Регион
Дачиќ: Приштина нема право на војска
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјавил дека Приштина нема право да формира вооружени сили на Косово, бидејќи единствените вооружени сили кои можат да постојат на Косово се силите на Обединетите нации, односно КФОР, пренесуваат српските медиуми.
Гостувајќи во вестите на РТС, коментирајќи ја изјавата на косовскиот претседател Хашим Тачи дека „итно треба да се донесе одлука за формирање на Вооружени сили на Косово“, Дачиќ рекол дека тоа не може да се направи без гласовите од пратениците на партијата „Српска листа“.
„Тие немаат право на формирање такви вооружени сили врз основа на резолуцијата 1244. Таква одлука би била нелегална. Единствените вооружени сили кои можат да постојат на Косово се силите на ОН, односно КФОР“, објаснил Дачиќ, додавајќи дека Србија на ваквите најави не гледа благонаклонето.
„Тоа би било дополнителен фактор на нестабилност. Ќе се бориме со сите политички средства до тоа да не дојде. Доколку пратениците на Српска листа гласаат во согласност со интересите на српскиот народ на Косово, тогаш нема да го поддржат формирањето на војска на косово“, рекол Дачиќ.
Српскиот министер додал дека Приштина на преговорите во Брисел „покренувала теми коишто само нејзе и одговараат“. Говорејќи за случајот Харадинај, Дачиќ рекол дека поранешниот командант на ОВК е воен злосторник.
„Може да се употребуваат разни зборови да се одбрани, но факт е дека тој е воен злосторник и дека ништо не може да го ослободи од таа вина“, рекол Дачиќ, додавајќи дека очекува „судот да одлучни по правни, а не по политички налози“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.