Регион
(Видео) Српски медиуми објавија како Вучиќ си нарачува новинарско прашање за Македонија
Српскиот јутјуб-канал „Еколошкото востание“ пред 23 часа објави аудиоснимка, која датира од 2017 година, на која се слуша како Александар Вучиќ ѝ кажува на новинарката Бранка Ѓукиќ, поранешна директорка на „Танјуг“ и актуелен советник на претседателот, какво прашање да му постави, пренесуваат српските медиуми.
На аудиоснимката објавена на „Јутјуб“ се слуша како Вучиќ во два наврата ѝ кажува на Ѓукиќ да му постави прашање како ги коментира настаните во Македонија и која е неговата порака до граѓаните.
„Како премиер на Србија и како избран претседател на Република Србија секогаш правев сè за да ги одржувам најдобрите односи меѓу Белград и Скопје и меѓу Србија и Македонија.
Мислам дека граѓаните на Македонија тоа многу добро го знаат и го почитуваат начинот на кој Република Србија се однесуваше кон граѓаните на Македонија, како и кон државата Македонија.
Многу сум загрижен за сите настани вечерва и мојата единствена порака е, и мислам дека народот на Македонија многу добро знае дека тоа доаѓа од нивниот искрен пријател, да побара од нив да ги решат сите проблеми и несогласувања на мирен начин, да, ако имам право, да кажам дека смирувањето на ситуацијата е секако во најдобар интерес и за Македонија и за нејзините граѓани, а сите други работи и сите други проблеми може да се решат на преговарачка маса, на мирен начин, во мирна атмосфера.
Ова веќе не е само македонски проблем, туку станува проблем за сите нас што живееме овде и подобро е веднаш да престанеме со сите проблеми и да обезбедиме мир и стабилност за нашите деца.
И затоа ги молам сите во Македонија, оние што ми се познајници, а некои се пријатели, но и оние што не ги познавам, само да ја сфатат оваа порака како добронамерна и да направат сè за да се вратат мирот и безбедноста на сите граѓани на Македонија, а во Србија секогаш ќе имате искрен и верен пријател“, вели Вучиќ на снимката.
Нарачаното прашање на Вучиќ се однесува на случувањата во РС Македонија во 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поставен рекорд во центарот на Белград: 1.000 гитаристи свиреа истовремено
Концертот на „Guitar Art“ денеска собра 1.000 гитаристи на плоштад во Белград, кои поставија национален рекорд во присуство на инструменталисти кои свират на гитара и слични инструменти, пренесе српска „Политика“.
Концертот „1.000 гитари“ ги привлече пред се во центарот на Белград најмладите гитаристи и нивните учители, но заедно свиреа цели семејства, составени од три генерации: дедо, татко и син…
Имаше мајки и ќерки кои „замавнаа“ со белградскиот блуз квартет и специјалните гости на концертот, меѓу кои Дејан Цукиќ, Ју групата, Кики Лесендриќ и Пилотите, Срѓан Гојковиќ Гиле, Бојана Стаменов, Никола Чутурило – Чутура. „Ова е конечно моментот кога барем на еден час ги заменуваме силиконите за витамини на ’Трг Републике’. Ова е сеќавање на мојата младост и почетоци во рокенролот. Среќен сум“, изјави Никола Чутурило Чутура за Танјуг.
За неколку минути неколку илјади љубопитни луѓе се собраа на плоштадот да уживаат во првокласен музички настан.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.