Регион
Нермин го повлече чкрапалото ама системот ја уби – наместо помош ѝ го пратија убиецот дома
Нермин Сулејмановиќ вчера прво брутално ја претепал, а потоа со истрел во главата ја убил својата невенчана сопруга Низама Хеќимовиќ. Убиецот во крв ја оставил нивната ќерка која била со нив во моментите на ужасот и си заминал. Низама, чие убиство го објави нејзиниот џелат на Инстаграм, неколку пати го пријавила Нермин за насилство, а последен пат тоа било пред три дена. Убиецот некако дознал за пријавата што Низама ја чинеше живот. Системот кој требало да ја заштити, ѝ го испратил џелатот на врата.
Злосторството во Градачац што го потресе регионот беше, се чини, епилогот на тортурата низ која Низама, судејќи според пријавите во полиција, долго време ја поднесувала.
Она што сите ги шокира е бруталноста на убиецот кој ја претепа жената до смрт, а потоа крвава и заслепена од ударите ја принуди да му каже зошто го пријавила во полиција.
– Се плашев за себе и за детето – едвај рече Низама, која само неколку минути подоцна беше ладнокрвно убиена со еден истрел во челото.
Нермин потоа побегна, а додека беше во бегство се огласи на социјалните мрежи каде изјави дека таа „го пријавила за неколку шлаканици“.
Според последните информации кои ги објавија медиумите, Низама побегнала со детето кај тетка ѝ, каде разбеснетиот убиец кога дознал дека го пријавила, ја пронашол, па ја киднапирал и ја однел во викендица каде ја тепал ја и потоа ја уби.
Убиството на жена за која се знаело дека е загрозена предизвика револт и протести. Голем број граѓани вчера се собраа во Сараево, а протестот го организираше фондацијата „CURE“.
Фондацијата повика на собир на кој остро се осудува секоја форма на насилство врз жените. Насобраните го повикаа Обвинителството на кантонот Тузла да истражи и да ја информира јавноста за тоа како протекле информациите и како сторителот дознал за пријавата.
– Зошто немаше соодветна реакција на пријавата, особено ако се има предвид криминалното минато на сторителот? Кој е одговорен за неуспехот да се заштити жртвата? – прашуваат од фондацијата.
Мирза Даутбеговиќ, новинар на порталот Bosnainfo.ba, истакнува дека Низама Хеќимовиќ долго време трпела насилство.
-Кога конечно собрала храброст и повикала полиција, направила грешка која ја чинеше живот. Наместо полицијата, како што треба да биде во нормалните земји, да ги штити Низама и нејзиното дете, се случи сосема спротивното – пишува Даутбеговиќ на порталот Bosnainfo.ba.
Даутбеговиќ потсетува дека Сулејмановиќ неколку пати бил приведен поради тепачки и насилничко однесување, а на социјалните мрежи објавувал и слики од себе на кои се гледа како полицијата го води со лисици на рацете.
– Во нормална земја, Нермин одамна ќе беше зад решетки, но Босна и Херцеговина не е нормална земја, му се допаѓало ова некому или не. Не, многу работи одамна не се нормални овде. На Низама Хеќимовиќ ѝ пресуди Нермин Сулејмановиќ, ама системот ја уби – пишува Даутбеговиќ.
Во меѓувреме, изјавите на претставници од босанските власти укажуваат на системски проблем во заштитата на злоставуваните жени: од нив не само што се очекува да ги пријават насилниците, туку и храбро да поднесуваат евентуални нови закани и нови злоставувања додека се работи на случајот.
Доколку попуштат пред заканите на пријавените сопрузи и партнери, и се откажат од сведочењето, случајот не се истражува дополнително и веднаш завршува во фиока.
Обвинителството на кантонот Тузла тврди дека Низама го пријавила Нермин за насилство, а потоа од страв ги повлекла пријавите. Портпаролот на оваа судска институција Адмир Арнаутовиќ при официјалното обраќање до јавноста рече дека Сулејмановиќ и претходно ѝ бил познат на полицијата и на обвинителството.
– Станува збор за лице кое повеќе пати е осудувано за различни кривични дела. Тој беше осуден пред околу 15 години за обид за убиство. Тој има повеќе пресуди за насилничко однесување и загрозување на безбедноста – изјави Арнаутовиќ.
Тој потврди дека Сулејмановиќ имал и пријави за семејно насилство.
– Има такви извештаи. Но, она што треба да го кажеме е дека секогаш се користеа придобивките од законот, односно се откажуваше сведочењето поврзано со кривичното дело семејно насилство – рече Арнаутовиќ.
На новинарско прашање дали е вистина дека Сулејмановиќ во четвртокот бил пријавен во полиција за семејно насилство, Арнаутовиќ рече:
– Не беше вчера, но пријавата е испратена пред три-четири дена. И кога почнавме да го документираме тој настан, се искористија придобивките од законот, односно можноста да не се сведочи, така што самата кривична пријава за семејно насилство беше отфрлена, додаде тој.
Министерот за внатрешни работи на кантонот Тузла, Хајрудин Механовиќ, рече дека семејното насилство последен пат е документирано пред еден месец во полициската станица Градачац.
-Тогаш не беше изречена мерката забрана за пристап до семејството бидејќи жената плашејќи се за себе ја повлече изјавата во судот и судот не оцени дека нејзиниот живот е во опасност, па не ги определи мерките. Тоа е системска грешка што некој мора да ја поправи. Често ја прашуваат полицијата, жаргонски кажано, зошто сте оставиле лик од тој калибар на улица? Требаше ли полицијата незаконски да го држи во затвор? Се знае кој известува, кој гони и кој осудува. Со денешниот пренос во живо добивме потенцијално Бог знае колку слични ликови кои се желни за пет минути слава и се подготвени да ги ризикуваат своите и животите на другите. Тоа треба да се уреди со државна регулатива – рече Механовиќ.
Медиумите синоќа ја објавија одлуката на Општинскиот суд во Градачац со која се отфрла предлогот на МВР да му се забрани на Нермин Сулејмановиќ да и се приближува на жртвата. Четири дена подоцна Нермин Сулејмановиќ ја убива својата сопруга Низама Хеќимовиќ.
Како што објави порталот Istraga.ba, Министерството за внатрешни работи на кантонот Тузла, полициското одделение Градачац, поднело барање за изрекување заштитна мерка забрана за вознемирување и следење на лице изложено на насилство и заштитна мерка забрана за приближување жртва на насилство врз Нермин Сулејмановиќ. Судот одбил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Убиство и самоубиство во Бјеловар, Хрватска
Во Бјеловар, Хрватска во семејна куќа се пронајдени две починати и едно тешко повредено лице, кое е префрлено во болница. Најверојатно се работи за насилна смрт, а според неофицијални информации, мажот ја убил мајката на неговата жена, а се обидел да ја убие и сопругата која е тешко повредена.
Напаѓачот, според првичните инфрормации се самоубил.
Хрватската полиција засега не ги потврдува неофицијалните информации дека се работи за убиство и самоубиство.
Полицијата дојавата ја добила околу 10 часот, а на местото се врши увид.
Регион
Пленковиќ, хрватскиот премиер кој доби трет мандат најави прва седница за понеделник
Откако хрватскиот Сабор вчера ја поддржа 16. Влада на Република Хрватска, а третата предводена од лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ, тој во изјава за медиумите рече дека првата седница на новата Влада ќе биде во понеделник и најави продолжување на посветената работа во интерес на хрватскиот народ.
„Благодарам на мнозинството во хрватскиот Сабор што ни ја укажа довербата да станеме Влада на Република Хрватска по трет пат и ние, како што правевме претходните осум години, посветено ќе работиме во интерес на хрватскиот народ, сите наши сограѓани, економијата, врската меѓу татковината и иселениците Хрвати и да спроведеме програма врз основа на која ја добивме довербата на хрватските гласачи“, рече Пленковиќ откако Собранието гласаше за неговата трета Влада
Тој им се заблагодари на сите партнери кои ја поддржаа Владата.
Пратениците во хрватскиот Сабор вчера гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ.
За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.