Регион
Исламистички портал го слави убиството на војниците во БиХ и повикува на насилство
Интернет порталот Vijesti ummeta, кој ги промовира радикалните исламистички групи и поттикнува на тероризам, во четвртокот го слави убиството на двајцата припадници на вооружените сили на Босна и Херцеговина од средата вечерта во Сараево и повикува на слични насилни акции.
На овој и од претходно озлогласен портал во текот на четвртокот е објавен текст под насловот „Почна – убиени двајца војници на БиХ, а неколку ранети, фала му на Алах“.
„Ве предупредувавме дека низ Европа ќе тече крв, а особено во Босна и дека она што доаѓа е полоши и погорчливо. И ете го, се случи, убиени се двајца валкани војници кои се бореа за национализам… и бранеа држава и влада коа не им донесоа никакво добро. Убиени се двајца војници од кои еден е Србин, вистински неверник, а другиот Бошњак, муртед (отпадник од верата – з,р,)“, се наведува во текстот.
По изобилството од говор на омраза, се наведува и дека ова претставува само почеток на крвопролевањето „по валканите улици“ во БиХ и во цела Европа.
Се повикуваат муслиманите во БиХ да им се придружат на терористичките акции и да продолжат со убивање на „неверниците“, каде и да ги сретнат.
Порталот Vijesti ummeta, според информациите на Министерството за безбедност на БиХ се појавува на интернет од еден сервис кој е регистриран во американската сојузна држава Џорџија.
Според некои сараевски медиуми, финансиер на овој портал е некојси Неџан Кучевиќ Балкан, приврзаник на вехабитското движење, кое има бројни и верни следбеници во БиХ кој живее во Виена.
Некои информации, пак, говорат дека доменот е регистриран во Саудиска Арабија и е на име на Абдулах Абдурахман, за кого никој не знае ништо. Според неофицијални информации, екипата која работи за босанскиот портал има седиште некаде во Санџак во Србија.
И покрај најавите дека тој ќе биде згаснат, тоа сé уште не се случи.
Во август годинава Државната агенција за истраги и заштита (SIPA) соопшти дека презела мерки во своја надлежност во однос на порталот. Досега не е откриено кој стои зад босанскиот портал кој ја пропагира радикалната екстремна групација Исламска држава кој со години шири омраза и повикува на тероризам./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.