Регион
Захарова за посетата на Столтенберг на Балканот: Престанете да го дестабилизирате регионот, носите само несреќа
Неодамнешната турнеја на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на Балканот е уште една потврда за деструктивниот курс на северноатлантскиот блок со цел да се зголеми вклученоста на земјите од регионот во таа структура, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
„Престојот на Столтенберг во БиХ и Србија беше очигледно провокативен. Се обиде да се меша во внатрешните работи на Босна и Херцеговина, да наметне приближување на таа земја со евро-атлантските структури. Тој упорно му предлагаше на Белград да се зголеми соработката и покрај неутралниот статус на Србија. Ја обвини Русија за сите гревови, ги претстави работите како наводно да работиме на ширење дезинформации и дестабилизација на ситуацијата на Балканот. Во суштина ништо ново, всушност тоа е прераскажување на она со што тие самите се занимаваат“, рече Захарова.
Како што додаде таа, тоа се традиционалните техники на претставниците на алијансата, кои имаат цел да ги заплашат своите партнери со измислени закани што доаѓаат од Русија.
Захарова го привлече вниманието на изјавата на Столтенберг за подготвеноста на блокот, како што рече, „да создаде безбедни услови за сите луѓе во Косово“, како што е предвидено со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и да „преземе чекори за зголемување на бројот на силите за Косово“.
„Не е познат случај кога контингентите на НАТО ги заштитиле Србите од беззаконието на претставниците на приштинските власти, од нивните агресивни дејства на северот на покраината. Поаѓаме од фактот дека НАТО треба да престане со политиката на дестабилизација на Балканот, да престане да наметнува свои правила и да создава нови линии на поделба. Како што покажува историјата, појавата на алијансата на Балканот е секогаш придружена со несреќа, човечко страдање, уништување и воени злосторства“, рече Захарова, пренесува „Спутник“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.