
– Сијан никогаш не била предупредена за опасноста од запаливиот таван, ниту пак добила никаква обука за противпожарна безбедност. Таа несомнено е жртва, рече адвокатот, додавајќи дека трагедијата немаше да се случи доколку се почитувале безбедносните прописи.
Откако избувнал пожарот, Сијан, според нејзините родители, се обидела да избега низ излезот за итни случаи во подрумот, кој добро го знаела. Сепак, вратата кон тој излез била заклучена. Пријателите подоцна ја пронашле без свест пред вратата, откако успеале да ја скршат однадвор.
– Ја извлекле. Таа сè уште била жива, но без свест, рече нејзината мајка Астрид.
Родителите не можат да разберат зошто вратата за итен излез била заклучена: „Сопственикот се плашеше дека луѓето ќе си заминат без да платат. А масите чинеа илјада евра секоја. Да беше вратата отворена, сите деца ќе излезеа. Можеби тогаш воопшто немаше да има смртни случаи“, рече мајката.
Според записите добиени од швајцарските медиуми, сопственикот на барот, Жак Морети, се обидел да влезе во барот откако избувнал пожарот.
Главниот влез бил непрооден, а кога влегол низ вратата за итен случај, ги нашол заклучени внатре. Зад вратата, пронашол неколку луѓе како лежат неподвижни на подот, вклучувајќи ја и Сијан.
„Се обидувавме да ја реанимираме повеќе од еден час, сè додека спасувачите не ни кажаа дека е предоцна“, рече Морети.
Неговата сопруга и ко-сопственичка на ресторанот, Џесика Морети, им кажа на полицајците дека Сијан ѝ била како помлада сестра и дека го поминала Божиќ со нивното семејство.
По трагедијата, родителите Астрид и Жером и нивната друга ќерка Еолин веднаш отпатувале во Швајцарија за да го идентификуваат телото и да го организираат транспортот на останките во Франција. Сијан Панин беше погребана минатата сабота.
– Таа беше како зрак сончева светлина. За нас сонцето не изгреало од почетокот на 2026 година. Постои време за тага и време за одговорност и гнев. Мислам дека гневот брзо ќе победи, рече нејзиниот татко Жером.
Истрагата за причините за пожарот и одговорноста за една од најголемите новогодишни трагедии во Швајцарија сè уште е во тек.
Европа
Бројот на умрени во Франција за прв пат од Втората светска војна го надмина бројот на родени
Франција евидентираше повеќе умрени отколку родени во 2025 година за прв пат од крајот на Втората светска војна, со што се намали нејзината долгогодишна демографска предност во однос на другите земји од Европската Унија, покажаа официјалните податоци.
Националниот институт за статистика INSEE објави дека минатата година починале 651.000 луѓе, а се родиле 645.000 бебиња, бројка што постепено се намалува од пандемијата на коронавирусот.
Франција традиционално е демографски посилна од повеќето други европски земји, но стареењето на населението и опаѓањето на стапките на наталитет покажуваат дека дури ни таа држава не е имуна на демографската криза што ги оптоварува јавните финансии низ Стариот континент.
INSEE објави дека стапката на фертилитет паднала минатата година на 1,56 деца по жена, најниско ниво од Првата светска војна и далеку под 1,8 предвидени од советодавниот совет за пензии во своите прогнози за финансирање на пензии. Во 2023 година, последната година за која беа направени споредби со другите членки на ЕУ, Франција се рангираше на второ место со стапка на наталитет од 1,65, зад Бугарија, која имаше стапка од 1,81.
Националната канцеларија за ревизија минатиот месец предупреди дека демографската промена во наредните години ќе ги доведе јавните расходи до нивоа од ерата на пандемија, а воедно ќе ја намали даночната основа.
Иако бројот на смртни случаи е поголем од бројот на раѓања, населението на Франција малку се зголеми на 69,1 милиони минатата година поради нето миграцијата, која според INSEE е проценета на 176.000.
Очекуваниот животен век достигна рекордно високо ниво минатата година – 85,9 години за жени и 80,3 години за мажи – додека процентот на оние на возраст од 65 години или повеќе кои живеат се искачи на 22 проценти, речиси изедначувајќи го процентот на оние под 20 години.

