Регион
Поранешниот премиер на Федерацијата Босна и Херцеговина оди во затвор
Поранешниот премиер на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Фадил Новалиќ, ќе мора да оди во затвор бидејќи жалбениот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја потврди пресудата со која тој и уште две лица беа прогласени за виновни за злоупотреби при набавката на респиратори за време на пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Оваа информација за медиумите во Босна и Херцеговина ја потврди и самиот Новалиќ, иако државниот суд се уште официјално ја нема објавено конечната пресуда.
„Точно е, официјално не ја добивме пресудата, но ме известија дека пресудата е потврдена. Сега пресудата ќе биде извршена. Да, одам во затвор“, рече Новалиќ.
Според пресудата која сега стана правосилна, Новалиќ е осуден на четири години затвор, поранешниот директор на Управата за цивилна заштита на Федерацијата Босна и Херцеговина, Фахрудин Солак е осуден на шест години затвор, а Фикрет Хоџиќ, сопственикот на фирмата „Сребрена малина“ преку која се набавени спорните вентилатори во затворот, ќе мора да помине пет години.
Дополнително, неговата компанија мора да врати во буџетот околу 360.000 евра незаконски профит и да плати уште 100.000 евра казни. Новалиќ беше осуден за злоупотреба на положбата и овластувањата, додека Солак исто така беше осуден за фалсификување и уништување службени документи.
Судот во својата пресуда утврди дека потрошиле нешто повеќе од пет милиони евра за набавка на околу сто вентилатори. Овие машини се купени во Кина по цени кои се покажаа значително повисоки од реалните, а освен тоа се покажаа и неупотребливи во болнички услови бидејќи беа наменети за превоз на пациенти во амбулантни возила.
Фадил Новалиќ, како личен доверлив човек на лидерот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, беше на чело на сојузната влада осум години до почетокот на 2023 година.
Оттогаш, тој е претставник на СДА во Претставничкиот дом на ентитетскиот парламент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Регион
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене“ – жена од Србија сведочи за силниот земјотрес
Земјотресот беше многу силен. Кратко, но силно, вели вознемирената Мила Петровиќ од Кладово – место кое утрово го погоди силен земјотрес.
Како што опишува преплашената жена, земјотресот ја исплашил и неа, но и останатите жители на Кладово.
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене. Немаше време за бегство никаде. Сè се тресеше многу. За среќа, тоа беше кратко. Кога се смири, сите излегоа на улица“, раскажува таа за Телеграф.рс.
Земјотресот бил со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала, на длабочина од 11 километри.
Колку бил силен, сведочи и фактот што бил почувствуван во Заечар, Неготин, Доњи Милановац, Бор и други градови на истокот на Србија, а некои граѓани го почувствувале и во Ниш.
„Почувствував земјотрес, се тресеше мебелот во куќата“, „Бев во кревет кога почна тресењето“, напишаа граѓаните.
Регион
Земјотрес од 4,3 степени утрово во Србија
Утрово земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала е регистриран во регионот на Кладово, соопшти Републичкиот сеизмолошки завод.
Земјотресите со ваков интензитет можат да предизвикаат помали оштетувања на зградите во епицентралното подрачје, јавуваат српските медиуми.
Засега нема извештаи за евентуална штета.