Регион
Ердоган размислува за референдум за преговорите со ЕУ
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја спомена можноста Турција да организира референдум за тоа дали ќе ги продолжи пристапните преговори со Европската унија, сличен на референдумот кој во четвртокот се одржува во Велика Британија.
Остро критикувајќи ја Европската унија, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган рече дека Анкара може да организира референдум сличен на оној кој го одржуваат Британците на кој ќе решат дали ќе излезат или ќе останат во 28-члениот блок,
„Можеме да го консултираме народот, како што тоа го прават Британците“, рече Ердоган во говорот во средата ноќта, во текот на ифтар вечерата по прекинот на целодневниот рамазански пост, пренесува агенцијата Anadolu.
„Прашањето ќе гласи: Треба ли да ги продолжиме преговорите со ЕУ или да ги прекинеме“, рече турскиот претседател обвинувајќи ја ЕУ дека „не ја сака Турција бидејќи е муслиманска земја“.
„Зошто толку одолжувате?“, ја запраша Ердоган Унијата, додавајќи дека Анкара е разочарана од тоа што процесот со години стои во место.
Турција ја поднесе кандидатурата за полноправно членство во Европската унија уште во 1987 година, а од 2005 година преговорите западнаа во ќорсокак, поради низата проблеми од двете страни, и незаинтересираноста на главните европски земји.
Турција ги започна преговорите за пристапување кон ЕУ во 2005 година. Досега се отворени 14 од 33 поглавја, а само едно е привремено затворено. ЕУ во декември 2006 година одлучи дека нема да ги отвори преговорите во осум поглавја и дека нема да затвори ниедно поглавје додека Турција не ги нормализира односите со Кипар.
Повеќе европски челници, во прв ред британскиот премиер Дејвид Камерон, но и германската канцеларка Ангела Меркел, истакнаа дека турското членство „не е на дневниот ред“ и дека е „отворен исходот“ од тие преговори. Преземајќи ја должноста претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер ја исклучи можноста од какво и да е проширување на Европската унија до 2020 година.
Изјавите на Ердоган доаѓаат во периодот кога Турција и ЕУ на 30-ти јуни треба да отворат ново поглавје во пристапните преговори во врска со буџетските прашања, што е една од отстапките за контроверзниот мигрантски договор меѓу Брисел и Анкара потпишан во март, дознава AFP од европски дипломатски извори./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

