Регион
Додик не добил американска виза за инаугурацијата на Трамп
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјавил дека американската амбасада во Босна и Херцеговина (БиХ) му го одбила барањето за дипломатска виза за да може да присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на 20-ти јануари во Вашингтон, пренесува РТРС.
Додик навел дека објаснувањето за таквата одлука на американската амбасада било дека „тој таму нема да оди како претставник на БиХ“. „Тогаш зошто ми служи дипломатскиот пасош на БиХ?“, запрашал Додик и додал дека не ја исклучува можноста да се откаже од пасошот, како и дека е сѐ поизвесно дека во следната година ќе патува со својот српски пасош.
Претседателот на Република Српска нагласил дека поканата ја добил од луѓето кои биле од изборниот штаб на Трамп, а кои се дел и од тимот кој се бави со транзицијата од претходната во новата американска администрација. Тој навел дека акредитациите сега го чекаат во Вашингтон, но дека за жал нема да може да биде таму.
Додик за РТРС исто така детално го раскажал телефонскиот разговор кој минатата година го имал со американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Ји, кој од него барал да се откаже од политиката на својата партија СНСД (Сојуз на независни социјалдемократи) и да одговори на повиците на Обвинителството на БиХ. Според Додик, сето ова било „хајка во режија на американската амбасадорка во БиХ, Морин Кормак“.
„Целата хајка настана од моментот кога на официјалниот список се најде името Милорад Додик и секако сертификатот на кој пишува Милорад Додик и поканата за настанот“, рекол тој. РТРС пренесува дека Ји во телефонскиот разговор го обвинил Додик за застојот на БиХ на патот кон ЕУ и побарал СНСД да се откаже од декларацијата во врска со процесите во 2018-та година.
„Јас реков дека за тоа што БиХ е во криза највеќе е виновна старата американска администрација и побарав сами да ја напуштат БиХ и повеќе да не се мешаат. Реков и дека СНСД нема да се откаже од својата политика. Ден откако го имав тој разговор мене ми беше одбиена американската виза со објаснување дека таму нема да одам како претставник на БиХ“, рекол Додик./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

