Свет
ОН: Милитантите го блокираат извлекувањето на цивилите од Алепо

Агенцијата на Обединетите нации за човекови права со седиште во Женева, обвини во петокот дека милитантите преостанати во источните квартови од северниот сириски град Алепо го блокираат извлекувањето на цивилите кон квартовите кои се под контрола на владините сили.
„Некои од цивилите кои се обидуваат да излезат, според извештаите наводно се блокирани од страна на вооружените опозициски групи“, изјави портпаролот Руперт Колвил во петокот во седиштето во Женева, пренесе Reuters.
„Додека е многу тешко да се тврдат фактите во така нејасна и опасна ситуација, примивме и вознемирувачки обвиненија за исчезнување на мажи кои минале на областите под контрола на владините сили“, додал Колвил.
ОН стравуваат дека во деловите од Алепо кои се под контрола на бунтовниците, коишто сé повеќе се намалуваат, во незавидна ситуација се наоѓаат повеќе од 100.000 цивили. Светската организација, исто така, стравува и дека бунтовниците од групацијата Џебхат ал-Фатех ал-Шам, поранешната Џебхат ан-Нусра сириското крило на Ал Каеда, го спречила обидот на некои цивили од квартовите во кои има борбени дејствија, што би можело да се карактеризира како воено злосторство, пренесува AFP.
Изјавата следеше неколку часа откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, откако претходно во четвртокот неочекувано во Хамбург објави дека сириската војска ги сопрела борбените дејствија во Алепо за да можат од опсадените населби да се извлечат цивилите и опозициските борци кои тоа го сакаат, во петокот објави дека сириските владини сили ја суспендирале таквата одлука, и дека ќе продолжат со нападите.
„По хуманитарната пауза, ударите продолжија и ќе продолжат сé додека во Алепо има бандити“, изјави Лавров во Хамбург каде што присуствува на дводневната седница на советот на шефовите на дипломатите на ОБСЕ.
Бунтовниците се скептични пред ветувањата на сириската влада и нејзиниот руски сојузник за амнестија на оние кои доброволно ќе го положат оружјето, пред конечното губење на нивното најзначајно упориште во Алепо. Коментаторите сметаат дека конечниот пад на бунтовниците во источно Алепо е неминовен, и оти тоа ќе претставува пресврт во полза на владата на претседателот Башар ал-Асад во граѓанскиот суди кој започна во март 2011 година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Киев бесен од изјавата на Зоран Милановиќ дека „Крим никогаш повеќе нема да биде дел од Украина“

Украинското Министерство за надворешни работи во вторникот го критикуваше хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за неогвата изјава дека Крим никогаш нема да се врати под украинска контрола, опишувајќи го неговиот коментар како „неприфатлив“.
Во изјавата на Милановиќ во понеделникот, за воената помош која Загреб треба да му ја даде на Киев, Милановиќ рече дека е „јасно дека Крим никогаш повеќе нема да биде дел од Украина“.
„Ги сметаме за неприфатливи изјавите на претседателот на Хрватска, кои всушност фрлаат сомнеж на територијалниот интегритет на Украина“, напиша на Фејсбук портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олег Николенко.
Во понеделникот, Милановиќ рече дека е „лудо“ да се мисли дека Русија може да биде поразена во конвенционална војна и ги критикуваше западните земји за снабдување на Украина со тешки тенкови и друго оружје.
Милановиќ им рече на новинарите во хрватскиот главен град Загреб дека воената помош што западните земји му ја даваат на Киев е залудна и само ќе го продолжи конфликтот.
– Јас сум против испраќање на какво било смртоносно оружје таму, тоа ја продолжува војната – рече Милановиќ за напорите на Западот да и помогне на Украина да стави крај на илегалната и неиспровоцирана инвазија на Путин.
– Која е целта? Распад на Русија, промена на власта? Се зборува и за распад на Русија. „Тоа е лудо“, рече тој.
Милановиќ исто така изјави дека Крим – полуостровот што Русија го анектираше од Украина во 2014 година – никогаш нема да му биде вратен на Киев.
Она што Западот го прави во однос на Украина е „длабоко неморално бидејќи нема решение за војната“, им рече Милановиќ на новинарите за време на посетата на касарната во источниот град Петриња,пренесе Блиц.рс.
Европа
Трамп тужи новинар за неовластено користење на аудио снимка

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска покрена тужба против новинарот Боб Вудворд и го обвини дека незаконски користел аудио снимки од нивните разговори во објавеното аудио издание на неговата книга, со што ги прекршил интересите и авторските права на Трамп.
Трамп го обвинува новинарот Вудворд за систематско узурпирање, манипулирање и искористување на звучната снимка со објавување на „Трамп лентите“, аудио компилација од нивните разговори од 2022 година, според „Политико“.
Во тужбата поднесена во Окружниот суд на САД во Пенсакола, Флорида, Трамп бара отштета и признавање дека неговите интереси за авторски права се компромитирани.
Тужбата беше поднесена и против издавачката куќа „Simon & Schuster и Paramount Corporation“, матичната компанија на издавачот „Simon & Schuster“.
Во заедничкото соопштение што го објавија новинарот Боб Вудворд и издавачката куќа „Simon & Schuster“, се наведува дека тужбата на Трамп е „неоснована“, со оглед на тоа што интервјуата се снимени со негова согласност.
Централниот аргумент во тужбата на Трамп е тврдењето дека поранешниот американски претседател никогаш не се согласил неговиот глас да се користи во аудио изданието на книгата на Вудворд, туку се согласил да се снима, нагласувајќи во повеќе наврати дека таквите аудио снимки служеле исклучиво како материјал за печатено издание на книгата.
Свет
Аналитичари: Трамп се доближува до Бајден

Популарноста на американскиот претседател Џо Бајден е во благ пад откако информациите за тајните документи пронајдени во неговите канцеларии станаа јавни, а неговиот претходник Доналд Трамп малку ја зголемува предноста пред потенцијалниот републикански предизвикувач.
Иако Бајден долго време го поддржуваат помалку од половина од американските граѓани, пред две недели актуелниот претседател го постигна својот најдобар резултат од 2021 година – анкетите му дадоа поддршка од околу 48 проценти.
Тоа го укинаа резултатите од конгресните избори и кавгата на републиканците за идеалниот противник на Бајден на следните претседателски избори. Поранешниот претседател Трамп е во центарот на вниманието на медиумите поради истрагата што е покрената против него, вклучувајќи го и откривањето на стотици доверливи документи во неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида, кои ги зел со себе по напуштањето на Белата куќа.
Фокусирањето на Трамп помогна дел од американската јавност да се сети зошто воопшто гласаа за Бајден, но бидејќи во медиумите се појавија информации дека кај Бајден се пронајдени тајни документи од времето кога тој беше потпретседател на Барак Обама, Трамп падна во позадина, а многу неопределени гласачи го доведуваа во прашање интегритетот на Бајден.
Аналитичарите посочуваат дека двата случаи не се споредливи ниту по обемот на документите, ниту по начинот на кој се решени. Додека помошниците на Бајден веднаш го известиле Националниот архив за откривањето на документите, а потоа ги предале, Трамп и неговите адвокати прво одбиле да ги вратат документите за кои се знаело дека се во негова сопственост, а потоа тврделе дека ги вратиле сите. Претресот на ФБИ пронајде уште неколку кутии со доверливи документи во одморалиштето на Трамп.
Според најновата анкета на Си-ен-ен и ССРС, Бајден сега ужива поддршка од околу 46 отсто меѓу регистрираните гласачи, додека претходната анкета на Правниот факултет на Универзитетот Маркет покажа дека неговата поддршка се намали од 47 отсто на 44 отсто.
Си-ен-ен истакнува дека тоа не е голем пад, но сепак е значаен. Прашање е колку самото обелоденување на документите влијаело на тој пад – во исто време се зголеми и цената на горивото на американските пумпи, на што американските гласачи се исклучително чувствителни.
Трамп, од друга страна, почна да ја враќа предноста пред гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, кој многумина од десницата го поздравија како нова ѕвезда на Конзервативната партија по изборите.
Пред изборите, Трамп водеше со дури 30 поени пред ДеСантис кај републиканците, но откако резултатите на нивната партија сериозно пропаднаа, освен во Флорида на ДеСантис, водството на Трамп беше намалено на само десет поени.
Последните анкети покажуваат дека оваа предност повторно почнала да расте и сега изнесува околу дваесет процентни поени во корист на Трамп, што значи дека поранешниот претседател во моментов е најверојатниот победник на прелиминарните избори за републиканскиот претседателски кандидат.
Анкетата спроведена од колеџот Емерсон покажува дека 55 отсто од републиканските гласачи би го избрале Трамп, а околу 29 отсто би го избрале ДеСантис.
Доколку Бајден и Трамп повторно се судрат на претседателските избори, резултатот би бил многу понеизвесен – и двата би биле избрани од околу 40 отсто од гласачите во овој момент,пренесе Денес.рс.