Регион
Вучиќ: Правото пред политиката, ќе бараме испорачување на Харадинај
Српскиот премиер Александар Вучиќ, коментирајќи го апсењето на поранешниот хашки обвиненик Рамуш Харадинај, изјавил дека е добро тоа што „правото е над политиката“ и дека не би сакал Франција, „како сериозна и правна држава да не постапи во согласност со правото, туку со политичките ставови“, пренесуваат српските медиуми.
Вучиќ тука навел дека потоа би се поставило прашањето како Србија би реагирала во една реципрочна ситуација и потврдил дека српските власти и официјално ќе бараат испорачување на Харадинај.
„Имаме човек кој е виновен за толку многу дела што тешко е дури да се пребројат. Никој нема право да ги руши одлуките на независното обвинителство“, рекол српскиот премиер, додавајќи дека „не знае од каде ќе дојдат притисоци околу Харадинај“.
„Над мене никој не врши притисок, со мене така не се разговара, и со Србија така не се разговара. Гледам што се нивните желби, ги препознавам, но не се грижам за нивните желби, ме интересира само правото. Доколку на нив од Европа не им допаѓа, тогаш супер. Пуштете го нека оди па потоа дојдете да ми солите памет за поглавјата 23 и 24 и принципите на правната држава“, порачал Вучиќ.
Харадинај за време на апсењето во Франција имал дипломатски пасош и бил уапсен од страна на француската гранична полиција на аеродромот во Басел, пренесува Reuters. Шефот на пратеничката група на Алијансата за иднина на Косово, партија чиј лидер е Харадинај, во четвртокот, пак, изјавил дека тој по сослушањето во обвинителството ќе биде ослободен./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.