Регион
Бугарија тврди дека не доставила оружје во Сирија од 2011-та

Бугарија се придржува до сите меѓународни стандарди за извоз на оружје и не доставувала во Сирија од почетокот на тамошниот вооружен конфликт во март 2011 година, изјави за телевизијата bTV вршителот на должноста министер за одбрана Даниел Митов.
Претходно новинарите открија во источните квартови на северниот сириски град Алепо, кои беа речиси четири години под контрола на бунтовничките групации, открија складиште со муниција од бугарско производство. Според прилогот емитуван на телевизијата Nova TV, меѓу најденото вооружување 122-милиметарски ракети „Град“, муниција со калибар 73 мм за противтенковско оружје и проектили со калибар 40 мм за рачен противтенковски гранати (РПГ).
„Функционира меѓуминистерска комисија за извоз на оружје. Бугарија се придржува до строгите стандарди, ние не доставувавме оружје во Сирија од почетокот на конфликтот во оваа земја во 2011 година“, изјави Митов.
Претходно во средата сириската армија објави дека во бунтовничките складишта во источно Алепо открила големи количество американско оружје, како и оружје кое бунтовниците го заплениле од касарните на сириските владини сили.
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, претходно коментирајќи ги информации за бугарско оружје во Сирија дека отсуството на регулација во оваа сфера „целосно им оди во прилог на некои во Бугарија“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Додик повторно ќе се сретне со Путин: Тој е најдобриот политичар што сум го сретнал

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, потврди дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, кинескиот претседател Си Џинпинг, претседателот на Азербејџан Илхам Алиев и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Тој на 20 октомври оди во Русија и ќе остане до 5 ноември.
„Путин е најдобриот човек што сум го запознал во политиката и горд сум што имам можност да разговарам со него“, изјави Додик.
Имено, тој ќе оди во Кина „некаде по Русија“ на средба со Џинпинг, а во Будимпешта на средба со Орбан веќе на 2 октомври.
Регион
Гардијан за вооружениот конфликт во Косово: Доколку се докаже дека Вучиќ е вмешан, тоа може да доведе до санкции против Србија

Косово ја обвини Србија дека стои зад воената група која во неделата нападна полициска патрола и се судри со косовските сили.
Властите во Приштина покажаа низа модерно оружје што го користела групата, вклучително и два оклопни автомобили од српско производство и фрлач на гранати, заедно со документ што наводно покажува дека фрлачот гранати, произведен од Застава Армаментс, бил испорачан од српската армија, пишува британскиот Гардијан.
Косовската влада, исто така, тврди дека водачот на групата бил истакнат политичар од косовски Срби, лојален на српскиот претседател Александар Вучиќ, и дека еден од тројцата борци убиени во неделата бил поранешниот телохранител на Александар Вулин, шефот на српската разузнавачка служба, кој е санкциониран од САД за корупција.
„Оваа група дојде од Србија, тие се обучени во Србија, финансирани и опремени од српската армија и нејзината полиција. Дел од оружјето е земено од армискиот магацин и предадено на терористите кои дошле на Косово од Србија“, изјави за Гардијан косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља.
Свечља рече дека неговото министерство ги споделило доказите со западните амбасади и агенции.
„Тие сакаа да ја окупираат територијата на Косово и да отворат нов канал за комуникација, нов пат од Србија до Косово“, рече тој и додаде дека крајната цел е поделба на земјата.
Српската влада негираше вмешаност во вооружената група, но одржа официјален Ден на жалост за тројцата загинати.
Косово вели дека групата била предводена од Милан Радоичиќ, заменик-претседател на партијата Српска листа поддржана од Белград, која доминира во политиката во четири општини со мнозинско српско население во северно Косово.
Свечља рече дека разузнавачката служба на неговата земја верува дека Радоичиќ, кој е санкциониран од САД и Велика Британија, е ранет и се опоравува во главната воена болница во Белград. Тврдењето не можеше да се потврди независно.
Радоичиќ не се огласи во јавноста, но министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, тврди дека снимката на која се гледа Радоичиќ меѓу припадниците на паравојската е „измама“.
Конфликтот се случи во време кога преговорите со посредство на ЕУ за нормализација се во застој, при што Вучиќ вети дека никогаш нема да го признае Косово, а косовската влада одбива да воспостави полуавтономна асоцијација на српски општини.
САД ги поддржуваат преговорите и досега застанаа на страната на Европа бидејќи најголем дел од вината за нивниот неуспех ја префрлаа на косовскиот премиер Аљбин Курти. Но, администрацијата на Бајден ја истражува вмешаноста на Белград во паравоената единица и се обидува да ја открие нејзината мисија.
Доколку се утврди дека Вучиќ бил вмешан, тоа би можело да го промени пристапот кон преговорите на САД и ЕУ, кои законодавците од двете страни на Атлантикот ги критикуваа како пристрасни кон Белград. Ова може да доведе и до санкции против Србија.
„Се појасно е дека имало сценарио да се предизвика конфликт, српската војска да влезе да го заштити српскиот народ на север и на тој начин да ја изврши поделбата на Косово. Оваа операција, без разлика кој е директно одговорен за неа во Белград, ја премина црвената линија која Западот не може да ја толерира. Ваквата ситуација Курти не ја испровоцира, како што коментира мнозинството во Белград. Напротив, тој покажа зрелост, а косовската полиција покажа професионализам“, изјави Соња Бисерко, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија.
Во брифинг документ за ЕУ, косовската влада соопшти дека „група од десетици маскирани вооружени лица отвориле оган врз рутинска полициска патрола“ на 24 септември во селото Бањска во близина на границата со Србија.
Во судирите загинаа еден косовски полицаец, тројца членови на воената група, а неколкумина беа повредени. Српската група потоа се повлекла со оклопни автомобили во манастир во близина на селото, што довело до судири. Пред косовската полиција да успее да ја преземе контролата врз манастирот, рече Свечља, некои од паравоените групи успеале да побегнат и да преминат во Србија.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен го осуди нападот врз косовската полиција и рече: „Сторителите на ова злосторство мора да одговараат преку транспарентен истражен процес“. Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од какви било активности или реторика што може дополнително да ги подгрее тензиите“.
Блинкен повика на „враќање на дијалогот со посредство на ЕУ“.
Регион
(Видео) Додик: Имаме проблем со САД и ЕУ, не сум го изгубил умот ниту политички, ниту психички

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, за РТРС изјави дека не се плаши од судење за неспроведување на одлуките на високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит и дека нема да бега, ниту да оди во затвор. Додик рече дека странците се обидуваат да го менаџираат овој процес и дека тоа го прават за да го тргнат од политичката сцена.
„Нема да бегам, ниту ќе одам во затвор. Босна и Херцеговина ќе пропадне побрзо отколку јас што ќе одам во затвор. На судството на Босна и Херцеговина е да ги докаже обвиненијата против мене“, изјави Додик за РТРС.
Додик за Шмит повтори дека е нелегален, нелегитимен, дека измислува… „Ако сме ние за него мајмуни, тогаш и тој е свиња за нас и тоа фашистичка. Сега се покажа дека Шмит е поддржувач на фашизмот и оние кои Хитлер ги одликуваше со највисокото признание“, рече претседателот на Република Српска.
„Имаме сериозен проблем со Америка и ЕУ кои овде ни ги ускратуваат уставните права, но тоа не е безнадежно, не сум го изгубил умот ниту политички ниту психички, но не сакам да бидам дел од наметната матрица на однесување, во кои тие се нешто посебно, а ние сме фактор кој пореметува.
Србите не се народ кој лежерно ги прифаќа туторите. Наративот дека американското влијание е позитивно овде, а руското влијание е негативно, го наметнуваат западњаците, Американците и другите од Брисел, кои имаат проблем со Русија“, рече Додик.