Регион
Поради напуштање куче домашен миленик ќе се оди во затвор – измена на Кривичниот законик во Хрватска
Напуштањето на домашен миленик наскоро би требало да стане кривично дело во Хрватска за кое ќе се казнува и до една година затвор, пишува Јутарњи лист. Ова ќе биде дел од новиот пакет измени на Кривичниот законик, кој повеќе од една година го пречистува работната група на тамошното Министерство за правда и администрација, а чиј делокруг остана на втор план, па за него воопшто не се разговараше во јавноста.
Но, од документите на работната група која работи на новиот закон, јасно се гледа дека во овој пакет измени Министерството одлучило да работи на зајакнување на заштитата на животните, со што напуштањето на животните се третира како кривично дело.
За прв пат во Хрватска напуштањето на животно се третира како кривично дело за кое може да се изрече затворска казна. Во моментов тоа е само дел од Законот за заштита на животните, за кој е предвидена казна до 240.000 денари.
Покрај новото кривично дело, Министерството за правда и администрација планира да преземе дополнителен чекор во зајакнувањето на кривично-правната заштита на животните, па затоа предлага зголемување на затворските казни за убивање или мачење животни.
Се предлага тој што ќе убие живо суштество без оправдана причина или жестоко го малтретира, ќе му нанесе непотребна болка или ќе го изложи на непотребно страдање, да се казни со затвор до две години (во моментов казната е до една година), а доколку делото е сторено од личен интерес, се предлага затворска казна до три години, наместо максималната две години, пишува Јутарњи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Регион
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене“ – жена од Србија сведочи за силниот земјотрес
Земјотресот беше многу силен. Кратко, но силно, вели вознемирената Мила Петровиќ од Кладово – место кое утрово го погоди силен земјотрес.
Како што опишува преплашената жена, земјотресот ја исплашил и неа, но и останатите жители на Кладово.
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене. Немаше време за бегство никаде. Сè се тресеше многу. За среќа, тоа беше кратко. Кога се смири, сите излегоа на улица“, раскажува таа за Телеграф.рс.
Земјотресот бил со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала, на длабочина од 11 километри.
Колку бил силен, сведочи и фактот што бил почувствуван во Заечар, Неготин, Доњи Милановац, Бор и други градови на истокот на Србија, а некои граѓани го почувствувале и во Ниш.
„Почувствував земјотрес, се тресеше мебелот во куќата“, „Бев во кревет кога почна тресењето“, напишаа граѓаните.
Регион
Земјотрес од 4,3 степени утрово во Србија
Утрово земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала е регистриран во регионот на Кладово, соопшти Републичкиот сеизмолошки завод.
Земјотресите со ваков интензитет можат да предизвикаат помали оштетувања на зградите во епицентралното подрачје, јавуваат српските медиуми.
Засега нема извештаи за евентуална штета.