Регион
Филе ја повика опозицијата во Албанија да се врати во Парламентот
Еврокомесарот за проширување Штефан Филе во понеделникот во Тирана побара од албанската опозиција да се врати во Парламентот, додавајќи дека партиите на власт и опозицијата мора да сфатат дека политичкиот дијалог е неоходен за интеграцијата на земјата во ЕУ.
Филе на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама истакна дека посетата на папата Франциск на Тирана потврдила дека во земјата верската толеранција е на високо ниво, а таквата клима треба да се примени и меѓу политичката класа.
Филе воедно побара од владата во Тирана да ги преземе сите мерки за соработка и дијалог со опозицијата, во интерес на развојот и интеграциите во Албанија.
Еврокомесарот за проширување, исто така, оцени дека владата мора да ги спроведе сите реформи кои се бараат од ЕУ. Премиерот на Албанија, Еди Рама, истакна дека неговата влада е подготвена да ги спроведе сите барања на опозицијата, но додаде дека за тоа таа треба да биде во парламентот и парламентарните комисии.
Албанската опозиција, која е предводена од Демократската партија, повеќе месеци ја бојкотира работата на Собранието на Албанија, нагласувајќи дека власта предводена од социјалистите не ги почитува законите и политичкиот дијалог за клучните прашања во земјата./крај/мф/мн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
38-годишен маж претепан до смрт во Белград: „Жртвата има ужасни повреди на лицето“
Припадници на белградската полиција ги уапсија С.Р. (40) и В.С. (46) под сомнение за сторено тешко убиство, додека интензивно се бара уште едно лице. Тие се осомничени дека претепале до смрт 38-годишен маж во напуштена зграда во Белград. Телото беше пронајдено вчера наутро, објавува Нова.рс.
Според првичните информации, мажот починал од повеќекратни удари нанесени со тапи предмети по целото тело. Се сомнева дека жртвата била претепана со стап и шипка.
„Жртвата има ужасни повреди на лицето, главата и телото, кои најверојатно се нанесени од тврд предмет. Во куќата се пронајдени метална шипка и дрвена палка, кои форензичките експерти ги зедоа од местото на настанот за испитување. Се сомнева дека човекот бил претепан до смрт со овие предмети“, вели извор запознаен со случајот, додавајќи дека убиството веројатно се случило 24 часа пред да биде пронајдено телото.
На уапсените осомничени им е одреден притвор до 48 часа.
Регион
Црна Гора се поблиску до Европската Унија: познат е можниот датум за влез
Црна Гора го доби својот најповолен извештај за напредокот во европската интеграција откако ги започна преговорите за пристапување со Европската Унија. Европската комисија, во документ презентиран во Брисел во вторник, изјави дека земјата постигнала значителен напредок и дека би можела да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година ако го задржи сегашното темпо на реформи, објави ДВ.
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, изјави дека Црна Гора е „најподготвена за членство во ЕУ од сите земји-кандидатки“, нагласувајќи дека проширувањето на Унијата е реална можност во наредните години.
Комесарот за проширување, Марта Кос, додаде дека се приближува времето кога Брисел ќе започне со подготовките за склучување на Договор за пристапување со Црна Гора.
Црна Гора минатата година затвори четири преговарачки поглавја, а планира да затвори уште до крајот на годината. Европската комисија нагласува дека е клучно да се одржи стабилен напредок во реформите и политичкиот консензус, за да може процесот на преговори да се заврши до крајот на 2026 година.
Амбасадорот на Европската Унија во Црна Гора, Јохан Сатлер, го нарече ова „најдобриот извештај на Европската комисија за Црна Гора досега“, но предупреди дека следните 14 месеци ќе бидат клучни, особено во зајакнувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Премиерот Милојко Спајиќ рече дека ова е најпозитивниот извештај досега, нагласувајќи дека Црна Гора постигнала напредок во 18 од 33 преговарачки поглавја. „Ги гледам препораките од Брисел како патоказ за Владата и Парламентот“, рече тој.
Германскиот амбасадор Петер Фелтен оцени дека Црна Гора „постигнала значителен напредок во сите поглавја“ и дека препораките се силен водич кон исполнување на преостанатите услови за членство.
фото: принтскрин
Регион
Девојка нападнала полицаец со нож во Белград, тој ја застрелал во ногата
Во центарот на Белград, пред полициската станица Савски Венац, рано утрово околу 4 часот, 24-годишна државјанка на Босна и Херцеговина со нож нападнала полицаец на должност, кој потоа ја ранил во ногата, дознава српски Телеграф.
Според српските медиуми, инцидентот се случил на влезните скали на станицата. Полицаецот прво се обидел да избегне повеќекратни напади и да ја совлада девојката, но таа не се откажала од нападот и покрај неговите предупредувања. За да се одбрани, полицаецот бил принуден да го употреби службениот пиштол и ја застрелал во ногата.
Девојката е однесена во болница
Девојката по инцидентот веднаш била однесена во Военомедицинската академија (ВМА). Според првичните информации, таа е свесна, комуникативна и претрпела повреда на долниот екстремитет. Полицијата спроведе истрага на лице место. Мотивот за нападот врз службеното лице засега е непознат и ќе се утврди за време на детална истрага што ќе ја спроведат надлежните органи.

