Свет
Нигериските власти објавија дека го заземале клучниот логор на Боко Харам
Нигериската војска го заземала клучниот логор на исламистичкото движење Боко Харам, и се смета дека тоа е последната енклава на бунтовниците во североисточната шума Симиса кое било нивно упориште, изјави саботата претседателот Мухамаду Бухари, поранешен генерал.
„Воениот командант ми кажа дека логорот паднал (…) во петокот, како и дека терористите се во бегство и дека повеќе нема место каде што може да се сокријат“, се наведува во изјавата на нигерискиот претседател Мухамаду Бухари испратена по електронска пошта до агенцијата Reuters.
Бухари додава дека заземањето на логорот Зеро претставува „конечен крах на терористите на Боко Харама во нивната последна енклава во шумата Самбиса“, која се наоѓа на североистокот од нигериската сојузна држава Борно.
Џихадистичката група Боко Харам, која ѝ изјави лојалност на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава, на почетокот од минатата 2015 година контролираше област на североистокот од Нигерија со големина на Белгија, но во текот на ланската и оваа година нигериската војска и силите на соседните држави во кои исто така дејствуваше ова движење го потиснаа од поголемиот дел од тие територии до неговата база во шумат Самбиса.
Во Нигерија, особено последните седум години дејствува радикалната исламистичка група која некои ја сметаат и за секта – Боко Харам која е основана во 2002 година. Таа настојува во северна Нигерија да формира исламска држава во којашто ќе владее најстрогото толкување на шеријатското право и се противи на западниот модел на образование што всушност и значи нејзиното име „Западното учење е забрането“ на локалниот хауса јазик.
Групата стои зад повеќето терористички напади во градовите и масакри во руралните области на земјата и се смета за одговорна за повеќе од дваесет илјади жртви и 2,6 милиони раселени лица од 2009 година.
Боко Харам се смета за најголемата безбедносна закана не само за Нигерија, којашто е најбројната африканска нација чии околу 180 милиони жители се поделени речиси половично на христијани и муслимани, најголемата африканска економија и производител на нафта, туку и за соседните држави./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.