Регион
Додик: Република Српска нема да испраќа оружје во Украина

Република Српска нема намера да ѝ испорачува оружје на Украина, изјави претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во интервју за РИА Новости.
Одговарајќи на прашање за ризиците западното оружје од Украина да стигне до црниот пазар на европските земји, вклучително и на Балканот, Додик рече дека таква опасност постои.
„Гледаме како одредени земји, под влијание и притисок на НАТО, сега ѝ го испраќаат своето оружје во Украина. Република Српска не го прави тоа и нема намера да доставува оружје“, рече тој.
Додик пред три дена се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Тој посочи дека разговорите со Путин биле успешни, дека се разговарало за актуелната ситуација, регионалните и глобалните прашања.
„Многу сум благодарен за поддршката што Руската Федерација ѝ ја дава на Република Српска, вклучително и на ниво на меѓународното право, а тоа е гарант за имплементација на Дејтонскиот договор и на оние услови кои мора да бидат исполнети на ниво на Советот за безбедност на ОН“, рече Додик.
Тој посочи дека верува оти повлекувањето на руските војници од БиХ пред 20 години било грешка, бидејќи, според него, се додека има меѓународни сили во БиХ, треба да има и руски.
„Србите несомнено би сакале присуство на руската страна во БиХ, но таа одлука е донесена на високо ниво и веројатно е договорена на меѓународно ниво“, рече тој.
Осврнувајќи се на актуелната геополитичка ситуација во светот, Додик направи паралела меѓу Русија и Југославија.
„Претседателот Путин се грижи за својата земја и за својот народ. Тој секогаш беше принципиелен во претходните обиди да разговара со Западот и НАТО и да воспостави заеднички безбедносни и политички односи. Сепак, тие не го послушаа и продолжија да ѝ го прават на Русија она што претходно ѝ го правеа на Југославија“, рече Додик.
Додик и Путин разговарале и за воената сфера, па Република Српска очекува испорака на руски хеликоптери „ансат“ и разгледување на новите потреби во таа сфера. Република Српска претходно купи три руски хеликоптери, од кои два се веќе испорачани.
Според Додик, договорите меѓу Република Српска и „Гаспром“ за изградба на кракот на гасоводот од Србија се уште важат, а Бања Лука се надева дека реализацијата на проектот може да започне годинава, но дека е потребно е да се договорат сите преостанати процедури.
Проектот за магистрален гасовод со кој БиХ ќе се поврзе со гасно-транспортниот систем на Србија и кој ќе добива гас од Русија е во фаза на подготовка.
Република Српска преговара со Русија и за проекти за реконструкција на термоцентрали и набавка на опрема за работа во рудниците, за што би можело да се разговара веќе во јуни, кога делегација на РС ќе отпатува на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.
Додик ја коментираше и ситуацијата со високиот претставник за Бих, Кристијан Шмит, велејќи дека тоа што Русија и Кина не го поддржуваат Шмит на таа позиција всушност значи дека тој не е официјално прифатен за висок претставник на ниво на Советот за безбедност на ОН.
„Во тој случај нема формална одлука и Шмит само ја игра само улогата на висок претставник. Советот за безбедност не ја одобри неговата кандидатура,“ нагласи Додик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Ердоган ги повика граѓаните утре да гласаат, Киличдародглу порача: „Да ја извлечеме Турција од темната јама“

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска ги повика граѓаните на таа земја утре да гласаат во вториот круг од претседателските избори. Неговиот ривал, кандидатот на опозицијата Кемал Киличдародглу, пак, му порача на народот да гласа за да ја извлечат земјата од „темната јама на дводецениското владеење на Ердоган“.
Како што јави Ројтерс, Ердоган и Киличдароглу планираат да привлечат околу осум милиони гласачи кои не излегоа на гласање во првиот круг од изборите.
Првиот круг од претседателските избори се одржа на 14 мај, а Ердоган освои повеќе од 49 отсто, додека Киличдароглу близу 45 отсто.
За победа беа потребни 50 отсто плус еден глас.
Обраќајќи им се на поддржувачите во Истанбул за време на последниот предизборен митинг пред вториот круг, Ердоган апелираше на голем одѕив.
„Ќе одиме ли утре на гласање? Ќе излеземе рано сабајле да гласаме за некого? Секој што гласал во првиот круг нека гласа и во вториот“ рече Ердоган, додека публиката воодушевено извикуваше „да“ – додава Ројтерс.
Киличдароглу, кој е поддржан од шест опозициски партии, рече дека секој што ја сака Турција „мора да гласа“.
„Ако навистина сакате, сите заедно ќе излеземе од оваа темна јама. Ги повикувам луѓето да гласаат, без разлика на ставовите или начинот на живот. Ова е последна шанса. Секој што ја сака земјата треба да излезе на избори“, порача Киличдароглу на Твитер.
Третопласираниот Синан Оган, кој освои 5,2 отсто од гласовите во првиот круг, го поддржа Ердоган.
Избирачките места се отвораат утре во 08:00 часот, а се затвораат во 17:00 часот по локално време.
Право на глас имаат над 60 милиони гласачи, а неофицијални резултати се очекуваат веќе во недела доцна навечер.
Регион
Се укинува шоуто „Задруга“ – Вучиќ побара, Митровиќ става клуч

Сопственикот на српската телевизија Пинк, Жељко Митровиќ, на „Твитер“ објави дека оценката на претседателот на Србија, Александар Вучиќ е поважна од интересот на „ТВ Пинк“ и од неговиот личен интерес. Затоа и донел одлука за укинување на реалното шоу „Задруга“ што е можно поскоро.
Митровиќ, најави дека во наредните десетина дена ќе го откаже реалното шоу „Задруга“.
Претходно, медиумите во Србија објавија дека Вучиќ изјавил оти во разговор со сопственикот на телевизијата Пинк го замолил да ја разгледа можноста за укинување на реалното шоу.
Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ изреагира на објавата на Жељко Митровиќ, сопственикот на телевизијата Пинк, дека ќе го укине контроверзното реално шоу „Задруга“.
Како што објави босанскиот медиум „Кликс“, Трифуновиќ кратко искоментирал на неговата објава: „Брате, доцна е. Предоцна. За сѐ“.
По масакрот во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, јавноста покрена петиција за укинување на реалните шоуа и одземање на лиценците за работа на телевизиите „Пинк“ и „Хепи“. Исто така, едно од барањата на протестот „Србија против насилството“ беше укинување на програмите кои промовираат насилство и неморал, како што се реалните шоуа.
Регион
Српскиот министер за одбрана избран за претседател на партијата на местото на Вучиќ

На седницата на вонредното собрание на партијата во Крагуевац за претседател на Српската напредна партија е избран актуелниот министер за одбрана и потпретседател на српската влада, Милош Вучевиќ.
Претходно денеска, на вонредното собрание, Вучиќ, предлагајќи го Вучевиќ за свој наследник, рече дека „го познава како човек лојален на СНС, од добро семејство, но и посветен на идејата за независна и просперитетна Србија“.
Вучевиќ рече дека „голема е предноста кога ја наследуваш партијата по Вучиќ“.
„Ќе имам една голема предност во политиката, што покрај себе ќе имам таков политичар како што е Александар Вучиќ. Потешката околност е што не е лесно да се зачува и подобри и да се продолжи понатаму. Верувам дека заедно, како тим, раководството на партијата, ќе бидеме достојни на тој предизвик и свесни за тие обврски“, рече тој.
Тој рече дека ќе има можност да се консултира и со други членови на партијата, бидејќи не е проблем да се прашува, важно е да се разговара, да се разменат мислења. Вучевиќ рече дека СНС е подготвена да разговара со сите политички актери.
Потврди дека исто како и Вучиќ, нема да дозволи преодна Влада во Србија.
„Владата се формира само врз основа на мнозинството во Собранието, а тоа се добива со поддршка од граѓаните на избирачките места, односно на избори. За тоа нема дискусија и не оставаме ни милиметар простор за некој да замисли дека ќе ја преземе власта. Ја преземате власта кога ќе добиете мнозинска поддршка од гласачите“, рече тој.