Регион
Го удирале и плукале другарчето од кинеска националност, следниот ден тој донел нож на училиште: нов случај на врсничко насилство во Белград
Нов случај на врсничко насилство се случи во ОУ „Бранко Радичевиќ“ во Нов Белград. Еден од родителите на учениците од тоа училиште за „Блиц“ тврди дека две момчиња претепале момче од кинеска националност во соблекувалната за време на физичко образование, а тој следниот ден донел нож во училиште. Директорката на таа институција, Сузана Липиќ, вели дека истрагата е во тек, и дека „училиштето нема да игнорира ниту една насилна ситуација“, пренесуваат медиумите во соседството.
Информациите за случајот со врсничко насилство во изјава за „Блиц“ ги изнесе еден од родителите од седми клас, каде што присуствува и детето што било претепано од другарите. За овој случај дознале, како што вели, на неодамнешна родителска средба, и тоа од мајката на детето. Наводно, момчето со месеци е изложено на врсничко насилство.
Родителот рекол дека две паралелки од седмо одделение имале заеднички час по физичко и дека за тоа време момчето, кинески државјанин, останало во соблекувалната и си играло на телефонот. Потоа, како што тврди таа, дошле три момчиња, едното го држело додека другото го тепало. Момчето наводно имало хемиско пенкало во раката и бранејќи се, избодело едно од момчињата во кошулата.
Кога се обидел да излезе, момчињата „го собориле на подот, го клоцале и го плукале“. Според родителите, „тоа го гледале други две момчиња“, кои, како што вели, не реагирале, а ниту наставничката и полицаецот во училиштето не знаеле што се случува.
Родителот понатаму вели дека ученикот од Кина следниот ден дошол на училиште со нож и им го покажал на соучениците.
„Според нас, тоа беше крик некој да му обрне внимание бидејќи, ако сакаше да направи нешто, ќе го направеше тоа. Не го оправдувам тој потег, не му давам опомена или намалување на оценката од поведението. Замислете, тој ден, кога донел нож, да налетал на тие двајца што редовно го малтретираат, пак да го малтретирале и не дај боже, да се повтори ‘Рибникар’“, раскажал еден од загрижените родители.
Тој нагласил дека оценуваат дека и на ова момче треба да му се изрече некаква мерка, но и дека сакаат „насилниците да се држат настрана од училиштата“.
Родителот нагласува дека ова не е првпат да се случува врсничко насилство, а за тоа дознале на средба пред два дена.
„Прашавме што треба да се случи за некој да биде избркан од училиште и на тоа не добивме одговор и сме очајни. Не знам дали очекуваме премногу како родители затоа што минатиот век одевме во основно, каде што те бркаа од училиште ако беше запишано насилничко однесување, па да видиме каде ќе се запишеш. Тоа не ни е важно, особено по сѐ што се случи во последниот месец“, вели загрижениот родител за српскиот медиум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.