Регион
Дачиќ: Дамка на односите со Скопје и Подгорица поради поддршката за членство на Косово во УНЕСКО
Гласањето на Црна Гора и на Македонија во Извршниот совет на УНЕСКО Косово да биде член на оваа организација, ќе се одрази на односите на Белград со Подгорица и Скопје, порача во петокот шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.
„Ќе остане дамка на односите. Бидејќи Црна Гора и Македонија не гледаат на нас како на приоритет, ниту тие нема да претставуваат тоа за нас“, рече српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ одговарајќи на прашања на студентите од Факултетот за политички науки каде се одржа трибината „Позицијата на Србија во меѓународните односи“, пренесува агенцијата Танјуг.
Според оцената на Дачиќ, прашањето на членството на Косово во УНЕСКО не е исто како и прашањето за членство во Меѓународниот олимписки комитет, бидејќи „едно е туркањето на токата, а други се Дечани“, алудирајќи на српскиот средновековен манастир во поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија, каде албанските власти во Приштина во 2008 година еднострано прогласија независност.
Шефот на српската дипломатија притоа се запраша како е можно соседните земји да не прават разлика меѓу она што е важно са Србија и некои потези со коишто, како што смета, сакаа да му испратат порака на Западот.
„Ќе имаат и тие некое барање во меѓународните организации, коешто ние нема да го поддржиме“, порача Дачиќ.
Истакна, меѓу другото, дека Србија мора да го прифати фактот дека е мала земја и да биде свесна за нејзината позиција во светот, но дека „мора да ја зајакне својата надворешна политика и меѓународна позиција“.
„Србија мора да се движи кон својата цел, а тоа е Европската унија, ослободена од илузиите и митовите за својата величина, но мора да знае и што е нејзиниот државен интерес“, продолжи Дачиќ истовремено оддавајќи ѝ признание на дипломатијата на некогашна Југославија. Но, рече дека не пати по Тито и поранешната Југославија, туку жали поради тоа што Србија „нема таква надворешна политика“, поради која некогашната држава била почитувана./крај/мф/сн
Извор: Танјуг
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

