Свет
Путин во посета на Јапонија, со Абе зборува за спорните Курилски острови

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот домаќин јапонскиот премиер Шинзо Абе во четвртокот лично ги разработиле параметрите на документот за почетокот на консултации за заедничката руско-јапонската соработка на спорните четири јужнокурилски острови, којшто ќе биде објавен во петокот, пренесуваат агенциите кои одбележуваат дека станува збор за прва посета на некој руски претседател на Јапонија по 11 години.
Во Нагато, на југозападот од Јапонија, рускиот претседател Владимир Путин и јапонскиот премиер Шинзо Абе се обидуваат да постигнат напредок во врска со територијалниот спор кој го блокира потпишувањето на мировниот договор меѓу двете земји со кој всушност би се завршила по 70 години Втората светска војна,
Русија и Јапонија, коишто имаат територијален спор околу четири острови на југот од Курилите кои при крајот на Втората светска војна ги присоедини Советскиот сојуз, како и САД во Пацификот, а за кои Токио полага право, сé уште официјално не го потпишаа прекинувањето на војната. Преговорите за овие четири вулкански острови кои Јапонија ги нарекува Северни територии тапкаат во место, особено откако црноморскиот полуостров Крим се присоедини на Руската Федерација во март 2014 година, што беше осудено од Западот и од Јапонија.
Кон крајот на септември минатата 2015 година, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средбата со јапонскиот колега Фумио Кишида исклучи секаква можност од постигнување компромис со Јапонија, повикувајќи го Токио да ја признае „историската реалност“. Инаку претходно во 2011 година, тогашната јапонска влада го отфрли предлогот на Москва за формирање слободна економска зона на Курилските острови.
Но неодамна истакнувајќи ги напорите на двајцата челници „во изнаоѓањето решение прифатливо за двете страни“, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров по неодамнешната средба со јапонскиот колега Фумио Кишида призна дека „не е едноставно да се помират ставовите“.
На почетокот од средбата во Нагато, Путин му се заблагодари на Абе за неговите напори благодарејќи на кои дојде до придвижување во билатералните односи меѓу двете земји и изрази надеж дека неговата дводневна посета на Јапонија ќе придонесе за развојот на руско-јапонските односи. Рускиот челник сака да даден нов поттик на билатералната соработка и очекува склучување редица договори од областа на медицинската технологија до енергетиката.
„Благодарејќи на вашите напорни се случува одредено напредување во развојот на руско-јапонските односи. Јас и моите колеги очекуваме дека нашите состаноци денеска и утре значително ќе придонесат на развојот на билатералните врски“, рече Путин.
Забележливо за јапонските медиуми е што последните месеци Русија значително ги развива воени постројки на две од четирите спорни острови и распореди крајбрежни системи на одбрана и дронови, што го предизвика гневот на Токио.
Кога станува збор за разговорите околу Курилските острови, по средбата меѓу Путин и Абе, советникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков за новинарите изјави дека челниците прашањето за заедничко владеење и соработка на спорните острови разговарале и во текот на нивните претходни контакти, а последниот пат кон крајот на ноември во перуанската престолнина Лима по што на експертите во двете земји им дале задача да подготват заедничка декларација која треба да произлезе од сегашната средба.
„Експертите неколку седмици работеа на текстот, но не можеа да изработат документ кој би ги задоволил и двете страни, па затоа нашите челници ја разгледуваа конечната верзија којашто ќе биде објавена утре“, рече Ушаков.
„Се работи за тоа дека лидерите им порачаа на експертите од двете земји да започната со детални консултации за условите, формите и областите од заедничките стопански активности на јужните Курилски острови“, појасни претставникот на Кремљ, прецизирајќи дека станува збор за сите четири острови.
Според Ушаков, во документот се наведени областите како што се риболовот, аквакултурата, туризмот, медицината, екологијата…. Одговарајќи на прашањето дали активностите ќе се водат според руското законодавство, советникот на Путин одговорил потврдно „Се разбира, тоа е територија на Руската Федерација“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Шефот на американската дипломатија на турнеја по Блискиот Исток, прва станица му е Египет

Американскиот државен секретар, Антони Блинкен, пристигна во Каиро, прва дестинација од турнејата на Блискиот Исток каде повторно се разгоре израелско-палестинскиот конфликт, со минимални шанси да се искористи американското влијание за да се намалат тензиите.
Пред да замине за Ерусалим и Рамала, каде што ќе престојува утре и вторник, Блинкен се среќава со египетскиот претседател Фатах ал-Сиси и министерот за надворешни работи Самех Чукри.
Во Египет, главен регионален сојузник на САД, Блинкен првенствено ќе разговара за Либија и Судан, но веројатно во тие дискусии ќе доминира конфликтот меѓу Израел и Палестинците. Каиро, имено, традиционално ја игра улогата на посредник меѓу двете страни.
Безбедносната ситуација во Израел и на палестинските територии драстично се влоши, со палестинските убиства на цивили пред синагога и интервенција на израелската армија во Џенин, на Западниот Брег.
Во четвртокот девет Палестинци беа убиени, а 20 ранети во судирите со израелските војници во Џенин на Западниот Брег. Израел објави дека операцијата во Џенин била спроведена со цел апсење на членови на милитантната група Исламски џихад.
Потоа, во палестинските напади вчера и петок беа убиени седум лица, а 12 беа ранети. Вчера две лица беа ранети во напад во источен Ерусалим, кој израелската полиција го опиша како терористички напад, додека ден претходно во напад на синагога во истиот град загинаа седум, а ранети беа десет Израелци. Нападот на синагогата беше извршен на Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
Во светлината на повторното разгорување на насилството, треба да се очекува Блинкен да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас за потребата од примена на итни мерки за смирување на ситуацијата.
САД претходно најостро го осудија нападот во Источен Ерусалим како грозоморен чин и рекоа дека посветеноста на САД за безбедноста на Израел останува цврста. Но, се чини дека просторот за маневрирање на американскиот државен секретар е ограничен на повици за смиреност и аналитичарите не очекуваат премногу од посетата на Блинкен. Сметаат дека Вашингтон ќе застане на повеќекратните повици за решение кое предвидува две посебни држави.
Гаит Ал-Омари, експерт од Вашингтонскиот институт, смета дека посетата не сигнализира никаква промена на американската позиција кон израелско-палестинскиот конфликт, но убеден е дека разговорот со Махмуд Абас нема да биде пријатен.
Аналитичарите оценуваат и дека со оваа посета на Блинкен, Вашингтон дава до знаење дека сака итно да се поврзе со Нетанјаху, со кого администрацијата на демократскиот претседател Џо Бајден од почетокот има затегнати односи.
Пред посетата на Блинкен на Израел, советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан го увери израелскиот премиер за американската поддршка за Израел.
За време на денешната посета на Египет, кој ужива дарежлива американска воена помош, Блинкен ќе се сретне и со претставници на граѓанското општество кои потсетуваат дека дури 60.000 политички затвореници тлеат во египетските затвори.
Регион
Во Сплит казната за одење во костим за капење на улица и пиење алкохол на јавно место е 150 евра

На првиот ден од годинава во Сплит стапи на сила новата одлука за комунален ред во која се пропишани повисоки казни за прекршителите, па може да се очекува летово да нема туристи во костими за капење на улиците, бидејќи доколку бидат фатени по комунален ред ќе им следува казна од 150 евра, известуваат хрватските медиуми.
Истата казна од 150 евра е пропишана и за оние кои пијат алкохол на јавни места, а казната за шетање куче без поводник е согласно одлуката за условите и начинот на чување миленици и изнесува 66,36 евра за физичко лице.
Жителите на Сплит и нивните гости по улиците ќе ги надгледуваат 21 комунален редар, а уште 12 ќе чекаат на повик во зградата на градската управа.
Од август 2020 година, градот Дубровник има слична одлука за комунален ред, а минатата година првите разголени туристи платија општински казни од 1.000 куни.
Новата сплитска одлука за комунален ред е донесена на последната седница на Градскиот совет во 2022 година, а стапи на сила од новата година.
Свет
Најмалку 527 луѓе се убиени во Иран од почетокот на протестите

Најмалку 527 луѓе се убиени во Иран од почетокот на антивладините протести пред повеќе од четири месеци, објави американскиот „Хјуман рајтс воч“.
Меѓу нив имало 71 малолетник и 70 полицајци и други безбедносни сили, наведува агенцијата, пренесе Хина, повикувајќи се на ДПА.
Вкупно беа уапсени речиси 20.000 луѓе.
Протестите се проширија во 160 градови
Повеќе од стотина од нив ја чекаат смртната казна, а неколку демонстранти веќе се егзекутирани.
Бранот протести во Иран беше поттикнат од смртта на Махса Амини во притвор на 16 септември 2022 година, којашто моралната полиција ја уапси поради „несоодветна“ облека.
Протестите се проширија во 160 градови.
Иранските власти се’ уште не објавија информации за вкупниот број на загинати и уапсени.