Свет
Хаг го обвинува CIA и Пентагон за воени злосторства во Авганистан
Обвинителката на Меѓународниот кривичен суд (ICC), Фату Бенсуда, соопшти дека во моментов поседува докази кои ѝ овозможуваат да претпостави дека американската Централна разузнавачка агенција (CIA) и американски војници во Авганистан, вршеле мачења и други воени злосторства во текот на сослушувањата.
„Во моментов достапните информации дават разумна основа да се верува дека за време на распитите на приведените…, припадници на вооружените сили на САД и на американската Централна разузнавачка агенција применувале методи коишто, според мислењето на комисијата, претставуваат воено злосторство, вклучувајќи тортура, сурово третирање и злоупотреба на човековото достоинство и насилство“, се вели во годишниот извештај, кој се однесува на прелиминарните истраги.
Во извештајот, исто така, се наведуваат и наводни воени злосторства извршени од страна американски војници во периодот од 1-ви мај 2003 до 31-ви декември 2014 година, врз најмалку 61 човек, и притоа се прецизира дека поголемиот дел од престапите можеле да бидат извршени во 2003 и 2004 година.
Бенсуда во својот извештај ги презентира и податоците за веројатните воени злосторства извршени од CIA. Се истакнува дека припадниците на CIA, наводно, применувале мачења, сурово однесување и применувале несоодветни мерки кон најмалку 27 приведени лица на територијата на Авганистан и во други земји членки на Трибуналот, поточно во Полска, Романија и Литванија, во периодот од декември 2002 до март 2008 година. Како и во случајот со американските војници, повеќето од претпоставените злосторства од страна на ICC се однесуваат на 2003 и 2004 година.
„Овие претпоставени злосторства не биле само малтретирања на неколку одделни поединци. Тие, напротив, претставуваат дел од одобрените методи на испрашување за да се добијат ‘веродостојни разузнавачки информации’ од приведените“, се наведува во извештајот, во кој се истакнува дека користењето на тие методи потоа било запрено.
ICC е суд од последната истанца, што значи дека само можел да подигне обвинение, доколку домашните власти неадекватно се занимавале со обвинувањата.
Овој наод значи важен чекор напред во десет години стариот труд на судот во врска со конфликтот во Авганистан и би можел да резултира со остра реакција на американската администрација којашто под новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе има помал меѓународен карактер.
Американските трупи извршија инвазија во Авганистан во 2001 година со која го соборија режимот на радикалното исламистичко движење Талибан кој му даваше засолниште на врвот на терористичката мрежа Ал Каеда. Првично беше планирано сите американски војници да бидат повлечени од земјата во 2014 година, но сегашната американска администрација одлучи да остави дел од контингентот за помош и обука на локалните безбедносни сили./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

