Регион
(ВИДЕО) Работничка од Србија загина во фабриката Леони во Романија
Една работничка од Србија загина, а уште двајца други српски државјани се повредени во четвртокот во фабриката Леони во романскиот град Питешти.
Романските медиуми информираат дека 22-годишен маж, исто така, вработен во Леони, со автомобил влетал меѓу групата на луѓе, кои се наоѓале во кругот на фабриката, која е во селото Аргес Басков.
Српската државјанка била на обука во Романија. Според истите извори двајца од повредените работници се од Србија. Еден има тешка повреда на главата.
“Повредени се седум или осум лица. Од нив три наши работнички се повредени. Една за жал почина”, информираат од Леони за Јужни Вести.
Од фабриката потврдија дека загинала И. И. (28) од Ниш, а повредени се А. Р. (29) и Г. Б. (33).
Медиумите објавија дека со автомобилот управувал Андреј-Кристијан Карамелеа (22), кој работел во Леон, но бил примен на одредено време.
Возачката дозвола ја добил пред една ипол година.
Романските медиуми укажуваат дека можна причина за трагедијата е тоа дека 22-годишниот бил отпуштен и сакал да се одмазди
Причините за трагедијата се уште се испитуваат, велат од полицијата, но се сомневаат дека младиот човек сакал некого да импресионира и затоа автомобилот го возел во круг, но сето тоа завршило со катастрофа.
Тој имал и полициско досие, пренесуваат медиумите.
“Страшниот инцидентот се случил неколку минути пред 10 часот. Младиот човек возел БМВ. Сакал да им се пофали на работниците на Леони, кои тогаш биле на пауза за појадок. И, во еден момент, со брзина од 80 км / ч тој влетал право на масата каде што имало педесетина работници “, пишуваат романските медиуми.
Последниве години, вработение од фабриката “Леони” во Прокупље во Србија заминуваат на обука во фабриките на германската компанија, кои се наоѓаат во Романија и Словачка. Таму тие се задржуваат три месеци.крај /мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
До кога Бугарите ќе можат да плаќаат и во лева и во евра по 1 јануари 2026 година
За разлика од неограничената размена на лева за евра, плаќањата во обете валути, познати како период на двојна циркулација, се ограничени од 1 јануари до 31 јануари 2026 година.
Во текот на овој едномесечен период, левото и еврото ќе бидат во оптек истовремено, при што обете валути ќе имаат статус на законско средство за плаќање. Ова го објави Бугарската народна банка, пренесе бугарски „Фокус“.
После тоа, од 1 февруари 2026 година, еврото ќе остане единствена валута на Бугарија.
Луѓето ќе можат да продолжат да менуваат лева, доколку сè уште ги имаат, во БНБ, во комерцијални банки или во пошти (во населби каде што нема канцеларии на комерцијални банки).
Бугарија од 1 јануари влегува во еврозоната, и почнува да го користи еврото за плаќања во земјата.
Фото: pexels
Регион
Уапсен напаѓачот кој во Белград избоде жена пред внукот
Тихомир Крстиќ (44), повеќекратен повратник во извршување кривични дела, е уапсен под сомнение дека во саботата, 27 декември, во влез од зграда во Нов Белград нападнал жена и ѝ нанел девет убодни рани. Крстиќ има долга криминална историја и најчесто бил осудуван за разбојништва и кражби, при што чести негови жртви биле и деца, пишува „Телеграф.рс“.
Според сомневањата, Крстиќ ја нападнал жената околу 13 часот во станбена зграда во Нов Белград, и тоа пред нејзиниот внук. Ѝ задал повеќе убоди со нож, по што ја ограбил и побегнал. Според информациите на „Блиц“, повредената жена е во стабилна состојба и не е животно загрозена.
Таа здобила три убодни рани во пределот на десната клучна коска, една на левата страна, четири во левото рамо и една во главата. Лекарите констатирале и повреда на белите дробови. Жената е сместена на Одделот за интензивна нега, каде што нејзината состојба и понатаму се следи.
Криминалното досие на Крстиќ покажува дека ова не му е првпат да користи нож при закани. Уште во август 2011 година, од двајца малолетници одзел два мобилни телефони и 200 динари, заканувајќи им се: „Извадете од џебовите сè што имате, ќе ве избодам со нож и ќе пукам во вас!“
Само два месеца подоцна, во октомври истата година, повторно нападнал две момчиња. Им пришол и побарал да му позајмат мобилен телефон, а кога му рекле дека немаат кредит, ги замолил да му го покажат патот. Откако прифатиле да му покажат каде е автобуската станица, ги запрел на крстосница, извадил нож од левата патика и им наредил сè што имаат да го извадат од џебовите и да го остават, заканувајќи се дека ќе ги избоде. Едното момче му предало мобилен телефон, додека другото останало без пари, телефон, сребрено ланче, нараквица и рачен часовник.
По грабежот, Крстиќ им наредил: „Трчајте надолу, ако ве чујам, ќе ве стигнам и ќе ве избодам!“, по што момчињата побегнале. Само пет дена подоцна, украл мобилен телефон и од една жена, приоѓајќи ѝ одзади и истргнувајќи ѝ го уредот од рака додека разговарала.
Полицијата по Крстиќ трагала повеќе од 24 часа. Министерството за внатрешни работи во два наврати објавило негови фотографии, апелирајќи до граѓаните да пријават доколку имаат информации. Уапсен е на автобуска станица во Раковица, недалеку од зградата во која живеел.
Според неофицијални информации, Тихомир бил пуштен од затворот Забела пред околу два месеца. Живеел во Раковица со девојка која изнајмила стан. Соседите раскажале дека секогаш ја спуштал главата кога минувал покрај нив и дека постојано носел капа.
Регион
(Видео) Силна експлозија пред училиште во Загреб
Силна експлозија синоќа ја вознемири загрепската населба Трешњевка, откако во дворот пред основно училиште во Новa цеста била активирана силна пиротехничка направа, јавува „Дневник.хр“.
Според сведоци, се слушнале две експлозии, а една од жителките изјавила дека од силниот удар се треселе прозорците.
Од загрепската противпожарна служба соопштиле дека во 22:56 часот добиле пријава за пожар на игралиштето на Основното училиште „Јулије Кловиќ“, предизвикан од пиротехничка направа, кој бил изгаснат по нивното пристигнување. Во интервенцијата учествувало едно противпожарно возило.

