Регион
Бугарија: Првиот круг од претседателските избори тест за премиерот Борисов

Во Бугарија во неделата се одржува првиот круг од претседателските избори, за кој се смета дека претставува важен тест за популарноста на премиерот Бојко Борисов и неговата партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) во оваа најсиромашна земја на Европската унија.
Доколку кандидатката на владејачката ГЕРБ, Цецка Цачева,не победи на изборите, премиерот Бојко Борисов би можел да повика на предвремени парламентарни избори, што Бугарија, според мислењето на коментаторите, повторно би ја довело во состојба на политичка нестабилност. Борисов во една прилика вети дека ќе поднесе оставка доколку кандидатката на неговата партија не освои најголем број гласови во првиот круг од претседателските избори.
Педесет и осумгодишната Цачева, која е актуелна претседателка на бугарскиот парламент, според анкетите ќе избие на врвот од кандидатската листа за шеф на државата на којашто има дури 21 кандидат, со околу 30 отсто од поддршката на гласачите.
Меѓутоа, веднаш зад неа, според испитувањата на јавното мнение, се наоѓа поранешниот командант на бугарските воздухопловни сили Румен Радев, кој е непартиски кандидат, но го поддржува опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП), за кој противниците велат дека би бил наводно повеќе по волја на Москва.
Додека Борисов својата кандидатка ја претставува како „мајка на нацијата“, политичките аналитичари предупредуваат на нејзиниот „изразен недостиг од харизма“, поради што Радев би можел да заврши на првото место по првиот изборен круг.
Оттаму, судејќи според анкетите, се предвидува дека вториот изборен круг, кој би се одржал на 13-ти ноември, ќе биде речиси мртва трка меѓу Цачева и Радев во трката за претседател на државата, должност којашто во Бугарија има повеќе симболично значење, со ограничени овластувања. Претседателот во Бугарија е угледна личност која бира некои од високите функционери и во текот на политичките кризи ја именува техничката влада.
Досегашниот претседател Росен Плевнелиев, кој важеше за прозападен политичар близок на премиерот Бојко Борисов, не сакаше повторно да се кандидира за новиот мандат. Тој во петокот во интервјуто за BBC беше многу остар кон Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин велејќи дека „она што Русија дене се обидува е да ја ослаби Европа, да ја подели Европа и да не направи зависни“, што според аналитичарите претпоставува дека тој е заинтересиран за европска функција.
Бугарија, која е членка на НАТО, освен што под притисокот на Вашингтон и Брисел раскина со Москва големи енергетски проекти како за нуклеарката Белене за што според пресудата на меѓународниот арбитражен суд ќе треба да плати околу милијарда евра, ја налути во септември Русија одбивајќи да го користи бугарскиот воздушен простор за снабдување во Сирија. Меѓутоа, и премиерот Борисов и претседателот Плевнелиев претходно летово ги одбија плановите за создавање голема флота на НАТО во Црното Море, сметајќи дека тоа ќе предизвика дестабилизација на регионот. Од друга страна, пак, слабата бугарска економија која не е конкурентна на Западот, мора да се потпира во значителна мера на Русија, особено во сферата на набавка на евтини енергенси, а двете земји инаат и длабоки историски икултурни врски.
За Бојо Борисов аналитичарите сметаат дека на Бугарија ѝ ја донел посакуваната доза на стабилност откако по вторпат кон крајот на 2014 година, стана премиер. Сепак, сиромаштијата, корупцијата и бавното спроведување на реформите и натаму ја оптоваруваат земјата, а последната година загриженоста на граѓаните ја предизвикуваат и илјадниците имигранти кои во Бугарија го гледаат првиот чекор кон посакуваниот Запад./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Петков: На Македонија треба да и се каже дека за во ЕУ мора да се отстрани омразата

Зборувајќи за односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, поранешниот премиер Кирил Петков во изјава за Бугарското национално радио (БНР) изјави:
„Важно е да не се остави перспективата на односите меѓу двете земји да зависи само од темата на инцидентот што се случи. Работејќи против говорот на омраза, мора да ги отвориме и другите теми како инфраструктура и економија, за да можат и нашите односи да имаат позитивен карактер.“
Според него, на Maкедонија треба да ѝ се каже дека „условите ги поставува ЕУ и дека доколку сака да има европска иднина нема друг избор освен да почне да работи на позитивни теми со Бугарија и да го отстрани јазикот на омразата“.
Таквиот тип на дијалог е можен затоа што за време на нашата Влада, успеавме Европа да застане на наша страна, изјави Петков за Бугарското национално радио (БНР).
Регион
„Го убив затоа што сакаше да ме силува”, сослушана Фатима која избоде пензионер во Врачар

Фатима З.(39) била на распит во Вишото јавно обвинителство поради сомнение дека ноќта меѓу 2 и 3 февруари брутално го убила Драган В.(70) во неговиот стан во Врачар.
На распитот осомничената го признала убиството тврдејќи дека тоа го направила во самоодбрана, бидејќи сакал да ја силува заканувајќи и се со нож, дознава „Блиц“.
Како што неофицијално дознаваме, Фатима тврдела дека во самоодбрана го убила Драган В., а таа наводно дошла во неговиот стан да чисти.
Кога завршила, тој наводно ја замолил да имаат секс, а кога таа не сакала и се заканувал со нож.
Таа тврдела, дека успеала да се фати за стаклено шише со кисела вода, кое потоа му го скршила по главата, по што земала нож и го избодела.
Потоа, како што пишува „Блиц.рс“, со себе од жртвата зела два мобилни телефони.
Обвинителството по рочиштето и предложи на судијката за претходна постапка да и одреди мерка притвор поради опасност од бегство, за да не влијае врз сведоците, за да не го повтори кривичното дело за краток временски период.
Фатима се товари за кривично дело – Тешко убиство, пишува „Блиц.рс“.
Регион
Бугарскиот пратеник по протерувањето од Македонија: Очекувам остра реакција од Бугарија и ново вето за Северна Македонија

Ангел Георгиев во саботата отпатува да ја одбележи 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и да го посети гробот на револуционерот во Скопје.
Георгиев тврди дека бил претепан на точката меѓу Бугарија и Северна Македонија – Гуешево-Деве Баир.
„Околу пет-шест часа имаше огромна колона Бугари кои сакаа да го почитуваат споменот на Гоце Делчев. Тоа намерно го направија македонските власти, рече Георгиев.
Според неговите зборови, тој сакал да се слика, а граничната полиција ги нападнала него, новинарот на Еуроком Адријан Асенов и Петко Русанов.
„Не тепаа, не удираа со тупаници и клоци. Имам модрица на окото, повреден ми беше носот. Ме удираа во главата со тупаници“. Имаше закани од типот „Ќе ве здробиме како кучиња“, додаде Георгиев.
„Телефонот ми падна и остана таму и не ми го вратија. Побарав да се јавам на адвокат, не ми дозволија, сакав да викнам доктор но ми рекоа дека не работат за викенд и не ми дозволија да контактирам со моето семејство“, рече Георгиев.
Подоцна не одведоа во Крива Паланка, не обвинија дека употребуваме навредливи зборови, што не е точно.
Зборовите на новинарот Симеон Милков ни се препишани. Тој се однесуваше непријатно, арогантно. Тој ги кажа овие навредливи зборови кои ни се препишани нам. Целосно неправедно сме осудени. Ова е директна пропаганда. Никој не дојде од Бугарија да не заштити, објасни Георгиев.
Немаме никаква поддршка од бугарската држава, рече тој. Дали нашата држава не штити нас или некој друг?, прашува Георгиев.
Според него, треба да има остра реакција од страна на Бугарија и да се постави прашањето за ново вето.
Се додека не плати за ова што го направи, Северна Македонија не треба да биде дел од Европската Унија.
Георгиев истакна дека ќе се жалат на одлуката на судот во Северна Македонија, пренесе ,,24часа”.