Регион
Харадинај се бранел со молчење пред судот во Хаг

Рамуш Харадинај по завршувањето на сослушувањето пред Судот за воени злосторства во Косово рече дека ги послушал правните совети и се бранел со молчење.
Во изјава за косовските медиуми по напуштањето на судот во Хаг, тој нагласи дека по ова испитување нема други обврски кон Судот и најави дека ќе се врати во Косово и дека е подготвен за новите парламентарни избори.
„Го прифатив правниот совет да не одговарам воопшто на прашањата. Со ова моите правни обврски кон судот се завршија и други обврски немам. Ова е сето што можам го да кажам денеска. Нема некаков материјал, содржина за тоа за што станува збор и правниот совет беше да не навлегувам во дискусии. Не знам за што сум повикан, побарав објаснување, но не добив конкретен одговор. Поради мојата улога во Ослободителната војска на Косово, секако, но не за нешто конкретно“, изјави Харадинај.
Најави дека веднаш по враќањето во Косово ќе се вклучи во политичкиот живот.
„Се враќам, како и сите други во политиката, за да се доближам до граѓаните, со тие теми кои се во интерес на граѓаните. Подготвен сум за сè. Било да не повика собранискиот спикер за распуштање на парламентот или претседателот на државата за одредување датум за избори. Развојот на настаните не е едноставен, бев принуден да дадам оставка, да одиме на избори. За среќа, состојбата во Косово е стабилна“, изјави Харадинај.
По добивањето на поканата од специјалниот суд во Хаг, Харадинај поднесе оставка од премиерската функција, порачувајќи дека пред трибуналот сака да се појави како граѓанин, а не како премиер на Република Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Силен земјотрес ја погоди Грција, почувствуван и во Атина

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтеровата скала е регистриран околу пладне во централна Грција.
Епицентарот на земјотресот бил недалеку од Ливадиа, а тресењето на земјата е почувствувано и во реонот на Атина.
„Кратко, но силно“, сведочат Грците во ЕМСЦ.
„Се заниша на 2-ри кат“, велат тие.
Засега не се знае дали има материјална штета.
Регион
Скандал во Србија: Била отпуштена од работа затоа што ги критикувала Вучиќ и Брнабиќ

Нуклеарна инженерка вработена во Дирекцијата за радијација и нуклеарна безбедност на Србија добила отказ поради објави на Твитер за српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, пишува „Време“.
Во отказното решение, до кое имале увид новинарите на порталот „Време“, се наведуваат цитати од два твита со кои нуклеарната инженерка е прогласена за „неспособна за работа во државна институција“.
Решението за разрешување, според медиумот, го потпишал директорот на дирекцијата за радијациона и нуклеарна безбедност, а неделникот додава дека службата за информирање на Дирекцијата две години ги следела нејзините твитови.
Весникот „Време“ пишува дека таа никогаш не ја критикувала власта под нејзиното полно име, ниту во работното време, ниту ја споменала ниту коментирала институцијата во која работи.
Регион
(Видео) „Србија против насилството“-Нов протест во Белград

Во Белград денеска се одржува шестиот по ред протест „Србија против насилството“. Организаторите велат дека условите остануваат исти.
Актерот Сергеј Трифуновиќ зборуваше за тоа како актерите станаа најважна тема за „N1“.
„Мислам дека тоа е замена на тези. Луѓето кои зборуваа за актерите, Небојша Бакарец, Јелена Карлеуша, Наташа… како се вика… носителот на вилицата од која паѓаат пломби и пцости, ја познаваме жената 25 години. Сите се испратени само за да се отстрани она што всушност е тема во општеството: одговорноста на државата. Апсолутна власт, апсолутна одговорност. На 3 мај се случи „Рибникар“, на 4 мај Дубон и на 5 мај , се случи нешто што би предизвикало пад на секоја влада во која било држава, а тоа е случајот со педагог, педофил. Па 35 деца на порно сајт од човек чија единствена квалификација за работа и пристап до деца е членска книшка на СНС“, рече Трифуновиќ и додаде:
„Воопшто не сакам да зборувам за актерите. И јас сум актер и ме удрија во глава, па никој од колегите не се туркаше да ме спаси или да ми помогне. Последен пат го слушавме синот на Станика Глигоријевиќ, кој до солзи на сите нас овде ни рече: „Не можам да ја вратам мајка ми, но можам да барам правда“.
Радикализацијата на протестите е логичен и очекуван чекор што може да се очекува во секоја ситуација кога едната страна поставува барања, а другата ги игнорира, вели професорот Жарко Корач.
„Тие не поставија барања „Вучиќ веднаш си оди“, туку барања кои беа исполнети. Не ја обвинувам опозицијата, туку власта, бидејќи Вучиќ сака радикализација. Се што може да се случи ќе биде негова одговорност. Тој предолго е на власт, а судејќи по неговите изјави, веќе не сум сигурен дека е свесен што се случува на улица“, изјави Корач.