Регион
Чавушоглу: Трпението на Турција со Русија „има граници“
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека трпението на Анката со Русија „има граници“ откако според негов Москва ја „предимензионирала“ реакцијата во поморскиот инцидент од неделата, пишува во понеделникот италијанскиот дневен весник Corriere della Sera, што е прва официјална реакција од турска страна.
Рускиот разурнувач „Сметливиј“ во неделата утрото бил принуден да истрела предупредувачки плотуни во северниот дел на Егејското Море за да избегне судар со турски брод „Гечицилер Балик Челик“, чијшто капетан не одговарал на претходните повици. Инцидентот се случи на 22 километри од грчкиот остров Лемнос, поради што во руското министерство за одбрана беше повикано турското воено аташе во Москва, контраадмиралот Ахмет Ѓунеш кому му беше вложен остар протест со предупредување за „можните погубни последици од несовесни дејствија“ на Анкара.
„Нашето пловило беше само рибарски чамец, се чини дека реакцијата на бродот на руската морнарица е предимензионирана“, изјави шефот за турската дипломатија Мевлут Чавушоглу во разговорот за миланска Corriere della Sera.
„Русија и Турција ќе мора повторно да ги воспостават меѓусебните односи на доверба какви што отсекогаш имавме, но нашето трпени има граници“, порачува Чавушоглу.
Инцидентот во Егејот, како и оној од понеделникот во Црното Море во кој беа повторно инволвирани пловила на двете земји, најверојатно ќе ги зголеми сериозно нарушените односи меѓу Москва и Анкара, по турското уривање на рускиот борбен авион крај сириско-турска граница минатиот месец.
Чавушглу вели дека Русија веќе се ставила во гротескна ситуација со обвинувањата на нејзиниот претседател Владимир Путин дека Турција го урнала рускиот авион за да ја заштити Исламската држава од руските воздушни напади, особено шверцувањето на нафтата на труска територија која џихадстите ја заробија во Сирија и во Ирак. „Никој во тоа не верува“, смета турскиот минсиер.
Исто така ја критикува и руската интервенција во Сирија, тврдејќи дека нејзина цел е да се подржи власта на сирискиот алавитски претседател Башар ал-Асад, а не борбата против екстремната сунитска организација Исламска држава.
„За жал, Русија во Сирија не се бори против терористите“, изјави Чавушоглу кој тврди дека наводно само 8 отсто од нејзините удари се насочени кон цели на Исламската држава, а 92 отсто против другите сунитски групи кои сакаат како Анкара да го соборат од власт Асад.
Чавушоглу, исто така, го повтори турскиот став е дека воздушните удари не се доволни да се порази Исламската држава и оти е неопходно да се вклучат и копнени сили.
Ваквото инсистирање западните сојузнички на Анкара засега го одбиваат, а тамошните коментатори сметаат дека таа е мотивирана со желбата да се сопре зацврстувањето на власта на сириските Курди кои ги населуваат областите кон границата со Турција./крајј/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ не открива дали ќе биде кандидат за премиер: „Не е време да се зборува за тоа“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека одлуката дали ќе биде кандидат за премиер треба да биде негова, како и одлука на народот кој, како што нагласи, сака промени што гарантираат стабилност и сигурност, а не хаос и промени какви што, според него, наметнуваат блокадерите.
Вучиќ ги замоли сопартијците да не зборуваат за тоа дали тој ќе биде кандидат за премиер на претстојните избори и да не шпекулираат на таа тема.
„Не е ни време ни место. Прво, тоа мора да биде моја одлука – дали се чувствувам доволно способен и дали го сакам тоа, а потоа мора да биде одлука на народот. А народот сака промени, само не сака промени какви што му наметнуваат блокадерите, туку промени што гарантираат стабилност и сигурност, а не хаос“, изјави Вучиќ во Претседателството на Србија, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се знае дали тој ќе биде кандидат за премиер на парламентарните избори.
Вучиќ рече дека е тешко да не се посака промена на некој што, како што наведе, е 14 години на власт, и дека тука не мисли само на политичките неистомисленици, туку и на оние што го поддржуваат.
„Мене ми останува само да кажам колку грешев и колку работи пропуштив да направам. Секој ден се каам што понекогаш сум се опуштил и можеби не сум работел онолку колку што требаше за да постигнеме уште подобри резултати“, рече Вучиќ, пренесе „Телеграф“.
Тој оцени дека на следните избори ќе победи оној што ќе ги убеди граѓаните дека е способен истовремено да донесе и стабилност и промени.
„Што се однесува до премиерот, ги молам сите луѓе да не зборуваат за тоа. Едноставно е, во овој момент не сакам да кажам не, затоа што секогаш оставам некаква можност“, изјави Вучиќ.
Тој наведе дека има илјада забелешки на сопствена сметка, но дека се постигнати резултати кои денес се земаат здраво за готово и повеќе не се ценат затоа што луѓето се навикнале на нив.
Истакна дека за првпат во историјата Србија има стабилен курс на динарот, а дека поранешниот гувернер на Народната банка на Србија, Дејан Шошкиќ, кој се споменува како име на студентско-блокадерската листа, го уништил динарот и му ја намалил вредноста за 50 отсто.
Вучиќ додаде дека денес Србија има и најниска стапка на јавен долг во однос на бруто-домашниот производ во модерната историја.
Регион
Хашим Тачи се соочува со 45 години затвор, обвинет е за убиства и тортура
Меѓународните обвинители за воени злосторства денес изјавија дека поранешниот косовски претседател Хашим Тачи ги контролирал етничките албански герилци и дека треба да биде прогласен за виновен за воени злосторства и да биде осуден на 45 години затвор.
Тачи и тројца други поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се обвинети за прогон, убиства, тортура и присилни исчезнувања за време и кратко по востанието од 1998-1999 година, кое на крајот донесе независност на регионот со мнозинско албанско население од Србија.
„Обвинетите извршија злосторства против своите противници за да ја преземат контролата врз Косово“, изјави обвинителката Кимберли Вест пред судот во Хаг. Таа додаде дека во 1998 и 1999 година, повеќе од 100 политички противници и наводни соработници на српските безбедносни сили биле убиени, а стотици биле злоупотребени во околу педесет логори под администрација на ОВК.
„Овој случај е за целта на четворицата обвинети да добијат и да остварат контрола врз целото Косово“, рече Вест кон крајот на речиси тригодишното судење во Специјалниот трибунал за воени злосторства за Косово со седиште во Хаг.
Тачи, кој беше премиер, министер за надворешни работи и претседател на независно Косово помеѓу 2008 и 2020 година, и другите обвинети ги негираат сите обвиненија. Адвокатите на Тачи, кои се очекува да дадат завршни зборови во среда, претходно тврдеа дека 57-годишниот Тачи немал вистинска власт над ОВК и нејзините воени команданти за време и по востанието.
Обвинителите тврдат дека Тачи и другите водачи на ОВК воделе насилна кампања против политичките противници, како и малцинските етнички Срби и Роми, со цел да преземат целосна контрола врз Косово.
Специјализираниот суд за Косово, во кој работат меѓународни судии и адвокати, беше основан во 2015 година за да се занимава со случаи на воени злосторства според косовскиот закон против поранешни герилци на ОВК. Многу Косовари веруваат дека судот е пристрасен и ги сметаат командантите на Ослободителната војска на Косово за херои кои го ослободија Косово од репресивната српска влада.
фото/ЕПА
Регион
Орбан: Клинтон побара од Унгарија да ја нападне Србија во 1999 година
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека во 1999 година, за време на неговиот прв мандат, поранешниот американски претседател Бил Клинтон побарал од Унгарија да ја нападне Србија по копно за да отвори втор фронт во екот на војната во Косово.
Орбан го изнесе ова тврдење за време на викендот на состанокот на Дигиталните граѓански кругови на Фидес во Сомбатели, пишува Телекс.
Според Орбан, Клинтон барал Унгарија да ја нападне Србија или „барем да пука во нив од Унгарија преку Војводина па сè до Белград“. Владата на Орбан, како што тврди тој, одбила, а на изричното барање на американскиот претседател одговориле со „Не, господине!“.
„Да имавме премиер тогаш кој знаеше само да каже ‘Да, господине’, ќе бевме во војна до грло“, заклучи Орбан.
Унгарскиот премиер вели дека потоа го прашал Клинтон што ќе се случи со 300.000 Унгарци што живеат во Војводина во тој случај. Тој тврди дека го предупредил и Клинтон дека на пукање од една локација се враќа со оган и го прашал: „Дали треба да дозволиме бомбардирање на Сегед, тоа е планот? Или на Ходмезовашархеј и Мако?“
Орбан рече дека се согласиле да разговараат за ова прашање лично на самитот на НАТО една недела подоцна, но тврди дека Американците никогаш повеќе не го покренале прашањето.
„Можно е да се каже ‘не’ кога имате храброст да го направите тоа“, им рече тој на присутните во Сомбатеј. Додаде дека за неколку години дипломатската историја ќе открие кои канали и информации биле користени за да се убеди американскиот претседател никогаш повеќе да не поднесе такво барање.

