Европа
Владата на Рахој ја доби довербата на шпанскиот парламент
Владата на десниот центар на премиер Маријано Рахој доби во саботата поддршка од парламентот за новиот четиригодишен мандат, со што Шпанија по 315 дена, два парламентарни избори за помалку од година и тешки меѓупартиски преговори доби малцинска влада, а во понеделник истекуваше рокот за формирање влада, по што Шпанците ќе мораа да излезат на третите избори за дванаесет месеци.
Премиерот Маријано Рахој го поддржаа 170 пратеници во парламентот од 350 мандати. Против беа 111 пратеници а 68 се воздржаа од гласањето. Во саботата на 61-годишниот Рахој му беше потребно просто мнозинство за да остане премиер, односно повеќе гласови „за“ отколку „против“ без разлика колку пратеници гласале. Пред два дена не успеа да добие мнозинство од половината пратеници – 176.
Мандатот го освои, бидејќи најголемата опозициска партија од левиот центар Шпанската социјалистичка работничка партија (PSOE) се воздржа од гласањето.
„Тоа го сторивме за да ги избегнеме третите избори и за институциите да продолжат да функционираат. Вашиот избор господин Рахој не е добар, но е полош од повторување на изборите“, изјави во портпаролот на PSOE, антонио Ернандо.
Но во PSOE која двапати забележа слаб резултат на изборите дојде до раскол во септември годинава, послабите резултати на регионалните избори во северните покраини Галиција и Баскија. Претседателот на партијата Педро Санчез, кој се обидуваше да создаде лева коалиција со Подемос, ја отстапи по губење на поддршката од главното тело на партијата.
Тоа тело во неделата донесе одлука за воздржување од гласањето во саботата, што на Рахој му овозможува создавање малцинска влада. Одлуката е објаснета со спречување на третите парламентарни избори за една години, но исто така и од стравувањето PSOE од можен нов пораз на евентуалните избори во декември.
Народната партија и PSOE се менуваат на власт во последните четири децении, откако е воведена демократијата во Шпанија по падот на режимот на хунтата на генералот Франко, но под влијание на економската криза, невработеноста и корупцијата на елитата, новоформираните партии Подемос и Граѓани освоија дел од нивните гласачи и мандати во парламентот.
Рахој, кој е на власт од 2011 година, го поддржа неговата Народна партија (PP), партијата од центарот Граѓани и малата регионална партија од островите Канари. Партиите од левицата ја обвинија PSOE за предавство, а лидерот на третата партија според бројот на пратениците Подемос, Пабло Иглезијас, изјави дека мандатот на Народната партија ќе биде „кус но болен“. Челникот на четврто пласираната партија, Граѓани,истакна, пак, дека поддршката за малцинската влада е можност за соработка и договори во полза на Шпанија, и можност за контролирање на власта.
Шпанија 315 дена беше без нова влада бидејќи четирите водечки партии не можеа да се договорат за коалиција. На изборите во декември, па повторените во јуни, победи Народната партија,но не успеа да добие доволно пратеници за самостојно формирање влада. Рахој пред два месеца не доби доволна поддршка во парламентот, како ниту во четвртокот кога пратениците на PSOE гласаа против.
„Ќе владееме како малцинска влада, каква што никогаш во историјата Шпанија немала, но со дијалог и одговорност. Добиве поголема поддршка на изборите во јуни отколку во декември, бидејќи беа препознаени реформите кои ги спроведовме по доаѓањето на власт во текот на економската криза“, изјави Рафаел Ернандо, портпарол на пратеничката група на Народната партија.
Поради слабите резултати на PSOE, нејзиниот челник Пердо Санчез, во саботата со солзи во очите поднесе оставка и на местото во парламентот, за да не мора да гласа против својата партија или против своето убедување. Тој не се појави на гласањето, додека 16-те негови истомисленици гласаа против владата на Рахој. „за да не го изневерат она што им го ветија на гласачите“.
Санчез претходните месеци се трудеше да формира лева коалиција со Подемос и Обединетата левица, кои поддржуваат одржување референдум за независност во покраините Каталонија и Баскија, како и со јасно сепаратистичките партии во овие покраини. На таквата коалиција се противеше другата фракција во PSOE.
Шпанската економија расте со стапка од околу 3 отсто, што е една од највисоките во еврозоната, меѓутоа стапката на невработеност е втората по големина во целата ЕУ по Грција. Во четвртокот статистичката агенција објави податок според која невработеноста од јули до септември паднала на 18,91 отсто благодарејќи на туризмот, што е првпат во последните шест години невработеноста да е под 20 отсто./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Напад со ХИМАРС врз Белгород, гори нафтено складиште во Луганск, се шират снимки
Украина изврши ноќни напади врз термоцентрала во рускиот регион Белгород и складиште за нафта во окупираниот Луганск, според руските власти и снимки од очевидци објавени на социјалните медиуми. Нападите го прекинаа снабдувањето со електрична енергија во делови од Белгород, објавува „Киев Индепендент“.
Според локалните канали на Телеграм, Белгород, град на само 34 километри од украинската граница, бил погоден од повеќекратни ракетни системи HIMARS. Се вели дека целта била термоцентралата на градот. Вјачеслав Гладков, гувернерот на регионот Белгород, подоцна објави дека „масивниот ракетен напад“ ја таргетирал енергетската инфраструктура во и околу градот.
It’s lights out in Belgorod again. It is clear that russia cannot protect this city. It should be surrendered to Ukrainian forces who can provide better protection.
Fact: None of this would’ve happened if I had been the president of russia. pic.twitter.com/7HIGxDYhy5
— Rock – NAFO Raccoon (@NAFORaccoon) February 26, 2026
„Нанесена е сериозна штета на енергетската инфраструктура. Ова доведе до прекини на електричната енергија, прекини во снабдувањето со вода и проблеми со греењето“, рече Гладков. „Киев Индепендент“ не можеше независно да ги потврди тврдењата во времето на објавувањето.
Истата ноќ, беа објавени фотографии и видеа од запален складиште за нафта во Луганск, кој е под руска окупација од 2014 година. Локалните жители објавија дека на пожарот во фабриката му претходеле низа експлозии.
Руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта соборило 95 украински беспилотни летала над различни региони на земјата. Украина редовно напаѓа воена инфраструктура длабоко на руска територија и на окупирани територии за да ја ослаби борбената моќ на Москва. Киев ги смета нафтените објекти за легитимни воени цели бидејќи тие директно ги финансираат воените напори на Русија.
Нападите доаѓаат во време кога Русија води сопствена кампања за уништување на енергетската мрежа на Украина во текот на есента и зимата, оставајќи илјадници луѓе низ цела Украина без греење и електрична енергија.
Европа
Работник згмечи автомобил на депонија во Минхен: Не забележал дека има човек внатре
82-годишен Германец загина во автомобил смачкан од кран што се користи за сечење и дробење стари автомобили во отпад во минхенскиот округ Оберзендлинг во среда попладне.
Според полицијата, автомобилот бил закажан за уништување, а се верува дека човекот влегол во возилото незабележано. Во моментот на несреќата, 60-годишен вработен во компанијата управувал со тешка машина што се користи за дробење стари автомобили.
Работникот прво го смачкал покривот на возилото со кранот, а потоа го превртел на покривот. Дури тогаш, според полицијата, сведок забележал дека во автомобилот има лице, објавува Би-Би-Си.
82-годишникот претрпел смртоносни повреди кога покривот на возилото бил смачкан. На местото на настанот биле повикани служби за итни случаи. Интервенирале пожарникари, работници на брзата помош и полиција. Пожарникарите морале да користат специјална опрема за да го извлечат телото од автомобилот.
Според портпаролот на полицијата, возилото не му припаѓало на починатиот маж. Се верува дека 82-годишникот, кој живеел во Минхен, дошол на местото за да собира старо железо. Сообраќајната полиција во Минхен започна истрага за околностите на несреќата.
Европа
Полска сака да ги забрани социјалните мрежи за деца под 15 години
Полска планира да воведе закон со кој ќе им се забрани на децата под 15 години да користат социјални медиуми и ќе ги направи платформите одговорни за проверка на возраста на корисниците, изјави министерката за образование Барбара Новацка во интервју објавено денеска, објави Ројтерс.
Владејачката Граѓанска коалиција ќе презентира нацрт-предлог со кој ќе се изрекуваат казни за платформите што остануваат достапни за помладите корисници. Новацка додаде дека законот би можел да стапи во сила на почетокот на 2027 година. „Гледаме последици за менталното здравје на децата и младите, како и пад на нивните интелектуални способности“, рече Новацка, истакнувајќи дека нивото на казните за компаниите сè уште се дискутира.
Неколку европски влади, вклучувајќи ги Данска, Грција, Франција, Шпанија и Велика Британија, разгледаа слични ограничувања поради тврдењата дека социјалните медиуми се штетни или предизвикуваат зависност кај малолетниците. Владата на Велика Британија објави во јануари дека разгледува ограничувања за заштита на децата на интернет, откако Австралија спроведе слични закони во декември.
Иницијативата би можела да ја доведе Варшава во конфликт со американските технолошки компании како „Мета“ или „Икс“ на Елон Маск. Некои од тие компании се спротивставија на ограничувањата откако Австралија воведе забрана минатата година.

