Свет
Путин на чело на листата на највлијателните личности според Forbes, го следи Трамп
Владимир Путин ја предводи, по четврти пат по ред, листата на највлијателни личности на светот во рангирањето што традиционално секоја година го прави американскиот магазин Forbes, а од Кремљ соопштија дека рускиот претседател сé уште не го погледнал изданието.
„Највлијателниот човек на светот четврта година на ред е претседателот на Русија, кој го шири влијанието на својата земјата речиси во секој агол на светската мапа“, се наведува во образложението.
„И во својата татковина, и во Сирија, и на претседателските избори во САД, рускиот челник продолжува да го постигне сето она што тој го посакува“, забележува Forbes.
На второто место е новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, а на третото германската канцеларка Ангела Меркел којашто претходната 2015 година беше втора во ова рангирање.
„Заземајќи го второто место избраниот претседател Доналд Трам, се чини, се покажува како имун на скандалите, на неговата страна се двата дома на Конгресот, а неговото лично богатство се проценува во милијарди“, пишува Forbes, во коментарот во кој пласманот на Меркел „по игра на случајот ја прави најмоќната жена на светот, бидејќи ….. таа е главниот столб на Европската унија“.
Четврти е кинескиот претседател Кси Џинпинг, а петти е поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск.
На листата се и соосновачот на „Microsoft“, Бил Гејтс, на седмото место, индискиот премиер Нарендра Моди е деветти, а првата „десетка“ ја заокружува основачот на „Facebook“, Марк Цукерберг.
Американскиот претседател на заминување Барак Обама е само 48-ми на листата. Пред него се британската премиерка Тереза Меј на 13-та позиција, дури и францускиот претседател Франсоа Оланд на 23-то, иако во својата земја има историски најнизок рејтинг и е еден од двајцата француски челници кои нема да се кандидира за вториот мандат. Јапонскиот претседател Шинзо Абе, како 37-ми, исто така, е пред Обама.
Во оваа група личности кои се повисок рангирани од Барак Обама, влегуваат и сопствениците на корпорацијата „Alphabet“ на интернет пребарувачот Google, Лери Пејџ и Сергеј Бирн, кои ги заземаат 8-та и 30-та позиција на листата на Forbes. Челникот на компанијата „Apple“ Тим Кук е 32-ри, а медиумскиот магнат Руперт Мардрок е на 35-то место.
Новоизбраниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и филипинскиот претседател Родриго Дутерте се 70-ти, а веднаш зад нив е водачот на исламистичката терористичка мрежа Ал Каеда, Ајман ал-Завахири./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Словачка го прекина снабдувањето со електрична енергија за Украина
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, побара од операторот на електричната мрежа денес да го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку протокот на нафта низ нафтоводот „Дружба“ не продолжи.
„Од денес, доколку украинската страна се обрати до Словачка со барање за помош за стабилизирање на украинската енергетска мрежа, нема да добие таква помош“, рече Фицо во соопштението.
Фицо рече дека мерката ќе биде укината штом ќе продолжи транзитот на нафта во Словачка.
Украински беспилотни летала погодија руска пумпна станица што го опслужува клучниот нафтовод „Дружба“ за снабдување на Источна Европа со сурова нафта од Москва, изјави денес украински безбедносен службеник.
Нападот, најновиот во серијата украински напади на трасата, се заканува дополнително да ги ескалира тензиите меѓу Украина и нејзините соседи Унгарија и Словачка, кои го обвинија Киев дека се обидува да го блокира протокот на нафта преку цевководот до нивните рафинерии.
Испораките на руска нафта за Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, кога Киев објави дека руски напад со беспилотни летала ја погодил опремата на нафтоводот во западна Украина. И покрај речиси четиригодишната војна со Русија, Украина продолжи да го олеснува транзитот на руска нафта преку цевководи низ нејзината територија, иако го запре транзитот на руски гас на почетокот на минатата година.
Унгарија и Словачка се заканија дека ќе го прекинат снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку протокот на нафта не продолжи. Електричната енергија од Унгарија и Словачка сочинува околу 70 проценти од увозот на Украина и е исклучително важна за земјата.
Свет
Во Италија пронајдени белешки на Мусолини од средба со Хитлер
Белешки од фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини од средбата со Адолф Хитлер во 1944 година се пронајдени во Ииталија, објавија денес германските медиуми.
Хартијата со белешките, за кои е недвосмислено потврдено дека се на Мусолини, била запленета од специјален тим карабинери пред документот да биде понуден на аукција во Торино. Документот потоа бил префрлен во Државниот архив во Рим. Специјалистите ги окарактеризирале белешките како „документ од исклучително историско значење“.
Тоа е хартија со рачно напишани поглавја за „воени сили“, „политика“ и „економија и труд“, и е документот што Мусолини го користел за време на неговата средба со Адолф Хитлер на 22 април 1944 година, во замокот Клајсхајм во близина на Салцбург.
За потсетување, Бенито Мусолини беше премиер до капитулацијата на Италија во 1943 година. После тоа, Хитлер го назначи за шеф на марионетска фашистичка држава. Италијанските партизани го уапсија Бенито Мусолини во април 1945 година додека се обидуваше да избега во Швајцарија и го застрелаа.
фото/Википедија
Свет
Белата куќа: Ги зголемуваме тарифите за увоз од ЕУ
Тарифа од 15 проценти ќе биде воведена за увоз од Европската Унија во Соединетите Американски Држави, изјави висок функционер на Белата куќа.
Основата за новата стапка е глобална царинска наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп по одлуката на Врховниот суд, рече функционерот.
„Сепак, ова е само привремено бидејќи администрацијата ќе побара од други правни лица да спроведат посоодветни или претходно договорени царински стапки“, рече функционерот. „Дотогаш, очекуваме сите земји да продолжат да се придржуваат кон своите обврски според трговските договори за намалување на трговските бариери и други отстапки, кои не се променети“, додаде тој.
Врховниот суд на САД во петокот зададе голем удар врз трговските политики на Трамп, пресудувајќи дека основата за повеќето од царините наметнати на речиси сите трговски партнери е нелегална.
По одлуката на Врховниот суд, Трамп прво објави глобална царина од 10 проценти за увозот од САД во петокот, пред да ја зголеми на 15 проценти во саботата.
Претседателот на САД повторно го критикуваше Врховниот суд. „Судот, исто така, ги одобри сите други царини, од кои има многу, и сите тие можат да се користат на многу помоќен и понепријатен начин, со правна сигурност, од царините како што првично се користеа“, напиша Трамп во објава на социјалните медиуми.
фото/Depositphotos

