Регион
Церар: Хрватска се однесува неевропски во мигрантската криза
Словенечкиот премиер Миро Церар остро ја критикуваше соседна Хрватска обвинувајќи ја дека во мигрантската криза се однесува „неевропски“ и дека реките имигранти намерно ги испраќа на границата со Словенија, како и дека комуникацијата меѓу двете земји за бегалците не постои.
Во разговорот за Словенечката телевизија во четвртокот вечерта, премиерот Миро Церар рече дека за проблемот со имигрантите во четвртокот телефонски „многу кусо“ разговарал со хрватскиот колега Зоран Милановиќ, како и дека го предупредил оти „намерното и дисперзирано“ донесување на големиот број имигранти на границата со Словенија, и „испраќањето на имигрантите во реките“ претставува „неевропско однесување“ кое може да биде опасно и во иднина да „предизвика конфликти“.
„Забележуваме дека Хрватска не се однесува европски“, рече Церар, додавајќи дека тоа во четвртокот му го објаснил на еврокомесарот за миграции Димитрис Аврамопулос кој престојуваше во Љубљана, како и дека вториот „го дели неговото мислење“.
Церар верува дека таквото однесува на Хрватска „ќе дојде до израз“ и во недела на самитот на балканските и средноевропските држави во Брисел.
Претходно во четвртокот доцна попладнето словенечката министерка за внатрешни работи Весна Ѓеркеш Жнидар соопшти дека Словенија од Европската унија побарала финансиска и материјална помош за згрижување на имигрантите, а таа и друг вид помош на Љубљана ѝ понудила Италија, Австрија и Германија, како и земјите од ткн Вишеградска група, односно Унгарија, Чешка Словачка и Полска.
Жнидар по средбата со Аврамопулос рече дека на Словенија ѝ е понудена и помош Фронтекс, но оти тоа не би го решило проблемот од неконтролираното влегување на имигрантите во Словенија, туку дека Фронтекс би требало да биде упатен во Хрватска како надворешна границата на Европската унија, како и во Грција и да се контролира приливот на имигрантите од Турција.
Словенечките телевизии и во петокот претпладнето продолжија со емитување на драматични сцени со имигрантите на границата со Хрватска, кои сé уште не влегле во словенечките центри за прифаќање, меѓу кои има многу жени и мали деца, како и изјави на словенечки лекари дека имигрантите се многу исцрпени и многумина се дехидрирани и гладни, премрзнати и со вируси и други болести.
Директорот на словенечката полиција, Марјан Фанк, изјави за Словенечката телевизија дека Хрватска не го почитувала договорот постигнат во средата во Виена меѓу директорите на полициите на Австрија, Словенија и Хрватска, за подобра комуникација во мигрантската криза, туку токму спротивно на границата со Словенија ноќта кон четвртокот испратила без најава досега најголем број имигранти и токму „на местата на кои не очекувавме“.
Словенечките хуманитарни организации ги продолжуваат апелите до граѓаните и компаниите да донираат пари, облека, обувки и ќебиња, бидејќи досегашните резерви се исцрпени.
Од друга страна, словенечките медиуми најавуваа дека ќе продолжи доаѓањето на голем број имигранти преку Грција којашто не го контролира приливот, а исто така, дека ќе биде побрзо темпото на пристигнување бидејќи во Србија од неодамна повеќе не се задржуваат привремено во Белград, туку директно одат на границата со Хрватска./крај/мф/сн
Извор: Hina/STA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

