Регион
Истанбул го добива и петтиот премин преку Босфорот
Истанбул до крајот на годинава ќе го добие петтиот премин преку Босфор, а деновиве во мегалополисот со голема брзина се привршуваат последните градежни работи на тунелот „Аврасја“ („Евроазија“) кој треба да биде свечено пуштен во употреба на 25-ти декември. Со овој нов премин под теснецот Босфор времетраењето на патувањето меѓу европскиот и азискиот брег на градот на трасата со најгуст сообраќај, од 100 минути ќе биде смалено на 15 минути.
Тунелот започнува во европскиот дел на градот кај Јеникапија и завршува во Ѓозтепе во азискиот дел на градот. Инвестицијата вреди 1 милијарда 245 милиони 121 илјада и 188 американски долари и проектот ќе биде даден на концесија на градителот во траење од 24 години и пет месеци.
Вкупната должина на целиот проект изнесува 14,6 километри од кои 5,4 километри припаѓаат на тунелот под морето. Делот од 5,4 километри кој припаѓа на двокатниот тунел е изграден со посебна технологија, а должината на патиштата на двата краја од тунелот е 9,2 километри. Тунелот е проектиран да издржи земјотрес од 9 степени и ќе биде отпорен на цунами.
Министерството за сообраќај, поморство и комуникации на Република Турција и Дирекцијата за инфраструктурни инвестиции го задолжија претпријатието „Аташ“ за проектирање, изградба и менаџирање на тунелот „Аврасја“. Проектот се наоѓа 1,8 километри јужно од подземната железница под Босфор – „Мармарај“, со проширување на приклучните патишта од 6 на 8 ленти и реновирање на старите сообраќајници на двата брега од градот ќе се обезбеди пофлуентен градски сообраќај во метрополата.
Проектот со ова претставува еден од најзначајните инвестиции за решавање на сообраќајните проблеми на турската престолнина. Според предвидувањата, проектот кој ги опфаќа изградбата на тунелот и проширувањето на делниците ќе одигра голема улога во растоварувањето на сообраќајот во целина во метрополата, освен тоа што патувањето од 100 ќе се намали на 15 минути и ќе биде многу покомфорно, други придобивки од проектот се намалувањето на звучното и еколошко загадување. Во тунелот ќе има и непрекинат пристап на интернет и телефонска комуникација.
Изведувачи на работите на проектот се турската фирма „Јапи меркези“ и корејскиот конзорциум СК. Проектот „Тунел Аврасја“ се состои од три дела – европски дел, во кој се проширија постојните делници и беа изградени подземни премини, потоа двокатниот тунел преку преминот Босфор и делот на азискиот брег кој има две клучки и надвозни премини за пешаци.
Тунелот е двокатен и се состои од по две ленти одредени за сообраќај на автомобили и минибуси, а ќе биде затворен за товарни возила и пешаци. Цената за премин на возилата ќе биде околу 4 долари за автомобили и 6 долари за минибуси. Најдлабоката точка под која се наоѓа тунелот е 106 метри под морската површина или 55 метра под морското дно, а неговата најблиска точка до морското дно е 27 метри.
Во изградбата на тунелот била употребена машина за отворање тунели дизајнирана специјално само за овој проект, која со притисок од 11 бари е втора машина во светот. Тунелот со пречник од 13,7 метри е петти по ред тунел по широчина во светот.
Престижното светско списание од областа на градежништвото Енџиниринг Њус Репорт (Engineering News Report) во категоријата „тунели и мостови“ го прогласи тунелот „Аврасја“ за „најдобар проект во 2016 година на светско ниво“.
На 8-ми октомври годинава претседателот на државата Реџеп Таип Ердоан во придружба на премиерот на Турција Бинали Јилдирим и министерот за сообраќај, поморство и комуникации Ахмет Арслан, со службено возило прв го помина тунелот по што изјави „Денес го направивме последниот тест на уште еден историски проект на Турција“./крај/мф/аак
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Српските патници кои беа евакуирани од Дубаи: „Ни рекоа за 15 минути да се спакуваме“
Авион на „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати со 200 државјани на Србија слета утрово во Белград. Тоа е првиот лет кон Србија по прекинот на летовите поради тензиите на Блискиот Исток.
Како што пренесе РТС, една патничка која утрово слетала во Белград патувала од Кенија преку Дубаи. Таа изјавила дека околу три часа ги „држеле горе на небото“, по што слетале.
Двојка од Бачка Паланка допатувала од Малдивите.
„Слетавме во Дубаи и патувањето требаше да продолжи понатаму. Авионот полета, кружеше некое време и повторно се врати на аеродромот во Дубаи од безбедносни причини. Во меѓувреме се случи тоа што се случи со Иран“, изјавиле патниците за РТС.
На прашањето дали почувствувале страв, тие одговориле дека не.
„Не, бевме сместени во еден хотел кој е на околу 20 километри од центарот на градот, така што слушнавме некои детонации, но не се плашевме, имавме прекрасна група“, велат тие.
„Прво се јавивме во нашата амбасада, која направи список на патници што се најдоа на аеродромот во Дубаи, дури и амбасадорот нè посети во хотелот и му благодариме за тоа. Имавме идеални услови во хотелот и чекавме да нè известат за враќањето, а буквално ни беше кажано за 15 минути да се спакуваме“, навеле патниците.
Регион
Авион од Дубаи слета во Белград, евакуирани 200 српски државјани
Авион од Дубаи со 200 српски државјани слета денес во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток.
Првиот авион со 200 патници полета од аеродромот во Дубаи синоќа, објави Радио телевизија Србија (РТС).
Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по суспензијата на воздушниот сообраќај, полетал околу 23:30 часот по централноевропско време.
Авионот е Боинг 737 MAX 8, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата „Флајдубаи“.
Во меѓувреме, авиокомпанијата Емирати објави дека го продолжува сообраќајот со реализација на ограничен број летови.
„Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови ќе бидат контактирани директно од компанијата Емирати“, се вели во соопштението.
Компанијата ги повика патниците да не доаѓаат на аеродромот освен ако не бидат однапред известени, додавајќи дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.
Летовите беа откажани поради американско-израелската воена кампања започната во саботата против Иран, во која загинаа неколку високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи.
Како одговор, Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз неколку земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени објекти.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

