Регион
Американски суд ја отфрли тужбата на Ердоган против Ѓулен
Американски суд ја отфрли тужбата против влијателниот исламски филозоф и проповедник, Фетула Ѓулен, кој стана еден од најголемите политички противници на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, со образложение дека не е надлежен во овој предмет, потврдија во петокот адвокатите на двете странки за светските агенции.
Фетула Ѓулен, поранешен сојузник и кој се смета за најзаслужен за политичкиот подем на Реџеп Тајип Ердоган, кој живее во самонаметнат егзил во американската сојузна држава Пенсилванија, според тужбата се товари дека ги „инструментализирал“ своите следбеници во турските безбедносни структури и правосудни органи за да се пресмета со припадниците на ривалското духовно движење ткн Тахсије групата, радикална исламистичка групација која некои ја поврзуваат со Ал Каеда.
Меѓутоа, Окружниот суд во Скрантон, уште во средата ја отфрлил тужбата со образложение дека постапката против Ѓулен поради наводни престапи во Турција не може да се води во САД, изјави адвокатот Роберт Амстердам, кој го застапува тужителот а го ангажираше турската влада.
Според оцената на Мајкл Милер, адвокатот на Ѓулен, „целиот процес е политички мотивиран напад, со кој управува Ердоган“. „Единственото што го сторил Ѓулен е дека јавно ја обвини администрацијата на Ердоган за корупција и авторитарност“, тврди адвокатот.
Имамот Ѓулен, кој се смета за особено значаен за политичкиот подем на Ердоган и на AKP, кон крајот на 2013 година стана најголемиот противник на турските власти, по серијата корупциски скандали и незаконски прислушувања на владини и државни функционери, блиски на сегашниот турски претседател. За овие скандали Ердоган го обвинува Ѓулен, кој од САД управува со влијателна мрежа приватни образовни институции, од детски градинки до универзитети, кој со своите приврзаници во земјата формирал „паралелни структури“ во полицијата и судството, како и другите државни институции, со цел да ја собори владата.
Заедно со уште 68 луѓе, вклучително и поранешниот директор на полицијата, Ѓулен е обвинет за „обид за насилно уривање на турската република, водење терористичка организација и политичка шпионажа“.
Преку министерството за надворешни работи Турција од САД на почетокот од годинава побара екстрадирање на Ѓулен поради процесуирање пред турското правосудство./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.