Регион
Францускиот суд ја одложи одлуката за екстрадиција на Харадинај за 2-ри март
Апелациониот суд во францускиот град Колмар го одложи за 2-ри март носењето на одлуката по барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК – UCK) и подоцнежен косовски премиер Рамуш Харадинај, пренесуваат во четвртокот белградските електронски медиуми.
Претседателот на опозициската партија Алијанса за иднината на Косово изјави дека не прифаќа да ѝ биде предаден на Србија, оценувајќи дека станува збор за „политички процес“, па одлуката на судот во Колмар за тоа дали тој ќе биде екстрадиран според барањето на Белград ќе биде донесена на 2-ри март.
Арјанит Кочи, адвокатот на Харадинај, пред почетокот на судската расправа, пред новинарите изјавил дека е уверен оти ќе биде отфрлено барањето на Србија, врз основа на чија меѓународна потерница неговиот клиент беше уапсен во Франција и оти тој слободен ќе може да се врати на Косово. Кочи, исто така, додал дека очекува „ова да биде последната расправа пред судот“, според белградските медиуми.
На расправата во судницата присуствувал голем број приврзаници на Харадинај, меѓу кои и оние кои носат маици со симболи на „Голема Албанија“, пренесува српската новинска агенција Танјуг.
Портпаролката на судот во Колмар, Сандра ди Роса, истакнала дека истражниот оддел на судот може да го наведе своето мислење, но дека одлуката за барањето за екстрадиција „најверојатно ќе биде донесена со одложување од неколку седмици“.
Жалбениот суд во Колмар во четвртокот одлучуваше по прашањето дали се исполнети условите за екстрадиција на Харадинај, коишто се предвидени со Европската конвенција за екстрадиција, но не го одредува рокот за носење на одлуката, а постапката за одлучување се води во согласност со процесните закони на Франција.
„Доколку апелациониот суд во Колмар даде негативно мислење за барањето на Србија, предавањето на Харадинај нема да биде можно“, додала портпаролката на судот ди Роси.
Во тој случај Харадинај би бил слободен да ја напушти Франција, а Србија не би имала право на жалба на таквата одлука.
„Но доколку, пак, апелациониот суд утврди дека се исполнети условите за екстрадиција на Харадинај, конечната одлука за предавањето ќе го донесе владата на Франција“, појаснила гласноговорничката на судот во Колмар.
Рамуш Харадинај беше уапсен на 4-ти февруари на границата меѓу Франција и Швајцарија по потерница од Србија којашто го обвинува за воени злосторства извршени на територијата на нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија во судирите од 1998/1999 година. Нему француските власти по пасењето му го одземаа пасошот, по што Србија на Франција ѝ упати официјално барање за негово предавање.
Истрагата против Харадинај во Србија е покрената во 2004 година, а неодамна беше проширена со нови обвиненија и нови докази кои се проследени до судот во Колмар., кои не биле опфатени со обвинението на Хашкиот трибунал по кое Харадинај е правосилно ослободен. Српското обвинителство против Харадинај поднесе 108 кривични пријави, во кои е осомничен за тероризам, здружување поради непријателска дејност и убивање цивили.
Станува збор за воени злосторства против цивили во ткн зона на одговорност Дукаѓини во 1998 и 1999-та во областа на Дечани во 1998 година, а сообвинети беа Идриз Баљај и Љах Браимај. Обвинителите на Трибуналот бараа казна од најмалку 20 години затвор, а на крајот од првото судење Харадинај и Баљај во 2008 година беа ослободени од вината, а Браимај беше осуден на шест години затвор.
Повторното судење на Харадинај и сообвинетите започна во август 2001 година, а по една година беа ослободени од вината, и Харадинај и двата негови соработници од ОВК. Во текот на овој судски процес неколку сведоци беа убиени или настрадале во неразјаснети несреќи на Косово или во странство./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Вучевиќ: Верувам во силата на Дачиќ да се избори, и во нашите лекари
Лидерот на СНС и советник на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека е неблагодарно да се зборува за идната здравствена состојба на претседателот на СПС и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и дека тој верува во неговата сила да се избори.
„Неблагодарно е да се зборува. Не можам да кажам ништо друго освен она што го кажаа лекарите, семејството, а ми се чини од разговорот со колегите од СПС, дека е за нијанса подобро од синоќа, но сепак е предизвикувачко“, рече Вучевиќ во гостувањето во емисијата „Фокус“ на Б92.
Тој додаде дека верува во силата на Дачиќ да се бори, во нивните лекари и дека се моли на Бога да му даде на Дачиќ доволно сила да се извлече од сето ова.
Вучевиќ истакна дека настинките не треба да се потценуваат и дека секој треба да слуша што велат луѓето кои се експерти за тоа.
„Ивица Дачиќ има уште едно прашање, тоа е прашањето за дијабетесот, стресот, политиката, сè што ни се случува. Невозможно е да нема последици. Имавме многу предизвици. Минатата година имавме предизвици со Дарко Глишиќ. Овој повик беше направен со голем притисок“, рече Вучевиќ.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија вчера попладне со пневмонија.
Регион
„Следната земја-членка на ЕУ“ – Црна Гора брендираше авион со европската амбиција за членство до 2028 година
Црногорската влада, која планира до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со Европската унија, претстави авион на националниот превозник „Ер Монтенегро“ со слоганот „28by28 – The next EU member“. (следна земја-членка на ЕУ).
Од Министерството за европски прашања соопштија дека целта на кампањата е да се испрати порака до меѓународната јавност дека Црна Гора до 2028 година ќе стане 28-ма членка на ЕУ.
Премиерот Милојко Спајиќ при претставувањето на авионот во Подгорица изјави дека пораката претставува „стратешка изјава на државата“, додавајќи дека Црна Гора нуди стабилност и нова енергија за Европа.
Министерката за европски прашања Маида Горчевиќ оцени дека членството во ЕУ е амбициозна, но остварлива цел и повика сите институции и општествени чинители да ја пренесат пораката „28 до 2028“.
Властите претходно најавија дека имаат намера до крајот на годината да ги затворат сите преговарачки поглавја, со цел членство до 2028 година.

